Едгар Алан По – подемите и падовите на измачениот гениј…

Едгар Алан По е еден од најпознатите американски писатели на сите времиња, за многумина и татко на детективските приказни, познат по своите приказни полни со хорор и ужасни нешта кои навлегуваат во сржта на човековата природа и кој ја стекна славата со неговата извонредна поема „Гарванот“ и приказните како „Предавничко срце“ и „Пропаста на куќата на Ашерови“, но неговото творештво е изобилно и разновидно.

Голем дел од неговите дела навлегуваат во темни психолошки тематики и во нив има елементи на смрт, страв и натприродни појави – елементи што и ден денес се поврзуваат со него. Во продолжение на блогот прочитајте ја приказната за животот на Едгар Алан По, кој бил турбулентен и бурен, како и неговото творештво.

(Извор: University of Virginia)

Неговото детство и рана младост

Тој немал лесен почеток во животот. Се родил во Бостон на 19 јануари 1809 година, а неговите родители биле патувачки актери со малку пари и никаква стабилност. Неговиот татко, Дејвид По, потекнувал од почитувано семејство, но кога ја видел осумнаесетгодишната Елиза Хопкинс како настапува на сцена, ги напуштил неговите планови да студира право за да ѝ се придружи во театарот.

Тие набрзо потоа се венчале и неколку години биле на турнеја низ театрите во Нова Англија. Поради својата работа морале постојано да патуваат низ источниот брег на САД, но тој начин на живот не бил воопшто погоден за основање семејство. И токму тоа лето, семејството, т.е неговите родители и Хенри, постариот брат на Едгар, се преселиле во Њујорк. Но, и ова не траело долго. Шест седмици откако се преселиле, Дејвид, кој бил тежок алкохоличар, ги напуштил сопругата и двата сина кога Едгар имал само девет месеци.

Елиза морала да продолжи да настапува за да обезбеди храна за своето семејство. Нејзиното трето дете, ќерката Розали, се родила на 10 декември 1810 година, само неколку месеци откако Дејвид ги напуштил, па Елиза морала да се потпира на помошта на пријатели и колеги-актери кои ги чувале децата додека таа работела. Во 1811 година ги однела децата во Ричмонд, Вирџинија, но нејзиното здравје веќе било нарушено и набргу почнала да искашлува крв и заболела од туберколоза. Во ноември, тетарот за кој настапувала приредил и добротворна престава со цел да ѝ помогнат, но ништо не помогнало бидејќи починала многу наскоро, на 8 декември 1811 година, на само 24 години. По некаква морничава случајност, околу три дена подоцна, и татко му на По починал, и тоа во Норфолк, Вирџинија.

Губејќи ги и двајцата родители, двегодишниот Едгар бил разделен од неговиот брат и неговата сестра. Хенри бил испратен да живее во Балтимор со нивните дедо и баба, додека Едгар и Розали биле посвоени од различни семејства во Ричмонд. Иако многумина денес веруваат дека Ален е всушност неговото средно име, тоа не е баш така. Ален е всушност презимето на Џон и Френсис, брачниот пар кај кого тој бил испратен да живее. Џон Ален бил релативно успешен трговец кој бил родум од Шкотска и не се стекнал баш со некое формално образование. Но, тој имал навистина големо лично богатство кое го стекнал на старомодниот начин – преку наследство. И покрај ова, тој се сметал себеси за човек кој самиот стекнал сѐ што имал.

Џон Ален не бил баш воодушевен од идејата да го земат Едгар под нивна закрила, но неговата млада сопруга, со која немале деца, била пресреќна од можноста, можеби бидејќи и таа самата била посвоена. Сепак, колебливоста на Ален продолжила и тој никогаш официјално не го посвоил Едгар и никогаш не развиле добар однос. Џон сметал дека По не е благодарен за сето она што семејството го направило за него и сметал дека во него нема трошка благопријатност кон Џон. Семејството се преселило во Англија во 1815 година и Едгар бил испратен во училиште, најпрво во родниот град на Џон Ален, во Ервин (Шкотска), а потоа и во Лондон. Иако Едгар бил добар ученик, тој немал баш многу пријатели и неговите пишувања одразуваат измачувачки сеќавања од неговите рани училишни години.

