Животот, филозофијата и концептите на Фридрих Ниче…

Фридрих Ниче е еден од најважните филозофи на 19 век, а неговото творештво се смета дека има речиси неспоредливо значење за формирањето на модерната мисла и филозофија. Денес, филозофијата на Ниче останува една од најважните ѕвезди-водилки за современите филозофи низ широк спектар на традиции и дисциплини. Но, кој бил Фридрих Ниче, што мислел и колку револуционерна била неговата филозофија? Ние го истражуваме неговиот живот, неговото влијание и неговите замисли за моралот, вистината, зависта, христијанството и други теми.

Животот и влијанието на Ниче

Ниче е роден во 1844 година, во Рекен, мирно село кое денес се наоѓа во источниот дел на Германија. Неговиот татко бил лутерански свештеник, па затоа неговото потекло било значително религиозно, дури и според стандардите на тоа време, бидејќи освен неговиот татко, неговите предци со генерации наназад биле пастори. Ниче покажал извонредни интелектуални способности уште од рани години и продолжил со класични студии на Универзитетот во Бон, а потоа на Универзитетот во Лајпциг. Тој се снаоѓал исклучително добро во училиште и на универзитет; и толку се истакнувал по старогрчки јазик (многу престижен предмет во тоа време) што бил назначен за професор по класична филологија на Универзитетот во Базел во Швајцарија на 24 години: познато е дека е најмладиот редовен професор во историјата.

Тој добил одредено (ограничено) признание за неговата научна работа за античката грчка литература, особено за делата на трагедијата. Сепак, неговото главно дело на оваа тема, „Раѓањето на трагедијата“, било збунувачко за колегите и многумина го сметале за неуспех. Додека предавал во Базел, Ниче почнал да развива интерес за самата филозофија, што на крајот го навело да ја фокусира својата работа во таа насока. .

Но, неговата официјална кариера не успеала и Ниче го поминал поголемиот дел од својата кариера надвор од формалните академски институции. Се заситил од своите колеги академици, се откажал од работата и се преселил во Швајцарија и Италија каде што живеел скромно и најчесто сам и таму ги напишал некои од неговите најпознати дела како: „Човечко, премногу човечко“, „Весела наука“ „Така зборуваше Заратустра“ , „Отаде доброто и злото“ и „Генеалогија на моралот“.

Тој имал многу проблеми. Најпрво, не се сложувал со семејството („Не ја сакам мајка ми, а за мене дури е и болно да го слушам гласот на сестра ми“) и бил отфрлен од низа жени, што му предизвикало голема тага („Мојот недостаток на самодоверба е огромен“). Како одговор на неговата изолација, пуштил огромни мустаќи и секојдневно одел на долги прошетки низ селото.

Со години, неговите книги речиси и да не се продавале, а кога имал четириесет и четири години, неговото ментално здравје целосно се нарушило, односно доживеал ментален слом кој бил забрзан и предизвикан од една сцена во Торино на која бил сведок, каде еден коњ бил безмилосно претепан од возач на кочија. Кога Ниче го видел ова, тој дотрчал до коњот, го прегрнал и извикал на цел глас: „Јас те разбирам!“ Тој никогаш целосно не се опоравил од тоа и ги поминал последните години од својот живот борејќи се со разни здравствени проблеми, вклучително и деменција и починал единаесет години по првиот нервен напад.

Но, неговата филозофија била полна со хероизам и грандиозност. Тој го проповедал концептот на „себенадминување“ – процесот преку кој човек со голема душа, кој тој го нарекол „Übermensch“ или „Натчовек“ се издигнува од своите околности и проблеми и го прифаќа сето она што животот му го фрла во негова насока.

Ниче за моралот и религијата

Многу аспекти на филозофијата на Ниче вклучуваат екстравагантни обиди да се фрлат некои од најдрагите концепти на западната култура, како религијата и филозофијата во хаос. Неговиот пристап кон моралот е особено познат. За Ниче, моралот треба да се разбере низ призмата на културата и историското формирање, а не низ призмата на чисто рационалната неопходност или божественото откровение. Преовладувачката морална парадигма на 19 век, која беше суштински христијанска, за Ниче била последица на одреден вид личност која ги следи своите интереси.

