Денес Кетрин Менсфилд се смета за една од највлијателните модернистички писателки на 20 век. Покрај објавувањето на неколку збирки кратки раскази – вклучувајќи ги „Во германскиот пансион“ (1911), „Среќа и други раскази“ (1920), „Прием во градината и други раскази“ (1922) и „Гулабово гнездо и други раскази“ (1923) – Менсфилд била плодна книжевна критичарка, објавувајќи повеќе од 100 рецензии за книги за списанието „Атенаум“.

(портрет на Кетрин Менсфил/извор: Culture Club/GettyImages)
Иако е мртва еден век, нејзиното творштво и нејзините совети сè уште одекнуваат и се поврзуваат со читателите и читателките. „Ризикувајте! Ризикувајте сè!“, напишала таа во својот дневник. „Не грижете се повеќе за мислењата на другите, за тие гласови. Направете го најтешкото нешто на земјата за себеси. Дејствувајте за себе. Соочете се со вистината.“
Во продолжение прочитајте ги интересните факти за Менсфилд и нејзиниот живот, собрани и претставени од електронскиот магазин „Ментал флос“.
Кетрин Менсфилд ги објавила своите први раскази пред да стане тинејџерка
Кетлин Менсфилд Бошамп се родила на 14 октомври 1888 година во Торндон, Велингтон, Нов Зеланд, во истакнато локално семејство. Таа почнала да пишува раскази уште од рана возраст, а нејзините први објавени дела се појавиле во нејзиното училишно списание кога имала само девет години. По овие раскази следела приказната „Неговиот мал пријател“, објавена на страница посветена на детски творби во „Новозеландскиот графички и женски журнал“ во 1900 година под името Кетлин М. Бошамп. (До откривањето на „Неговиот мал пријател“ во збирките на градските библиотеки во Велингтон во 2016 година, истражувачите верувале дека првото комерцијално објавено дело на Менсфилд било во 1907 година.) Подоцна, таа го усвоила псевдонимот Кетрин Менсфилд.
Нејзината братучетка исто така била писателка
Страста на Менсфилд за пишување можеби била поттикната од примерот на нејзината успешна и позната братучетка, Елизабет фон Арним (родена како Мери Анет Бошамп), која го објавила своето прво дело, „Елизабет во нејзината германска градина“, со моментален успех во 1898 година. Двете жени не се зближиле сè до подоцна во животот, најмногу поради тоа што Менсфилд ги поминала своите детски и младешки години во Нов Зеланд, а фон Арним, родена во Австралија, живеела во Европа. Но, Менсфилд веројатно црпела инспирација за неколку свои кратки раскази од делата на фон Арним, вклучувајќи ги и оние претставени во „Во германскиот пансион“, чиј наратор личел на главниот лик во „Елизабет во нејзината германска градина“.
Менсфилд размислувала за кариера како музичарка
Менсфилд била талентирана музичарка. Размислувала да стане професионална виолончелистка сè додека не почнала редовно да пишува во училишниот весник. Разочарувањето на нејзините родители од нејзиниот потенцијален кариерен пат исто така било фактор во нејзината потрага по пишување наместо музика. „Татко ми е многу против мојата желба да бидам професионална виолончелистка или да се зафатам со виолончело во голема мера – па затоа мојата надеж за музичка кариера е апсолутно исчезната“, напишала таа во писмо од 1906 година. „Но, претпоставувам дека нема никаква земска корист од војна со Неизбежното – па затоа во иднина ќе го посветам целото мое време на пишување.“
Таа често пишувала за Нов Зеланд
Во 1903 година, Менсфилд се преселила со своето семејство во Европа; одела на училиште во Англија и патувала низ делови од Белгија и Германија пред да се врати во Нов Зеланд во 1906 година. Менсфилд често пишувала за земјата во своите фикции, истражувајќи теми за колонизација, патријархатот и тензиите помеѓу пејзажот и човечката цивилизација. Во 1908 година, Менсфилд се преселила трајно во Европа, поминувајќи голем дел од своето време во Лондон и етаблирајќи се на маргините на познатото книжевно друштво Блумсбери, чии членови биле Вирџинија Вулф, Леонард Вулф и Литон Стрејчи.