Во 1820 година, кога Едгар имал само девет години, семејството повторно се вратило во САД и се преселиле во Ричмонд. Но, наскоро почнале да се создаваат тензии, бидејќи бизнисот на Џон Ален почнал да трпи поради глобалната економска криза. Но, бунтовниот тинејџер По не се замарал со тоа, тој бил опседнат со мајката на еден од неговите соученици и тоа го инспирирало да напише една од неговите први поеми. Кога ненадејно починала, тој бил емотивно растроен и со месеци навечер одел на гробиштата за осамено да бдее над гробот.

Следната година, еден богат вујко на Аленови им оставил огромно наследство, што денес би изнесувало некаде околу 20 милиони долари. Семјеството се преселило во огрoмна куќа. Но, По минал многу малку време во таа куќа, бидејќи се запишал на Универзитетот во Вирџинија за да студира јазици. Ален му дал нешто пари, но не доволно за да ги покрие сите трошоци, што значи дека По живеел во сиромаштија, дури и морал да го гори мебелот во својата соба за да се загрее.

Дали поради желба да си ги оттргне мислите од проблемите или поради потреба да добие пари за да живее поудобно, По почнал да се коцка. Сосема предвидливо, тоа не тргнало на добро и на крај завршил со долг од 2.000 долари, сума што денес би изнесувала околу 50.000 долари. По му се обратил на Ален за помош, но тоа не му помогнало, бидејќи Ален или целосно му ги игнорирал писмата или на задната страна од писмото пишувал „НЕЕЕЕ!“.

Не само тоа, туку кога и оние на кои им должел му пришле на Алан да си го наплатат долгот, Ален решил дека По во вториот семестар треба целосно да се повлече од факултетот. Џон исто така инстистирал дека Едгар треба да работи во неговата фирма за трговија и тоа без никаков надоместок. Но, тоа било сосема неприфатливо за Едгар, па затоа тој го напуштил универзитетот, и бидејќи не се чувствувал добредојдено дома, По решил да си ја испроба својата среќа во Бостон со цел да го оствари својот сон да стане поет. Но, како и со многу други работи во неговиот живот, неговата идеја не била докрај испланирана, ниту пак добро финансирана. Тој во пролетта 1927 година престојувал неколку недели во Бостон, издржувајќи се така што работел различни работи, како на пример: чиновник и новинар во весник.

(Извор: JSTOR DAILY)

Неговите почетоци во книжевноста и неговата војничка кариера

По ги искористил своите последни долари за да плати за објавувањето на еден мал том поезија, еден таканаречен поетски памфлет наречен „Тамерлан и други песни“. Биле испечатени само околу 50 примероци, книгата не добила речиси никакво внимание, и тој не почувствувал никаква финансиска добивка од неа, иако денес еден таков примерок би се сметал за бесценет. Сепак, продадени биле толку малку примероци, што во еден период историчарите се сомневале дека оваа збирка воопшто и постоела.

Без некакво блескаво образование и без некакви практични вештини што би можел да ги понуди, По набрзо почнал да останува без некој голем избор во однос на својата работа и иднина. Покрај тоа, тој се плашел дека ќе заврши во должнички затвор, што било сосема реална можност, бидејќи Вирџинија била една од последните федерални држави во САД што ги затворила овие должнички затвори (тоа биле затвори во кои ги приведувале оние кои должеле пари). Па така, на крајот, чисто од очај, во мај 1827 година, По се пријавил да биде војник во Армијата на САД и тоа под лажното име Едгар А. Пери, со цел да се скрие од доверителите и луѓето на кои им должел пари.

По всушност се покажал како одличен војник. Тој таму се стекнал со репутација на доверлив, компетентен и умешен кога се работело за бирократското водење евиденција и на свои 20 години се издигнал до рангот на наредник-мајор. За време на неговото служење во војската, тој бил распореден на три различни места, вклучувајќи го и Форт Моултри, Јужна Каролина. Оваа локација подоцна По ќе ја искористи како главно место во дејството во делото што ќе ја лансира неговата кариера, краткиот расказ „Златната бубачка“.

