Како Труман Капоти стана поучен пример за културата на славните личности?

Труман Капоти е легендарна живописна личност од американската книжевност, најпознат по неговите дела „Ладнокрвно убиство“ и „Појадок кај Тифани“. Но, освен по неговото пишување тој бил познат и по тоа што немал „влакна на јазикот“ и често кажувал провокативни нешта и правел контроверзни работи. Денес на блогот прочитајте еден интересен текст Дени Хејтман за National Endowment for Humanities во кој тој ја разложува комплицираната личност на Капоти, но и зошто читателите и после толку време сè уште се навраќаат на неговите дела.

(извор: Gilbert TOURTE//Getty Images)

Во живот што траеше речиси шест децении, Труман Капоти пишуваше приказни што и денес постојано можат да се најдат на полиците во книжарниците и постојано се реобјавуваат. Кратката приказна „Божиќно сеќавање“ е божиќен класик, а неговиот популарен роман, „Појадок кај Тифани“, е појдовна точка за младите, немирни души што се обидуваат сами да се снајдат во големиот град. Нарацијата за вистински криминал на Капоти, „Ладнокрвно убиство“, подоцна се претвори во блокбастер филм и ги постави основите и стандардите на нов книжевен жанр, „нефиктивен роман“. Но, откако почина во 1984 година, еден месец пред неговиот шеесетти роденден, делата на Капоти не беа првото нешто за кое размислуваше конзервативниот колумнист Вилијам Ф. Бакли Џуниор.

Бакли наместо тоа се присети на посетата од 1976 година на снимањето на мистериозниот филм на Нил Сајмон, „Убиство со смрт“, во кој Капоти го играше ликот на Лајонел Твен, жртва на убиство. Заплетот, во кој многумина го посакуваа најлошото за Твен, изгледаше како ироничен случај на уметност што го имитира животот.

Кратко пред „Убиство со смрт“ да влезе во продукција, Капоти објави дел од „Одговорени молитви“, неговиот недовршен роман, во списанието „Ескваер“. „Тоа дело го прекина и уништи социјалниот живот на Труман Капоти толку решително како што џелатот му ја турка подземната врата на обесениот“, им рече Бакли на читателите. „Брилијантно и со задоволство ги собра сите грди факти и гласини за њујоршките брилијантни личности што Труман Капоти, во годините познавајќи и дружејќи се со нив, ги собирал. На почетокот изгледаше изненаден што старите пријатели ја спуштаа слушалката кога тој се јавуваше, а другите се трудеа да го избегнат. И така тој се засолни во алкохол и апчиња, апчиња и алкохол.“

Бакли беше чудно предвидлив во фокусирањето на Капоти како филмско суштество, бидејќи повеќе од три децении по неговата смрт, контроверзниот автор им стана познат на помладите Американци првенствено преку два биографски филма, „Капоти“, кој излезе во 2005 година и „Озогласен“ кој излезе во 2006 година.

Овие филмови, во кои Филип Сејмур Хофман и Тоби Џонс одиграа совршени портрети на Капоти, го евоцираа човекот што оние од претходната генерација веднаш го препознаа како бонвиван на социјалната сцена во Готам и кругот на ток-шоуа на кабелската телевизија. Постојаното присуство на Капоти на националната сцена во 60-ти и 70-ти години на 20 век беше живописно и незаборавно.

Со висина од околу 160 сантиметри, тој изгледаше како екстравагантен женствен гоблин, а неговото мало тело и остар јазик најдобро се сумирани од неговата сопствена проценка: „Јас сум висок колку пушка, а исто толку сум и бучен“. Пискавиот глас, исто така, беше како совршен за пародија и беше честа инспирација за комичарите, особено оние што изведуваа имитации на други луѓе. „Гор Видал велеше дека него може да го разберат само кучињата“, рече писателот Џорџ Плимптон. „Гор не го сакаше многу Труман“.