Додека аристократската верзија на моралот, која Ниче ја поврзува со луѓето во античкиот свет, нагласувала независно дејствување и право на моќните да прават што сакаат, таканаречениот „бунт на робовите“ во моралот ги вооружи концептите како што се сожалување и почит кон другите со цел да се создаде морален систем во кој најдобрите човечки суштества се потиснати, а најлошите поддржани. Според Ниче, овој генеалошки пристап кон нашите верувања е еден од првите и најживописни обиди за историзирање на цели системи на размислување и остави (навидум траен) белег врз нашата самосвест за нашите верувања.

Во оваа насока и се движат критиките и ставовите на Ниче околу религијата и често кажувал екстремни работи за христијанството: „Во целиот Нов завет, постои само една личност достојна за почитување: Пилат, римскиот гувернер.“ Иако ова звучи и е претерано, смислата на Ниче кога го кажал ова да го критикува христијанството затоа што ги заштитувало луѓето од нивната завист под превезот на моралноста.

Според Ниче, христијанството се појавило во доцното Римско Царство во умовите на плашливите робови, кои немале храборст да го добијат она што навистина го сакале (или да признаат дека не успеале), па затоа се држеле до филозофија што го маскирала нивниот кукавичлук во доблест. Тој го нарекол ова „робовски морал“. Христијаните сакале да уживаат во вистинските состојки на исполнувањето (позиција во светот, секс, интелектуално мајсторство, креативност), но биле премногу неспособни да ги добијат.

Затоа, тие создале лицемерно верување во кое го осудуваат она што го сакаат, но биле премногу слаби за да се борат за него – додека го фалат она што не го сакале, но случајно го имале. Значи, во христијанскиот вредносен систем, „немањето секс“ се претвори во „чистота“, слабоста стана „добрина“, покорноста кон луѓето што ги мрази „послушност“ и, според Ничеовата фраза, „неможноста-за-одмазда“ се претвори во „простување“.

Ниче за вистината

Иконоклазмот на Ниче се протега и во други области на филозофијата. Во контекст на вистината, еден од најтврдокорните филозофски идеали (иако склон кон квалификација од многу различни страни), Ниче повторно тврди дека тоа е концепт што задоволува практична потреба, а не интелектуална. Ниче, во еден од неговите попровокативни пасуси (на почетокот на „Надвор од доброто и злото“) бара да утврди што е тоа што ја прави вистината попожелна од лагата. Ова е карактеристично ничеовско прашање, не само затоа што нè искушува да одговориме (некохерентно) дека пожелноста не навлегува во тоа прашање, дека она што е вистина е вистина, а она што е лага и лага.

Всушност, обидот да се одговори на прашањето на Ниче нè води кон секакви тешки и проблематични терени. Одговорот на Ниче е едноставно дека идејата за вистината била неопходност за човечките суштества како вид, но таа неопходност сега во голема мера го завршила својот тек. Она што ни треба сега, од гледна точка на Ниче (и од која било гледна точка) е многу помалку сигурно, но останува една од централните проблематики на модерната мисла.

Дополнително, Ниче инсистирал на тоа дека централната задача на филозофијата е да нè научи како да „станеме тоа што сме“, со други зборови, како да го откриеме и да бидеме лојални на нашиот највисок потенцијал, а меѓу останатите работи и дополнително на неговите критики посочено погоре, тој сметал дека неколку работи се клучни за остварување на тој потенцијал:

Признавање на зависта

Ниче признал дека зависта е голем дел од животот. Сепак, како што и погоре беше посочено, тој сметал дека зависта често се прикрива бидејќи генерално нè учат да се чувствуваме засрамени од нашите чувства на завист. Тие за многумина се показател за зло. Затоа ги криеме од себе и од другите, толку многу што има луѓе кои понекогаш, сосема искрено, велат дека не завидуваат никому.