Тој бил успешен во армијата, но отслужил само три од вкупно петте години што требало да ги служи, и бидејќи му се здосадил животот во војската, тој го замолил својот командант за дозвола да се запише на Воената академија „Вест поинт“. Командантот одбил да му се потпише на молбата сѐ додека не се смири со својот потатко, Џон Ален. Ова било некаде околу периодот кога По ја објавил својата поетска збирка и тој сосема бил уверен дека неговата иднина лежи во книжевноста и повторно му се обратил на својот потатко за да му помогне да биде ослободен од војската за да може да ја следи својата муза. Но, Ален го одбил ова барање и По немал друг избор освен да продолжи да се фокусира на неговото место во војската.

Но, работите почнале да се менуваат околу 1829 година, кога по многу проблеми со здравјето предизвикани од туберколоза, неговата помајка починала. Можеби омекнат поради тагата по својата сопруга, Ален конечно, иако неволно, се согласил да го поддржи По во неговите напори да биде ослободен од Армијата и да се запише како офицерски кадет во Воената академија „Вест Поинт“.

Но, напуштањето на војската за да се запише на „Вест поинт“ значело дека некој друг треба да го заземе неговото место и да го замени во војската и да го заврши остатокот од неговата служба. Тој некој на крајот бил наредникот Семјуел Грејвс, кој за одреден надоместок се согласил да го отслужи остатокот од службата на По, а По се согласил на овој договор. Но, кога дошло време да се плати, По повторно бил шворц и немал пари да го исплати. Во едно писмо до Грејвс, По сугерира дека ќе се обиде да ги добие парите од Џон Ален, но дека ќе биде потребно некое време за тоа бидејќи Ален бил озогласен пијаница. Но, Грејвс почнал да го губи трпението, па тој самиот решил да зборува со Ален и му го покажал писмото. Бесен и лут, Ален го платил долгот и потоа одбил да зборува со По до крајот на неговиот живот.

Во април 1829 година, По конечно бил ослободен од Армијата, но не брзал да отиде во „Вест поинт“, па така поминал една година со роднини во Балтимор. Неговото расположение се подобрило кога добил позитивен осврт од влијателниот критичар и писател Џон Нил и ја објавил и втората стихозбирка „Ал Арааф, Тамерлан и помали поеми“, во која некои од песните биле нови, а некои биле реобјавени од неговата претходна збирка.

На 1 јули 1830 година, и официјално започнала неговата обука во „Вест поинт“. Истата година, Џон Ален се преженил и по извесно време поминато во обновени расправии, Ален конечно се откажал од него, нарекувајќи го „неблагодарен ништожник.“ По немал никаква намера да гради воена кариера, па така, по осум месеци во „Вест поинт“, на 8 февруари 1831 година завршил на воен суд. Иако постои една урбана легенда која вели дека По бил избркан затоа што отишол „пиштол“ гол на предавање, сепак вистината е многу подосадна од тоа. Младиот кадет сѐ понагласено бил несреќен со своето место во Воената академија и намерно правел итроштини за да го исфрлат. Официјално бил осуден и избркан од војската поради неговата огромна небрежност околу извршувањето на неговите обврски и непослушност при извршување на наредбите.

По напуштањето на „Вест поинт“, тој отишол во Њујорк и во 1831 година објавил уште една стихозбирка насловена како „Песни“, која и овојпат била микс на нови и стари песни, а била објавена благодарение на финансиската помош на неговите колеги-кадети од „Вест поинт“. Но, многу брзо се вратил во Балтимор каде живеел со неговата тетка, Марија Клем, која била сестра на неговиот покоен татко Дејвид, а таму живеел и неговиот брат Хенри. Хенри, кој го пропатувал светот со американската морнарица, и кој и самиот објавил поезија, имал сериозни проблеми со здравјето, кои делумно биле предизвикани поради проблеми со алкохолот и починал во август 1831 година.

(извор: DC Theater Arts)

Бурниот и финансиски нестабилен живот, неговиот брак и проблемите со алкохолот

Иако По е еден од првите американски писатели кој успеал во тоа да го претвори пишувањето од хоби во професија и буквално да живее од своето пишување, тоа секогаш било неизвесно постоење. Тој постојано запаѓал од криза во криза и никогаш немал доволно средства за да се чувствува финансиски сигурен.