Вирџинија Вулф ѝ била љубоморна
Менсфилд и нејзината колешка, модернистичката писателка Вирџинија Вулф, кои биле дел од просперитетната книжевна сцена во Лондон, првпат се сретнале во 1917 година. И покрај почетниот скептицизам на Вулф во врска со изгледот и манирите на Менсфилд (во еден дневник, таа напишала за „обичноста на прв поглед“ на Менсфилд и дека смрди „како… цибет мачка што почнала да оди по улица“), двете жени станале пријателки, а нивното пријателство било важно за двете жени и на личен и на професионален план. Дури и додека одржувале професионално соперништво, Менсфилд и Вулф меѓусебно многу си се восхитувале на делата што ги објавувале и пишувале.
Тие исто така биле под силно меѓусебно влијание како писателки. „Ти си единствената жена со која копнеам да разговарам за работа. Никогаш нема да има друга“, ѝ напишала Менсфилд на Вулф. По раната смрт на Менсфилд, Вулф рекла дека била „љубоморна на нејзиното пишување – единственото пишување на кое некогаш сум била љубоморна“. Вулф дури опишала и како била прогонувана од Менсфилд, „тој чуден дух, со очи оддалечени и со истегната уста, се влече низ собата“. Таа се жалела дека „К. и јас ја имавме нашата врска; и никогаш повеќе нема да имам таква“.
Вулф објавила едно од најважните дела на Менсфилд
Едно од најважните дела на Менсфилд, „Прелудиум“ од 1918 година, било второто дело (или можеби третото, во зависност од тоа како ги класифицирате приватно дистрибуираните „Поеми“) објавено од „Хогарт Прес“, независната издавачка куќа во сопственост и управувана од Вулф и нејзиниот сопруг Леонард. „Одредени детали откриваат дека Вулфови во тоа време сè уште биле почетници и аматери во светот на издаваштвото“, забележува Британската библиотека. „[На]словот на приказната, на пример, е погрешно отпечатен како „Прелудиумот“ на неколку страници.“ Подоцна била повторно објавена како дел од збирка кратки раскази насловена како „Среќа и други приказни“ во 1920 година.
Како и многу други нејзини познати кратки раскази, „Прелудиум“ се одвива во Нов Зеланд; истражува теми на изолација и сложеност на семејната динамика, можеби одразувајќи некои од сопствените спротивставени чувства на Менсфилд за нејзиниот однос со нејзиното семејство. Приказната, исто така, се занимава со феминистички прашања, земајќи ја предвид улогата на жените во однос на нивната социјална и политичка ситуација во времето на објавувањето.

(извор: Topical Press Agency/Getty Images)
Таа често пишувала приказни инспирирани од нејзиното семејство
И „Во германскиот пансион“ и „Прием во градината и други приказни“ речиси сигурно биле во чест на фон Арним, која често ја посетувала Менсфилд во 1921 година, додека двете престојувале во истиот регион на Швајцарија.
Фон Арним не била единствениот член на семејството кој бил истакнат во делата на Менсфилд. Според Џоана Вудс во нејзиниот напис во изданието на „Котаре“ од 2007 година, нејзините приказни „Прелудиум“ (1918) и „Во заливот“ (1922) прикажуваат не толку ласкави портрети на родителите на Менсфилд, Харолд и Ени Бошамп, кои ја лишиле од наследство: „Харолд се појавува во ликот на самобендисаниот Стенли Барнел“, пишува Вудс, „додека Ени, како Линда Барнел, е прикажана како рамнодушна и далечна мајка“. Иако „Прием во градината“ (1922) нуди малку попозитивна претстава за г-ѓа Бошамп во ликот на г-ѓа Шеридан, портретот, според Вудс, „сè уште го нагласува јазот што [Менсфилд] го чувствувала меѓу неа и остатокот од нејзиното семејство“.
Менсфилд и еден од нејзините сопрузи послужиле како инспирација за Д.Х. Лоренс
Менсфилд била мажена двапати и имала неколку значајни романтични врски во текот на нејзиниот живот, вклучувајќи најмалку две со жени. Во 1909 година, таа се омажила за Џорџ Боуден, наставник по музика кој бил 11 години постар од неа, но според Вудс, „таа ноќ, пред да се конзумира бракот, Кетлин го напуштила својот сопруг“.
