Денес започнува единаесеттото издание на „Букстар“!

Фестивалот за европска литература „Букстар“ (BookStar) повеќе од една деценија ја слави европската, но и домашната книжевност, па така и оваа година програмата е разновидна, со настани за сечиј вкус. Официјалното отворање на фестивалот започнува денес, во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје, со почеток во 19.30 часот, а фестивалот ќе трае до 2 октомври.


Годинашниот фестивалски слоган гласи „За писателцките работи“, а својот корен го има во делото на Крсте Мисирков (1874 – 1926), во пресрет на јубилејот сто години од неговата смрт (2026). Како што наведуваат од „Антолог“ на нивната веб-страница:

„И не е случајно што на почетокот од новиот милениум Мисирков беше прогласен за најзначајната јавна личност на XX век, додека „За македонските работи“ се смета за една од најважните книги кога било напишани и објавени на македонски јазик. Поради сето ова, „BookStar“ во фокусот на својот интерес годинава ја става токму домашната литература и предизвиците со кои таа се соочува. Слоганот е непосредно инспириран од делoто на Мисирков, а индиректно од неговите ставови и начинот како ги претставува и елаборира. Тој не само што поставува основи на македонскиот јазик и современата македонска книжевност, како и на културната и националната самосвест, туку и прикажува интелектуален и пишувачки габарит каков што ретко сме виделе во нашата средина. Повикувајќи на темелно преосмислување на наследените вредности и заговарајќи пресврти преку културна преродба, Мисирков е своевиден „репер“ што треба да го следи описот на интелектуалецот без оглед на припадноста: храброст, визионерство, (р)еволуционерство и бескомпромисност. Со малата лексичка и семантичка преобразба на насловот на неговата книга, слоганот го пренесува акцентот од етничките и општествените прашања кон творечките и книжевните процеси, односно „работите“ што се клучни и значајни за уметноста на пишувањето и во Македонија и во Европа.“

Годинава во фокусот се и домашните писатели, па публиката ќе има можност да чуе различни дискусии и разговори со Калина Малеска, Блаже Миневски, Александар Прокопиев, Ермис Лафазановски, Владимир Мартиновски, Оливера Ќорвезироска, Жарко Кујунџиски, Михајло Свидерски, Дијана Петрова, Иван Шопов, Сања Михајловиќ-Костадиновска, Иван Антоновски… Голем дел од дискусиите ќе се фокусираат на актуелни теми од книжевноста, особено оние од македонската книжевност, а овие дискусии за неопходни за придвижување на македонската книжевност и нејзиниот развој.

Годинава наградата „Букстар“ ќе биде доделена на книгата „Опаш во устата“ на Блаже Миневски, а на последниот ден од фестивалот ќе се додели наградата „Драги“ за најдобар книжевен превод на македонски јазик за 2025 година, кога и ќе го дознаеме победникот/победничката.

Како што е веќе обичај и оваа година на „Букстар“ гостуваат светски имиња од светот на книжевноста, па македонската публика ќе има можност да ги види Петра Клабоухова (Чешка), Серај Шахинер (Турција), Шоле Резазаде (Холандија/Иран), Онджеј Штиндл (Чешка), Мајнхард Раухенштајнер (Австрија) и Ахмет Умит (Турција).

Главните настани ќе се одвиваат во Културно информативниот центар во Скопје, меѓутоа дел од програмата ќе се одвива и на други локации.

Во своето соопшение, „Антолог“ додаваат:

„За писателцките работи“ е повик кон разговор за суштината на пишувањето, за одговорноста и слободата на авторот, но и за интимната, често невидлива, работа која стои зад секое напишано дело и која понекогаш носи судбински промени за писателот и за средината во која создава. Слоганот е мост меѓу традицијата и современоста, меѓу македонскиот Дон Кихот и денешната европска книжевна сцена како „melting pot“, создавајќи контекст во кој читателите ќе можат да ја доживеат литературата во еден жив, актуелен, моќен и ангажиран чин.“

Целосната и детална програма можете да ја разгледате на официјалната веб-страница на „Букстар“, а за повеќе информации следете го официјалниот настан за фестивалот на Фејсбук, како и профилите на Антолог на социјалните мрежи (Фејсбук и Инстаграм).

Leave a comment