Во 1834 година, неговиот потатко Ален се разболел и По отишол да го посети во обид да постигне примирје со него, но Ален веднаш го избркал без воопшто и да се сретне со него и се заканил дека ќе го претепа со бастумот доколку веднаш не си замине. По неговата смрт, Ален не му оставил ниту денар на По, со што го осудил По да живее живот во постојана борба со сиромаштијата. Иронијата е што денес, неговите први книги и први изданија чинат мало богатство.

Во куќата во Балтимор живеела и Елизабет, ќерката на Марија Клем, како и нејзините деца Вирџинија и Хенри. Семејството не било баш финансиски најстабилно, но се снаоѓало некако со пензијата на Елизабет, а Марија многу ги поддржувала книжевните амбиции на По. И покрај проблемите, тој продолжил да пишува, дури и победил на конкурсот распишан од весникот „Саботен гостин“ за најдобар краток расказ. Тој освоил 50 долари за расказот „Порака најдена во шише“.

Во 1835 година и Елизабет и Хенри починале и По го напуштил Балтимор бидејќи нашол работа како помошник-уредник во Јужниот литературен гласник во Ричмонд. Една година подоцна, кога финансиски се стаблизирал, ги довел кај себе Марија и Вирџинија кои го напуштиле Балтимор. Но, пиењето си го направило своето. Кога бил трезен одлично си ја вршел работата, но неговиот проблем со пиењето бил толку голем, што Т. Х. Вајт, уредникот што го вработил По, го отпуштил по само неколку недели.

На 16 мај 1836 година, тој се омажил со неговата тринаесетгодишна прва братучетка, Вирџинија Клем, кога тој имал 26 години. И ден денес постојат несогласувања меѓу историчарите околу природата на нивната врска. Некои биографи тврдат дека нивниот однос повеќе бил како однос меѓу брат и сестра и дека бракот никогаш не бил конзумиран, но најголемиот авторитет меѓу биографите, Квин, тврди дека во тоа време не било необично да се склопуваат бракови меѓу братучеди, и тој всушност се повикува на писма на По во кои тој ја изразува својата страсна посветеност и љубов кон Вирџинија.

Според сите сведоштва, тие биле среќен пар. Некои од луѓето вработени во нивната куќа рекле дека неговата љубов кон сопругата била „воодушевено обожавање на духот на убавината“. По во едно писмо до еден свој пријател напишал: „Меѓу живите не можам да видам некој поубав од мојата малечка жена.“ Вирџинија го идолизирала својот сопруг, седела во негова близина додека пишувал, водела сметка за неговите моливи, пенкала и ракописи секогаш да бидат уредно наместени, а исто така му пишувала и мали песни.

Уредникот Вајт, кој го препознавал талентот на По кога бил трезен, решил да му даде уште еднаш шанса и во октомври 1836 година повторно го вработил во списанието под услов дека нема повеќе да пие додека е на работа, но до јануари 1837 година, тој повторно ја изгубил работата поради тоа што не можел да се придржува до овој услов, односно не можел да се воздржи од пиење.

Во 1839 година, еден пријател на По, по име Томас Инглиш Дан, го забележал По како пие по улиците на Њујорк. Тој опишал дека По се мачел, залудно обидувајќи се да стане од еден сливник. Кога двајцата повторно налетале еден на друг по три дена, По бил многу засрамен и му ветил дека тоа никогаш повторно нема да му се случи. Но, сите знаеме како завршува ова. Не само што не прекинал, туку проблемот станувал сѐ полош и полош и наверојатно придонел за неговата мистериозна смрт.

(извор: Wordsworth Editions)

Неговиот пробив на книжевната сцена и подоцнежни успеси

Тој си го пополнувал времето пишувајќи го неговиот единствен роман,Авантурите на Артур Гордон Пим, кој најпрво излегувал како серијал во списание, добивајќи три долари по страница и го завршил дури следната година. Но, романот воопшто не добил добри критики, многумина коментирале дека е преполн со одвратни околности полни со крв и битки. Некои го нарекувале книжевна измама и импотентен обид да ги измами, т.е да ги доведе читателите во заблуда. Неверојатно е тоа што, имајќи предвид колку бил чувствителен на негативни критики, По му напишал писмо на еден уредник, велејќи дека освртот „во суштина е точен“ и дека романот е „многу будалеста книга“.