Водителите на телевизиски емисии му се „додворуваа“ на Капоти затоа што беше надарен раскажувач на кој секогаш можеше да се смета дека ќе каже нешто провокативно. Кога не разговараше за својата омилена тема, себеси, Капоти наоѓаше виновно задоволство да ги „треска од земја“ сите останати.

Во една прилика, популарната телевизиска ѕвезда Дајна Шор го запрашала: „Дали некаде прочитав дека си рекол дека сите актер(к)и се глупави?“

„Претеруваш“, одговори тој. „Реков дека повеќето актер(к)и се глупави“.

Можеби неговата најпозната „рафална стрелба“ со зборови се однесува на неговата критика на писателите од Бит-генерацијата. Тоа „воопшто не е пишување“, рече тој сосема рамнодушно. „Тоа е типкање на машина за пишување“.

Како своевиден современ Оскар Вајлд, Капоти уживаше во концизниот добро избран збор. „Дали мислите дека тие забелешки можат да бидат книжевност?“ го прашал новинарот Лоренс Гробел. „Не“, одговорил тој, „но можат да бидат уметност“.

Интервјуата на Гробел, собрани во „Разговори со Капоти“, ја потврдуваат идејата на авторот дека говорот, правилно обликуван, може да биде форма на театар. На секоја страница има анегдоти. Капоти зборува за детските авантури кога фаќал крапчиња со голи раце. „Се наведнував и ги кревав“, му кажува тој на Гробел. „Ми беа како мачиња“. Се сеќава дека Елвис Присли му приредил вечера, „единствената вечера за која некогаш сум слушнал дека ја приредил, во Лас Вегас“. И раскажува како три часа бил држен настрана од глутница добермани додека ја посетувал филантропката Дорис Дјук.

Репутацијата на Капоти како ненаметлив раскажувач, всушност, била резултат на внимателно вежбање. Според Плимптон, тој составувал список со приказните што планирал да ги раскаже пред да ги посети обожавателите. „Тој навистина се трудел да ги забавува“, рекол Плимптон.

Дали приказните биле вистинити е друго прашање. „Тој бил позната личност, но бил и шармантен лажго“, додаде Плимптон. „Секогаш чувствувал дека ако нешто не се случи на одреден начин, тогаш би требало да се случи така“.

Капоти, оној кој е прикажан на големото платно, оној кој е прикажан како верзија на гостин во ток-шоу кој живее разигран полуживот на ЈуТуб, нè поканува да го сметаме пред сè за лик – внимателно конструирана слика што повеќе изгледа како маска отколку како човек.

(извор: Mental Floss)

Но, надвор од неговата позиција како чудо од поп-културата, што е со творештвото што го оставил Капоти зад себе? Неговото најочигледно издигнување и книжевно наследство за идните генерации е „Ладнокрвно убиство“, неговата книга од 1966 година за убиството на едно фармерско семејство од Канзас, семејството Клатери, во 1959 година, и апсењето, осудата и погубувањето на виновниците, Ричард Хикок и Пери Едвард Смит.

Иако Капоти ја промовираше книгата како „беспрекорно фактичка“, откритијата во последните години го доведоа тоа тврдење во прашање. Во 2013 година, новинарот на „Волстрит џурнал“, Кевин Хеликер, објави докази дека Капоти ја искривил хронологијата на полициската истрага за да го подобри угледот на адвокатот од Канзас, Алвин Дјуи Џуниор, кој на Капоти му дал невиден пристап додека се одвивал случајот. Во последователна сторија објавена во 2017 година, Хеликер објави дека Капоти не ја ни споменал идејата на Хикок да напише своја книга за убиствата – план што Капоти очигледно го смислил за да спречи каква било конкуренција на „Ладнокрвно убиство“. Други писатели открија и други несовпаѓања.

Флексибилниот став на Капоти кон фактите не е изненадувачки, бидејќи неговите сопствени описи на неговите методи веднаш ги вклучуваат црвените сирени. „Новинарството… никогаш не може да биде целосно чисто – ниту пак фотоапаратот“, напиша тој во „Кучињата лаат“, збирка од неговите репортажи од 1973 година, „зашто на крајот на краиштата, уметноста не е дестилирана вода: личните перцепции, предрасудите, чувството за селективност ја загадуваат чистотата на вистината чиста како солза“.

