„Читај во 7/8“ – македонската книжевност и оваа година ќе биде претставена на Саемот на книга во Франкфурт!

Саемот на книгата во Франкфурт се смета за најголемата и најпосетената саемско-книжевна манифестација во светот и голема чест и привилегија е да се бидел дел од ваков настан. И оваа година, по петти пат, македонската книжевност ќе биде претставена од страна на Македонската асоцијација на издавачи, што е голем успех и чекор кон претставувањето на македонските дела и надвор од Балканот. Ова 76. издание на Саемот на книга во Франкфурт се одржува од 15 до 19 октомври.

(извор: Македонска асоцијација на издавачи/дизајн на студио „Кома“)

Годинава тие настапуваат под мотото „Читај во 7/8. Приказни со единствен ритам“, бидејќи како што велат, „годинава македонската книжевност ја презентираме како збир од нерамноделни, непредвидливи и оригинални гласови кои изненадуваат и фасцинираат“ и додаваат дека како што „нашата музика има свој единствен ритам, и нашата книжевност пулсира со непредвидлива енергија, со ритам што заведува и не се заборава.“

Во соопштението за јавност се напоменува дека оваа година Македонија ќе се претстави во меѓународната четврта хала со специјално изработен штанд за оваа намена, на простор од 32 квадратни метри, а додадоа и дека зад креативниот концепт оваа година се потпишува студиото „Кома“, кое го осмисли изгледот на нашиот национален штанд и на промотивните материјали.

За подобро претставување на македонската книжевност и поголема видливост на подготвените содржини за македонските автор(к)и и илустратор(к)и, оваа година Македонската асоцијација на издавачи изработи и нова веб-страница.

Според Бојан Саздов, претседател на Македонската асоцијација на издавачи:

На веб-страницата модерно и прегледно електронски се претставени авторите и нивните најзначајни и најнови дела, награди и меѓународни успеси, потоа илустраторите со нивни репрезентативни илустрации, а имаме и регистар на издавачите членки на МАИ. Со ова, поставуваме основи на една значајна база на податоци за нашата книжевност, која ќе ја надградуваме секоја година – нешто што е неопходно да го имаме во денешната дигитална ера.

Во Франкфурт ќе биде присутна делегација на МАИ, која пет дена ќе ја претставува македонската книжевност пред издавачи, агенти, автори, преведувачи и посетители од целиот свет, а на два настана ќе учествува нашата писателка за деца Билјана С. Црвенковска. Дополнително, како што се наведува во соопштението, на саемот ќе се претстават околу 70 автори и авторки кои се застапени во два каталози – „каталогот на книжевност за возрасни и каталогот на книжевност за деца, како и, за првпат, 20-тина илустратори, кои исто така се застапени во каталогот за деца. На штандот ќе бидат изложени голем дел од застапените дела во каталогот, како и делата на англиски јазик што се преведоа за ланското претставување на овој саем.“

Претставувањето е финансирано од Министерството за култура и туризам на Македонија и ова е одлична можност за претставување на македонската книжевност бидејќи на овој Саем на книга ќе се одржат околу 4.000 настани (промоции и панел-дискусии), ќе присуствуваат 10.000 новинари и 7.500 претставници на делегации на изложувачите од над сто земји, а бројот на очекувани посетители е над 230.000.

Leave a comment