Што е љубовта според Руми?


Руми е еден од најпознатите поети и мислители на сите времиња. Неговите проникливи стихови се чини дека можат да ви проникнат директно во душата и ве тераат да размислувате длабоко за вашиот сопствен однос кон духовноста, љубовта и животот. Денес на блогот имате можност да погледнете едно кусо видео на Стефани Кончел Смит за животот и филозофијата на Руми и што е љубовта според Руми. Во продолжение најпрво прочитајте го транскриптот на македонски јазик, а најдолу можете да го погледнете анимираното видео.

„Свеќата е направена да стане целосен пламен.
Во тој уништувачки момент таа нема сенка.“

Според легендата, познатиот интелектуалец Џалалудин Мухамед Руми, држел предавање кога еден постар, разбушавен човек му се приближил и го прашал за значењето на неговите академски книги. Руми сè уште не го знаел тоа, но ова прашање и овој човек ќе му го променат животот.

Иритиран од прекинот, Руми остро рекол: „Тие се нешто што ти не го разбираш!“ Одеднаш, книгите се запалиле. Човекот погледнал назад кон зачудениот Руми и едноставно одговорил: „Тоа е нешто што ти не би можел да го разбереш.“ Мистериозната фигура бил Шемс Тебризи, харизматичен суфиски мистик кој го трансформирал светогледот на Руми. Руми, инспириран од учењата на Шемс, ќе стане еден од најпознатите поети и мистични филозофи во светот, чие културно наследство е широко распространето низ Турција и персискиот свет.

Руми е роден во 1207 година во близина на авганистанскиот град Балк, а како дете емигрирал во Анадолија, каде што неговиот татко – проповедник и мистик – се надевал дека ќе обезбеди попрестижна позиција. До времето на пристигнувањето на Шемс, Руми бил почитуван академик за исламското право во градот Конија.

Иако бил изложен на суфизмот – мистичниот пат во исламот, кој се фокусира на доживувањето на Божјата љубов – тој покажал мал интерес за него. Но, ова се променило во неговите доцни триесетти години, кога Шемс се појавил во неговиот живот. Академските студии за правото и теологијата повеќе не биле централен фокус на Руми. Напротив, тој ги гледал како свеќи што го водат патот кон неговата крајна цел: повторно обединување на неговата душа со Бога преку искуството на божествената љубов. Тој напишал за оваа тензија на својот мајчин персиски јазик: „Љубовта не престојува во учењето, не во знаењето, не во страниците и книгите. Каде и да водат дебатите на луѓето, тоа не е патот на оној што љуби“.

Иако суфизмот со векови бил дел од исламското истражување и анализирање, практиките на некои суфии – од екстатично танцување до пишување поезија – биле гледани со потценување од конзервативните религиозни елити. Кога Руми почнал сè повеќе да го прифаќа суфизмот под влијание на Шемс, многу од неговите претходни следбеници не го одобрувале тоа. И тогаш, еден ден, Шемс одеднаш исчезнал, а се појавиле гласини и сомневања дека е убиен. Руми го изразил своето разочарување преку поезија: „Нè искапа како свеќа во својата светлина; во воздух исчезна, нè остави!“ Наместо да се одврати од суфизмот, Руми станал попосветен, учествувајќи во ритуализирани танци и проповедајќи ја религијата на љубовта преку предавања, поезија и проза.

И иако Шемс никогаш не се вратил, Руми продолжил да ги споделува своите учења, гледајќи се себеси како месечина што ја одразува светлината на сонцето на Шемс. Додека се наоѓал во своите мистични состојби, тој ја составил „Дивани на Шемс Табризи“, обемна збирка лирски песни што вклучува многу од изреките по кои е познат денес. Делото изразува интензивни чувства на љубов и копнеж, не само за неговиот исчезнат ментор, туку и за божествениот творец.

Со текот на времето, поезијата на Руми созреала. Тој повеќе не се гледал себеси како одраз на Шемс, туку како одраз на светлина сам по себе. Во раните педесетти години, Руми ја напишал „Маснавија“, која се префрла од екстатични изрази на божествената љубов во стихови што ги водат другите сами да ја откријат. Поемите се сложени и слоевити, инкорпорирајќи идеи, приказни и цитати од исламски религиозни текстови, арапска и персиска литература и поранешни суфиски списи и поезија.

Во една приказна, тој ги повикува добро познатите ликови на Лејла и лудо заљубениот Меџнун. Во верзијата на Руми, кралот, слушајќи ги размислувањата на Меџнун за ненадминливата убавина на Лејла, бара да ја види. Но, кога Лејла пристигнува, тој е збунет, бидејќи нејзината убавина бледнее во споредба со пофалбите на Меџнун. На ова, Лејла одговара: „Јас сум Лејла. Проблемот е што ти не си Меџнун“. За Руми, доживувањето на љубовта значело отворање на срцето кон целото Божјо создание – гледајќи во сè и секого како Меџнун што ја гледа Лејла. На овој начин, тој ја гледал романтичната љубов како израз – во помала скала – на божествената љубов.

По смртта на Руми, околу неговите учења бил воспоставен редот Мевлеви кој сè уште постои во Турција денес. Неговите песни и други дела биле копирани и споделувани низ целиот исламски свет, инспирирајќи ја и обликувајќи ја персиската поезија, пред да бидат претставени на Западот во 19 век. Со генерации, неговите дела биле читани и препрочитувани, преведувани и реинтерпретирани, привлекувајќи обожаватели од целиот свет. Додека зборовите на Руми го одразуваат неговиот специфичен историски контекст и исламски поглед на светот, за многумина неговата порака делува универзална: „Ако сте го изгубиле срцето на патот на љубовта, побегнете кај мене без одложување: јас сум непобедлива тврдина“.

Во продолжение погледнете го одличното видео:

Leave a comment