Вреди да се има предвид неговото признание дека новинарството никогаш не може да ја достигне „вистината чиста како солза“, но вистинското прашање ја вклучува желбата на Капоти да биде што е можно поточен. Во врска со ова, неговото интервју за „Њујорк тајмс“ со Плимптон за техниките што ги користел за „Ладнокрвно убиство“ се покажува поучно. Тој споменува дека не користел ниту касетофон ниту тетратка за време на интервјуата со неговите субјекти, пристап прифатен од други писатели од новата школа за ново новинарство од 60-тите години на 20 век, која се стремеше да ги примени техниките на книжевната белетристика во хронолошките настани од реалниот живот. Капоти тврдеше дека таквите алатки би можеле да се мешаат „во комуникацијата помеѓу авторот и субјектот“ затоа што „се поттикнува недоверлива претпазливост“.

Наместо тоа, Капоти се потпирал на помнењето. „Почнав да тренирам, за потребите на ваков вид книга, да го запишувам разговорот без да користам касетофон“, му рекол Капоти на Плимптон. „Го направив тоа така што еден пријател ми читаше пасуси од книга, а потоа ги запишував за да видам колку блиску можам да дојдам до оригиналот. Имав природна способност за тоа, но откако година и пол ги правев овие вежби, по неколку часа на ден, можев да стигнам до 95 проценти прецизност, што е најблиску што ви треба.“

Прифаќајќи ја приближната точност како доволно добра, Капоти веќе се наоѓал на лизгавата патека што заврши, можеби неизбежно, со пропусти што сега го нарушуваат угледот на „Ладнокрвно убиство“.

Сепак, преживеаните детали од „Ладнокрвно убиство“ се сериозен пример за силните страни на Капоти во доловувањето на атмосферата. Во пасусот подолу, тој опишува како Смит го поминувал времето зад решетки додека едно годишно време го отстапувало местото на следното годишно време:

Помина еден месец, а потоа уште еден, и речиси секој ден врнеше снег. Снегот го избелуваше пченично-кафеавиот предел, ги полнеше улиците на градот, ги смируваше.

Највисоките гранки на брестот исполнет со снег го допираа прозорецот од ќелијата на жените. Верверичките живееја на дрвото и, по недели искушување со остатоци од појадок, Пери намами една од гранката на прозорецот и низ решетките. Тоа беше машка верверичка, со костенливо крзно. Го нарече Црвен, а Црвен наскоро се смести, очигледно задоволен да го сподели заробеништвото на својот пријател.

Како се појави таква перспектива на „мува на ѕидот“ од писател чиј шарен јавен живот толку често го ставаше во преден план? Некои индиции лежат во „Божиќно сеќавање“ на Капоти, поетски трогателна празнична приказна заснована на неговото детство на Југот за време на Големата депресија и првпат објавена во 1956 година.

Како дошол да живее во домаќинството од „Божиќно сеќавање“ е приказна сама по себе. „До моментот кога се родил, во Њу Орлеанс на 30 септември 1924 година, бракот на неговите родители бил завршен на секој можен начин освен на хартија. Неговата мајка, Лили Меј, убавица од мало гратче, си тргнала по својот пат, а неговиот татко, Арч Персонс, шармантен, но неодговорен интригант, тргнал по својот“, пишува биографот Џералд Кларк. „Голем дел од своето детство, Труман бил воспитуван од истите братучеди на средна возраст кои ја одгледувале неговата мајка сираче: три стари братучетки и нивниот брат ерген во малото гратче Монровил, Алабама. Иако никогаш не му недостигала грижа, тоа рано напуштање од неговите родители оставило емоционална рана што останала отворена до денот кога починал.“

Една од братучетките, роднина по име Нани Рамбли Фолк – со прекар Сук – станала придружничка на Капоти, негова партнерка во светот на имагинацијата кој, како што тој раскажува, често бил следен од построги, помалку простувачки возрасни. „Други луѓе живеат во куќата, роднини; и иако тие имаат моќ над нас и често нè тераат да плачеме, ние, во целина, не сме премногу свесни за нив“, пишува Капоти во „Божиќно сеќавање“.