Разделбата на Менсфилд од нејзиниот прв сопруг се чини дека ја навела нејзината мајка да ја лиши од наследство. Всушност, г-ѓа Менсфилд патувала од Нов Зеланд до Англија кога слушнала дека нејзината ќерка живее со жена, Ида Бејкер, наместо со нејзиниот сопруг. Според биографката на Менсфилд, Клер Томалин, семејството на Бејкер било предупредено за опасностите од лезбејството, а Кетрин била сместена во баварски спа центар пред г-ѓа Менсфилд да се врати дома и да ја лиши својата ќерка од наследство.
Менсфилд го запознала својот втор сопруг, Џон Мидлтон Мари – тогашниот уредник на „Ритам“, списание на кое Менсфилд му доставила неколку кратки раскази – во 1911 година. Иако се разделиле неколку пати, двојката се венчала во 1918 година и останала во брак до смртта на Менсфилд. Тие дури помогнале и да се инспирираат ликовите на Гудрун и Џералд во книгата „Вљубени жени“ од Д. Х. Лоренс, која ја раскажува приказната за тешките романтични врски меѓу два пара, Гудрун и Џералд, и Руперт Биркин и Урсула Брангвен, кои Лоренс ги моделирал според себе и неговата сопруга, Фрида.
Портретите се неласкави, при што двата фиктивни пара изгледаат бурни. Сепак, тие биле сосема реални. Двата пара живееле еден во близина во Бакингемшир во 1914 година, а подоцна и во Корнвол. Менсфилд и Лоренс некое време биле многу блиски пријатели, но често се карале и честопати целосно ја прекинувале својата врска. Можеби она што ги комплицирало работите бил фактот дека Лоренс имал сложени чувства кон сопругот на Менсфилд, а Мари бил привлечен од сопругата на Лоренс – и имал афера со неа кратко по смртта на Менсфилд.
Таа имала само 34 години кога почина
На Менсфилд ѝ била дијагностицирана туберкулоза во 1917 година (некои се сомневаат дека ја добила болеста од Лоренс, иако тој официјално не бил дијагностициран сè до 1925 година). Менсфилд патувала низ Европа помеѓу 1920 и 1922 година обидувајќи се да најде лек. Ја посетувале разни истакнати лекари од тоа време, но нејзината состојба не се подобрила. На крајот, таа отпатувала во Фонтенбло, каде што престојувала во Институтот за хармоничен развој Гурџиев. Починала таму на 9 јануари 1923 година, од белодробно крварење, очигледно предизвикано од трчање по скали. Имала само 34 години.
Менсфилд била постхумно обвинета за плагијат на Антон Чехов
Рускиот автор Антон Чехов бил еден од омилените писатели на Менсфилд, а според Мелинда Харви во „Кетрин Менсфилд и книжевното влијание“, критичарите ги споредувале двајцата уште во април 1920 година, првично како начин да го нагласат талентот на Менсфилд. Сепак, на крајот, некои критичари сугерирале дека Менсфилд правела повеќе од тоа да му оддаде почит на Чехов.
Еден од нејзините рани раскази, „Детето-кое-беше-уморно“, објавен во 1910 година, добил посебно внимание поради сличностите со „Поспаноглавата“ на Чехов (1888). Кон крајот на 1951 година, „Книжевниот додаток на Тајмс“ објавил жестока размена на мислења помеѓу романописецот Е.М. Алмединген и Мари за обвинувањата. На крајот, Мари признал дека постои „на прв поглед постои силен сомнеж“ за плагијат.“
Оттогаш се забележани и други силни паралели помеѓу делото на Чехов и делото на Менсфилд, вклучувајќи ги „Непосакувани“ (1886) и „Скакулецот“ (1892) од Чехов, како и „Брак по мода“ од Менсфилд (1921); „Забавата“ од Чехов (1888) и „Прием во градината“ од Менсфилд (1921); и „Огледалото“ (1885) и „Земање на превезот“ (1922).