За време на летните денови во 1839 година, тој станал помошник-уредник на Бартоновото списание за џентлмениво Филаделфија, каде објавувал статии и приказни, вклучувајќи ја и „Пропаста на куќата на Ашерови“, како и книжевни осврти, и за брзо време се стекнал со репутацијата на бестрашен и немилосрден критичар. Тој обвинувал добро познати писатели за плагијаторство, а неговите несогласувања со шефот, како и неговото пиење, довеле до тоа да биде отпуштен по една година на работното место.

Тој имал планови да основа свое списание, но ги паузирал овие планови откако му била понудена добра плата како коуредник во списаниетоГреамово списание за дами и џентлмени, иако не му се допаѓалe „презривите слики, модните скици и љубовните приказни“, по кои списанието било познато. Во овој период тој почнал и позачестено да објавува свои творби, па така, во збирката „Гротески и арабески“ која ја објавил во 1840 година, се наоѓаат некои од неговите најпознати раскази.

Како што вели Каролин Келог, новинарка од весникот „ЛА Тајмс“, која покрива книжевност и книги, „кога ги раскажувал приказните, често користел прво лице еднина и зборувал за употребата на опиум, па затоа многу луѓе и мислеле дека тој всушност користи дрога“ и додава дека „приказните биле толку морничави, тие биле приказни за духови доведени до таква екстремност, што луѓето си мислеле дека и тој самиот сигурно мора да е чуден.“

Во 1841 година ја напишал и објавил, според енциклопедијата Британика, првата модерна детективска приказна „Убиствата на улицата Морг“. Оваа приказна е изворот за создавање на нов жанр во книжевноста и во неа е вклучен и фиктивен детектив, кој според многумина е очигледна инспирација за некои од најпознатите книжевни детективи, вклучително и Шерлок Холмс. Според авторот Кенет Силверман, кој има напишано биографија за По, „Убиствата на улицата Морг“ навистина „заслужува да се нарече првата детективска приказна. Таа ја започна целата традиција на детективска белетристика.“

Но, наскоро повторно дошле тешки денови за По, бидејќи во 1842 година, неговата сопруга Вирџинија почнала да ги покажува првите симптоми на туберколоза и По почнал да пие уште повеќе. Тој ја напуштил работата во списанието и се обидел да најде нова работа, па така отишол во Њујорк каде кратко работел за весникот „Вечерно огледало“, пред да стане најпрво уредник, а потоа и сопственик на „Бродвејски Журнал“.

И потоа, одеднаш – Едгар Алан По станал книжевна сензација. Во јануари 1845 година, По ја објавил неговата наративна поема „Гарванот“, поема за човек кој е очаен поради тоа што ја загубил неговата сакана и кој се соочува со мистериозно и најверојатно замислено суштество. Иако во тој период По веќе имал стекнато репутација на солиден книжевен критичар, до објавувањето на „Гавранот“ тој имал само просечен успех како писател на фикција и токму оваа поема преку ноќ го направила познат ширум целата земја, па и целиот свет.

Објавувањето на поемата довело и кон објавувањето на два засебни тома, кои биле збирки од неговата поезија и проза. Припадниците на „високото друштво“ почнале да го канат во најексклузивните клубови во Њујорк, а децата го следеле по улица и додека оделе позади него плескале со рацете и истовремено имитирале звук на гавран. Тој се приклучувал на овие игри и ненадејно се вртел и извикувал „Nevermore“.

За жал, човек не може да плати кирија со слава, па стекнувањето популарност не му донело и значително подобрување на финансиски план, бидејќи според записите, тој добил некаде меѓу девет и петнаесет долари за објавување на поемата. Подоцнежните реобјавувања на поемата, му донеле уште 120 долари за авторските права, но со оглед на тоа дека земал аванс од 135 долари, не видел ниту денар од тие пари.

