Свечено доделување на наградата „Анте Поповски – Антево Перо“ за 2025 година!

Денес, токму на годишнината од смртта на македонскиот поет Анте Поповски, со почеток од 19 часот, ќе се одржи  централниот настан на осмото издание на меѓународната поетско-културна манифестација „Анте Поповски – Антево перо“. Настанот ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.

Како што се наведува во соопштението објавено на Фејсбук страницата „Анте Поповски – Антево перо“, на почетокот на вечерта, присутните ќе имаат можност да проследат куса аудио снимка со гласот на Анте Поповски.

Александра Јуруковска ќе ја води програмата и ќе започне со кус приказ на најважните карактеристики на годинешниот конкурс.

Д-р Атина Цветаноска, членка на жири-комисијата ќе се осврне на естетските вредности на збирките на добитнците на традиционалните поетски награди, „Антево перо“, „Антев златник“ и „Антев часовник“, по што ќе следи и врачување на наградите.

Публиката ќе проследи и поетско читање, на кое ќе се претстават годинешните лауреати и авторите кои влегоа во потесниот избор за наградите.

На крајот од вечерта Жорж и Александар Поповски од Здружението за зачувување на делото на Анте Поповски ќе ги презентираат останатите активности во рамки на Манифестацијата.

Leave a comment