За да одржи примирје со сите други, Сук и нејзиниот млад придружник ги заобиколуваат рабовите на секојдневниот домашен живот – смислуваат весели заговори во аголните соби, бараат домашни богатства во шумата, се препуштаат на тивки разговори додека остатокот од кланот спие. Сосема е можно Капоти баш тука да ги развил вештините на сублимација што му овозможиле да се вклопи во позадината и да го бележи своето набљудување. Неговото чувство за живот на маргините сигурно било засилено во подоцнежните години со тоа што бил геј во време кога хомосексуалноста била табу.

„Божиќно сеќавање“ исто така соодветно го изразува препознатливиот книжевен стил на Капоти. Џоан Карсон, неговата долгогодишна пријателка која била со него на крајот од неговиот живот, рекла дека Капоти тврдел дека оваа приказна е неговото најсовршено дело.

Во овој пасус, Сук и Капоти – таа го нарекла Бади – го носат своето куче Квини во шумата за да бараат елка:

Тука, таму, блесок, треперење, екстаза од пискање нè потсетуваат дека не сите птици летале на југ. Секогаш, патеката се одвива низ лимонови сончеви базени и црни тунели од лоза. Уште еден поток што треба да се помине: вознемирена армада од шарена пастрмка ја пени водата околу нас, а жаби со големина на чинии вежбаат паѓање на стомакот; работниците со дабари градат брана. На другиот брег, Квини се тресе и трепери. Мојата пријателка исто така се тресе: не од студ, туку од ентузијазам. Една од искинатите рози на нејзината шапка испушта ливче додека ја крева главата и го вдишува воздухот тежок како бор. „Речиси сме таму; можеш ли да го почувствуваш мирисот, Бади?“ вели таа, како да се приближуваме кон океан.

Бујната описна проза на Капоти е споредувана со онаа на неговите јужни современици: Јудора Велти, Карсон МекКалерс и Харпер Ли. Во една од најчудните совпаѓања во американската книжевност, Капоти пораснал со Ли во Монровил, мала заедница што создала еден славен автор и една славна авторка. Неговото пишување има изострен осет за трагичното и минливото и е будно да го долови моментот, со лапидарни детали, пред да исчезне од вид.

(извор: History Hit)

Животот на Капоти го условувал со идејата дека ништо што вреди не може да се очекува да трае. Неговата среќа со Сук завршила со разделба, кога неговата мајка, штотуку мажена за богатиот бизнисмен Џозеф Капоти, го вратила Труман, кој го зел презимето на неговиот очув. Преместен на Источниот брег, Капоти сега бил на прагот на книжевната сцена на Менхетен на која тој, како што созревал, ќе доминира. Неговиот прв роман, „Други гласови, други соби“, објавен во 1948 година, го етаблирал како ѕвезда во подем. Во 1956 година, тој ја објавил „Музите се слушаат“, приказ за патувањето што го направил со патувачка американска продукција на „Порги и Бес“ во Советскиот Сојуз. Проектот му помогнал да ги усоврши техниките што ќе ги користи во „Ладнокрвно убиство“, дело што го претворило во сензација и инстантен успех.

На 28 ноември 1966 година, за да го прослави успехот на книгата, Капоти организирал Црно-бел бал – огромна, формална забава во хотелот „Плаза“ во Њујорк што прераснала во културен спектакл.