Драстичниот пад на репутацијата на Едгар Алан По и смртта на неговата сопруга

Следната година не била баш најсреќна за По. Најпрво одржал неколку просечни предавања на неговата платена книжевна турнеја, а неговите застрашувачки осврти, неговата лична нетрпеливост и ривалство со писателот Хенри Ведсворт Лонгфелоу, како и неговите непопуларни напади кон популарни ликови каков што бил самиот Лонгфелоу и Ралф Валдо Емерсон, како и скандалозното книжевно флертување со омажената поетеса Франсис Серџент Озгуд, ја оштетиле неговата репутација, направиле пријателите да се отуѓат од него и списанието пропаднало за само една година.

Во мај 1846 година, По, неговата веќе многу болна сопруга и неговата тешта Марија се преселиле во една рурална колиба во Бронкс. Лоцирана на околу 22 километри од централен Менхетен, тоа било исто како да живеел во книжевно прогонство. Секогаш кога Вирџинија минувала низ лоша фаза со нејзината болест, По се фаќал за шишето што уште повеќе ја оштетило неговата кариера и неговото пишување станало уште помрачно. На 30 јануари 1847 година, неговата сакана Вирџинија починала, и на својата смртна постела ја натерала мајка ѝ да вети дека „ќе се грижи за Еди“ до крајот на неговиот живот и мајка ѝ го одржала тоа ветување.

(извор: Gale Blog)

По во еден запис напишал: „Тешко дека една година ќе издржам сам!“ И не дека сосема погрешил во ова. Неговото пиење станувало полошо, а неговото однесување уште понепредвидливо и попроменливо. По смртта на Вирџинија, тој цврсто бил решен да излезе од сиромаштијата со тоа што ќе се ожени, па почнал да прави избезумени обиди да си најде нова сопруга, предлагајќи брак на неколку жени и тоа во исто време.

Тој потрошил месеци во преписка и разменување писма со поетесата Сара Хелен Витман, која била вдовица, а потоа во септември 1848 година, ненајавено се појавил на нејзиниот куќниот праг и ѝ предложил брак. Таа го одбила и По се вратил дома, но по еден месец одново се обидел да ја убеди да омажи за него. После тоа се упатил кон Лоувел, Масачусетс, за да ѕирне уште еден потенцијален љубовен интерес, Ани Ричмонд, но таа веќе била омажена. Тој во ноември и декември повторно се обидел кај Витман и на крај конечно ја убедил да направат свадба за Божиќ. Но, мајката на Сара била загрижена поради неговото пиење и направила заштитни правни механизми со кои се осигурала дека По нема да има никаков удел во имот на семејството. Сосема е возможно дека како резултат на тоа, врската завршила уште пред да се одржи свадбата.

Но, тоа било добро и за Сара, која не знаела дека во истиот период додека ѝ се додворувал на неа, тој фрлил око и на една друга Сара. Сара Ројстер Шелтон му била љубов од младоста. По и нејзе ѝ понудил брак и иако во тестаментот на нејзиниот починат сопруг стоело дека таа ќе загуби 3/4 од богатството доколку се премажи, таа му рекла дека ќе размисли за предлогот.

Иако бил обземен со тоа да си пронајде сопруга, сепак во текот на 1848 година година го објавил својот есеј „Еурека“, истражување за универзумот од 40.000 зборови и тој го сметал ова дело за неговото најдобро дело, рангирајќи го како поважно и од откривањето на гравитацијата. Но, не било добро примено од јавноста, и дури и до ден денес трае дебатата дали се работи за ремек-дело или неразбирливи будалаштини.

Во ноември 1848 година, во состојба на длабока депресија, тој земал премногу лаудам, иако неговите намери не се баш најјасни, односно не е јасно дали намерно се предозирал или случајно. Лаудам е екстремно зависен микс од опиум и алкохол и во тоа време бил многу лесно достапен и бил нашироко употребуван како третман за сѐ: од главоболка до лекување на болките на децата кога им излегувале првите заби.

И покрај оваа епизода, сепак во 1849 година, се чинело дека работите почнале да се подобруваат. Сара, неговата љубов од младоста, која сега била богата вдовица со голема куќа, по долго размислување ја прифатила неговата понуда за брак, под услов да престане да пие. Тој се придружил на движењето „Синови на умереноста“, и едно време се воздржувал од пиењето, но не можел да каже „не“ на друштвени собири и наскоро повторно почнал силно да пие.

