Вчера се одбележа годишнината од смртта на Анте Поповски, па затоа денес читаме негови стихови!
Ќе ми исковаш меч – Анте Поповски
Ќе ми исковаш меч,
обичен меч,
што носи обична смрт.
Да нема врежан знак на него,
ништо да нема,
со еден замав да ги раздели нештата
за да не се повторува прободот.
Да има убав фат,
да се вглоби меѓу раката и раната
како обденица меѓу зората и ноќта.
Ќе ми исковаш меч,
не дека не ја чувствувам и неговата залудност
но, кој без него беше си ја измерил својата вечност?
Ноќе, прободен гледам нагоре.
Мртов? Мртви? Прашувам: мртви?
Па зошто тогај би светкале ѕвездите?

Photo by Andrey Zvyagintsev on Unsplash
