Што читаше Кафе и книги во септември?

Есента стигна на нашиот праг, заедно со дождливите денови, а тоа значи и повеќе време за читање со некој топол напиток. Доколку сте во потрага по ново четиво, можеби денешниве препораки ќе ве инспирираат!

Крајот на осаменоста“ – Бенедикт Велс

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Книгава долго време ми стоеше на полица, но сега дојде времето да ми падне во рака. Се работи за неверојатно меланхоличен приказ за загубата, односите во семејството и како загубата ја носиме со себе низ текот на целиот живот.

Се работи за една приказна за двајца браќа и една сестра кои на многу рана возраст остануваат сирачиња откако нивните родители трагично го губат животот. Потоа тие се сместени во еден интернат и некако секој од нив мора самиот да се справува со последиците од трагедијата и оваа книга совршено прикажува како секој тагува на свој начин и како еден таков трагичен настан го изместува тлото под нозете. Сепак, тие остануваат поврзани низ текот на животот, но со многу подеми и падови, а сето тоа произлегува од траумите од детството кои свесно, но и несвесно ги влечат низ животот.

Тонот е меланхоличен, но, не е безнадежен. Има одредена топлина и во осаменоста и во потрагата по смисла откако целиот живот ќе ти се сруши, меѓу сето каење за „што би било кога би било“ има една искра на тоа дека човек може да го пронајде своето место под сонцето и да ги пронајде своите луѓе и да изгради силни врски во животот.

Травничка хроника“ – Иво Андриќ

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт
: Иво Андриќ е еден од највпечатливите писатели од Балканот со толку карактеристичен стил на пишување што човек не може, а да не остане воодушевен од приказните што ги создава, но и од интересните ликови што ги создава, начинот на кој го прикажува и внатрешниот, но и надворешниот живот на секој лик, на необичните споредни карактери што се појавуваат во неговите книги, а ги има во секое место. Таков е и случајот со „Травничка хроника“.

Дејството е сместено во малиот град Травник во кој на одреден начин има „судир на цивилизации“. Го имаме локалното население кое со недоверба гледа на сите работи што доаѓаат од надвор, како последица на многуте потреси што се случувале низ годините, потоа ја имаме османлиската власт која многу долго е таму и има силно влијание, но истовремено е свесна за големите случувања на светската сцена, а најпосле ги имаме и дипломатските претставници од Западот, особено австрискиот и францускиот, кои на одреден начин доживуваат културен шок кога доаѓаат, бидејќи тука сите луѓе и сите нешта се сосема спротивни од она на кое тие се навикнати. Романот се одвива во период од седум години и е неверојатно детално истражена и изработена приказна, историски роман кој е истовремено е општествена анализа, но со проникливост и длабочина каква што може само Андриќ да вметне во своите дела.

Срам“ – Салман Ружди

Издавачка куќа: АРТКОНЕКТ
Оцена: 4/5
Осврт
: Салман Ружди за мене е еден од најспецифичните современи автори кој во своите дела секогаш внесува необични елементи, но ги врзува со наративот за да пренесе силна порака. Главна тема во овој роман, како што и самиот наслов наговестува, е срамот. Срамот како општествена појава, срамот како лична карактеристика, срамот како производ на општествените правила и норми и како срамот ја формира личноста, но и општествата.

Сместен во замислена земја, која всушност е слика и прилика на Пакистан, романот се фокусира на семејствата Хајдер и Харапа и нивните подеми и падови, но и на Омар Кајам Шакил, кој пораснал во многу необични услови, затворен во куќа со три мајки и кој добива завет од нив дека не смее да живее живот со срам. Потоа тој се фаќа во вителот меѓу семејството Хајдер и Харапа, особено меѓу генералот Раза Хајдер и Искандер Харапа, а тоа станува уште покомплицирано кога тој се заљубува и венча со Суфија Зинобија Хајдер, која можеби истовремено е лик, но и најголема метафора за срамот и неговото место во светот.

На почетокот можеби ќе ви треба повеќе време да навлезете во приказната и да се навикнете на нарацијата на Ружди, но кога еднаш ќе влезете, целосно ќе ве обземе тој свет и тие ликови, заедно со сите необични детали и случувања, а истовремено ќе добиете и интересна претстава за политичките и општествените случувања во Пакистан.

Загубени во слободата“ – Владимир Зарев

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Го открив писателот Владимир Зарев на годинешниот Саем на книга, каде на штандот на „Или-Или“ ги најдов книгите „Пропаст“ и „Загубени во слободата“. „Пропаст“ е книга која веќе ја препорачав на блогот и која толку многу ми остави впечаток што и ден денес мислам на некои од поентите и мислите, за кои направив и посебна објава.

„Загубени во слободата“ е понов роман на Зарев во кој тој размислува на концептот на слободата, слобода претставена на еден начин и како на дихотомија, во смисла на тоа што е слободата, дали ослободува или можеби и потрага по неа е она што заробува. Тоа се гледа преку претставувањето на две паралелни дејства во романот, едниот претставен преку животот на Петар Михајлов, новинар во радио, кој живее во сегашноста заробена од пандемијата на КОВИД и ерозијата на вредностите преку владеењето на корупцијата и материјализмот, како и неговото претплетување со Петар Иванов, а другата е сместена во средновековието, преку монахот Јован, кој има дадено завет на молчење, но ја дознаваме неговата приказна и процесот на тоа како станал она што е, но и неговата потрага во светлината и Божјата милост.

Неверојатно две различни приказни и животи, но сето тоа е направено маестрално, откривајќи заеднички нишки во постоењето на човештвото, теми кои можеби малку ја менуваат формата, но никогаш суштината, а тоа се: борбата со злото, материјализмот, потрагата по слободата, разбирање на смислата на животот и постоењето.

Сурова љубов“ – Колин Хувер

Издавачка куќа: Сакам книги
Оцена: 4/5
Осврт:
Морам да признаам дека не сум голема обожавателка на Колин Хувер, но сепак решив да ѝ дадам шанса на оваа книга и овој пат бев пријатно изненадена. Се работи за интересна приказна, која започнува кога Тејт Колинс пронаоѓа пијан млад човек пред станот на брат ѝ, но подоцна дознава дека тоа е Мајлс Арчер, другар и колега на нејзиниот брат. Мајлс, како и брат ѝ на Тејт, е пилот, но е многу необичен и тоа го привлекува нејзиното внимание.

Тој е затворен, чуден, но и тој покажува интерес за неа. Кога ќе сфатат дека не може да ја игнорираат хемијата започнуваат врска, иако Мајлс и кажува дека нивната врска може да биде физичка и дека таа треба да знае дека тој никогаш нема да се заљуби во никого и никогаш нема да има емотивна врска со никого. Ова уште повеќе ја подгорува нејзината љубопитност, но во прво време се труди да се придржува до тие правила, прашање е само колку долго ќе може да ги почитува без да се заљуби до уши. Истовремено, ние како читатели, во ретроспектива читаме за средношколските денови на Мајлс и полека почнуваме да сфаќаме зошто е таков каков што е и како минатото го обликувало да биде она што е денес.

Leave a comment