„Некои мажи заминаа за Европа за да не ризикуваат да протечат гласини дека не биле поканети“, напиша Бакли. „Една жена ангажираше огромна фирма за односи со јавноста, прво за да изврши притисок врз Капоти да ја покани, а потоа, во случај да не успее, да образложи облагородувачки причини зошто не била поканета.“

„Балот беше и прозорец кон еден светол и привлечен свет“, забележува авторката Дебора Дејвис. „60-ти години на 20 век, деценијата често дефинирана со слики од очилата за сонце на Џеки Кенеди, мартините на Џејмс Бонд, конзервите супа на Енди Ворхол и мини-здолништето на Мери Квант, беа време на висок стил и високи очекувања. Животот тогаш изгледаше погламурозен – сексот беше посекси, успехот подостапен. Дури и Месечината, како што ветуваше вселенската програма, за првпат беше на дофат.“

Списокот на гости кој содржел вкупно 540 имиња, ја сочинуваше „ин“ публиката од таа ера, вклучувајќи го кланот Кенеди, Сесил Битон, Џејмс Болдвин, Грета Гарбо, Кристофер Ишервуд, Џенет Фланер, Глорија Стајнем, Енди Ворхол и, секако, Бакли.

„Труман, воодушевен што предизвика толку ентузијастичен одговор, беше уште повеќе воодушевен од реакциите на оние кои не беа поканети“, пишува Дејвис. „Повредени и незадоволни молители постојано се јавуваа, молејќи, барајќи и грубо нудејќи да го купат посакуваниот билет.“

Капоти, некогаш осамено дете од едно далечно селце, сега беше врвен арбитер на општеството на Менхетен.

Но, не го поздравија сите балот со ентузијазам. Колумнистот Дру Пирсон, изразувајќи чувство што го делеле и голем број други коментатори, го доведе во прашање вкусот на организирање забава за наздравување за книга заснована на ужасните страдања на семејството Клатер.

Пренапумпаната афера се чинеше дека го дефинираше претерувањето што, во неговите последни години, ќе ја запечати судбината на Капоти. Како потемна варијација на ликовите во „Појадок кај Тифани“, Капоти изгледаше заробен помеѓу духот на уживање и копнежот за нешто подлабоко. Тој конзумираше многу дрога и алкохол, понекогаш појавувајќи се пијан во јавноста. Објавувајќи информации кои ги дознал во доверливост за својот материјал, тој изгуби многу од своите пријатели. Неговата врска со Џек Данфи, неговиот долгогодишен придружник, страдаше поради тоа.

Тој долго време ја критикуваше Калифорнија како културна пустелија, но „со иронија што можеби и би ја ценел, токму таму почина Труман Капоти, веројатно од предозирање со дрога, на 25 август 1984 година“, пишува Кларк.

Со текот на времето, личноста на Капоти исчезна, што го олесни проценувањето на Капоте како креативен уметник.

И покрај откритијата за неговите недостатоци, „Ладнокрвно убиство“ сè уште е широко читана книга, во голема мера затоа што ја преобрази нарацијата за вистински криминални случаи од евтина белетристика во литературен жанр за почит. Со популаризирањето на убиствата од насловните страници и претворајќи ги во стоки за културна конзумпција, Капоти го отвори патот, за добро или лошо, за емисии во ударниот термин на телевизија налик оние како „Дејлајн“ и „48 часа“.

Низ целото свое творештво, самата проза на Капоти останува радосна, нејзината прецизност е создадена од итноста да се обрне внимание пред да биде предоцна. Таа постојано блеска, дури и во помалку познати книги како што е „Кучињата лаат“, во која се собрани неговите профили на познати личности и патеписи. Без разлика дали пишува за Божиќ или убиство, холивудски ѕвезди или егзотични места, речениците на Капоти се поврзуваат со чувството дека животот е краток.

Истражувајќи го „Ладнокрвно убиство“, Капоти рекол дека ова дело „послужи да го зголеми моето чувство за трагичниот поглед на животот, кој отсекогаш сум го имал и кој ја објаснува страната од мене што изгледа исклучително лекомислена; тој дел од мене секогаш стои во затемнет ходник, исмејувајќи ја трагедијата и смртта. Затоа го сакам шампањот и престојувам во Риц“.

Извор.

Leave a comment