Во јули 1849 година, на почеток на една негова турнеја, завршил во затвор во Филаделфија, поради „јавно пијанство“ и страдал од ужасни халуцинации. По неколку дена ѝ напишал писмо на неговата тетка и мајка на неговата почината сопруга:

„Повеќе од десет дена бев целосно излуден, иако се немав напиено ниту капка. И за време на овој период, јас си замислував ужасни несреќи.“

Сè беше халуцинација. Кревајќи се од напад каков никогаш повторно немав искусено, напад на mania-a-potu*, што всушност ми упати предупредување за до крајот на мојот живот. Ако е така, јас нема да се каам за ниту едно ужасно, неописливо мачење низ кое поминав.“

*(mania-a-potu e латински термин што се однесува на состојба на патолошка интоксикација предизвикана од алкохол, карактеризирана со екстремна возбуда, понекогаш со насилно или агресивно однесување, а често проследена со амнезија. Се смета за форма на тешка психоза предизвикана од алкохол, м.з.)

(извор: Pinterest)

Потресен, се одлучил да се врати во Њујорк, но бил убеден дека неговите сопатници во возот заговараат да го убијат, па затоа отишол во Филаделфија, трчајќи до куќата на еден пријател, молејќи да му ги избричи мустаќите за да не можат да го препознаат. Во текот на следните недели полека си дошол на себе и дури успеал и да одржи неколку предавања.

Мистериозното исчезнување и смрт на Едгар Алан По

На 27 септември 1849 година, се качил на пароброд за Њујорк. Иако ѝ ветил на својата вереница Сара Ројстер Шелтон дека нема да пие, се верува дека го прекршил ова ветување кога парабродот застанал во Балтимор на 28 септември.

Но, една недела подоцна, на 3 октомври 1849 година, еден човек по име Џозеф Вокер, испратил писмо до еден познаник на По, Џозеф Снодграс. Во писмото пишувало дека тој бил пронајден во делириум во сливникот, зборувал неповрзано, бил во големи болки и имал потреба од итна нега. Снодграс веднаш го лоцирал По и го пренесол во болницата на Универзитетот во Вашингтон, каде починал на 7 октомври 1849 година. Сара Ројстер Шелтон дознала за неговата смрт откако прочитала напис во весник.

Во неговата состојба неколку пати го изговорил името Рејнолдс, но воопшто не бил доволно долго при свест и луциден, за да објасни што му се случило и зошто носел евтин и развлечкан костум, кој не бил негов. Лекарот што се грижел за него ги опишал последните часови на По како обележани со „празен разговор со спектрални и имагинарни објекти на ѕидовите“ и дека последните зборови му биле „Господи, помилуј ја мојата кутра душа“, но сите медицински извештаи, па дури и неговата посмртница, оттогаш се загубени.

Весниците во тоа време известувале дека починал од „застој во мозокот“ или „мозочно воспаление“, кои во тоа време биле популарни еуфемизми за смрт предизвикана од „неугледна смрт“ како алкохолизам или сифилис. Но, официјалната причина за неговата смрт никогаш не се дознала, иако постојат многу поделени мислења и теории. За повеќе информации за неговата смрт, вклучувајќи ги различните теории, прочитајте го текстот „Најголемата мистерија на Едгар Алан По е неговата смрт…“ или можете да погледнете подолу при крајот на видеото на професорот Јорстон.

Без оглед на причината за неговата смрт, Едгар Алан По ќе остане еден од највпечатливите писатели на сите времиња, без огледа дали претпочитате поезија или куси раскази. Неговото книжевно наследство е огромно и богато и засекогаш ќе живее во колективната свест на човештвото, продолжувајќи да инспирира, мотивира и застрашува.

Извор 1 – Документарецот на професор Греам Јорстон

Извор 2 – Чудни факти за Едгар Алан По, видео на каналот Weird History

Извор 3 Писателот Едгар Алан По – видео на ЈуТубот канал Biography.

Извор 4 – Кој бил Едгар Алан По? – Видео на Британика

Leave a comment