Ова е логички невозможно, инсистирал Ниче, особено ако живееме во современиот свет (кој го дефинирал како кое било време по Француската револуција). Масовната демократија и крајот на старото феудално-аристократско доба, во очите на Ниче, создале совршена почва за завидливи чувства, бидејќи сега секој бил охрабрен да чувствува дека е еднаков со сите други. Во феудално време, на кметот никогаш не би му паднало на памет да чувствува завист кон принцот. Но сега секој се споредува со сите други и како резултат на тоа е изложен на нестабилна мешавина од амбиција и несоодветност.

Сепак, според Ниче нема ништо лошо во зависта. Важно е како се справуваме со неа. Големината доаѓа од можноста да учиме од нашите кризи на завидливост. Ниче ја сметал зависта за збунет, но важен сигнал од нашето подлабоко јас за тоа што навистина сакаме. Сè што нè прави завидливи е фрагмент од нашиот вистински потенцијал, од кој се откажуваме на наша штета. Треба да научиме форензички да ја проучуваме нашата завист, водејќи дневник за моменти на завидливост, а потоа да ги прелистуваме епизодите за да го разбереме обликот на сопственото и идното, подобро јас.

Зависта која не ја признаваме, во спротивно ќе заврши емитувајќи го она што Ниче го нарекол „сулфурни мириси“. Горчината е завист што не се разбира себеси. Не е дека Ниче верувал дека секогаш на крајот го добиваме она што го сакаме (од неговиот сопствен живот го научил ова доволно добро). Тој едноставно инсистирал дека мора да станеме свесни за нашиот вистински потенцијал, да се бориме херојски за да го почитуваме и дури потоа да жалиме за неуспехот со свечена искреност и достоинствена чесност. Всушност, една од причините поради кои Ниче го критикувал христијанството и воопшто религијата, тоа е поради тоа што христијанството според Ниче се сведувало на огромно оправдување за пасивност и механизам за исцрпување на животот од неговиот потенцијал.

Алкохолот е деструктивен

Самиот Ниче пиел само вода и понекогаш, како посебен десерт, млеко и тој сметал дека и ние треба да правиме истото. Тој не изнесувал мала ексцентрична поента преку исхраната. Идејата влегла во срцето на неговата филозофија, како што е содржано во неговата декларација: „Постоеле два големи наркотика во европската цивилизација: христијанството и алкохолот“.

Тој го мразел алкохолот од истите причини поради кои го критикувал христијанството: затоа што и двете ја умртвуваат болката, и двете нè уверуваат дека работите се во ред какви што се, исцрпувајќи нè од волјата да ги промениме нашите животи на подобро. Неколку пијалоци создаваат минливо чувство на задоволство кое може фатално да ни го попречи патот на преземањето на чекорите потребни за подобрување на нашите животи.

Не е дека Ниче се восхитувал на страдањето само по себе. Но, тој ја препознал несреќната – но клучна – вистина дека растот и достигнувањето имаат неповратно болни аспекти. Тој напишал „Ах, колку малку знаете за човечката среќа, вие удобни луѓе!“ и додал:

„Зашто верувајте ми! — тајната за жнеење од најисполнетото живеење и најголемото уживање е: да се живее опасно! Изградете ги вашите градови на падините на Везув! Испратете ги вашите бродови во неистражени мориња! Живејте во војна со вашите врсници и со себеси! Бидете крадци и освојувачи сè додека не можете да бидете владетели и поседувачи, вие баратели на знаење! Наскоро ќе помине времето кога можевте да бидете задоволни да живеете скриени во шумите како срамежливи елени! Конечно, потрагата по знаење ќе го достигне она што го заслужува: — ќе сака да владее и да поседува, а и вие со него!“ (од делото „Весела наука“)

Мислата на Ниче го преобликува значењето на страдањето. Ако ни е тешко, тоа не е нужно знак на неуспех, туку може да биде само доказ за благородноста и макотрпноста на задачите што сме ги презеле.

Околу познатата и озогласена мисла дека „Бог е мртов“

Драматичното тврдење на Ниче за смртта на Бог не е, како што често се смета, некаков вид славеничка изјава. И покрај неговите резерви во врска со христијанството, Ниче не сметал дека крајот на верувањето е нешто што треба да се слави.

Тој сметал дека религиозните верувања се лажни; но забележал дека во некои области биле многу корисни за здравото функционирање на општеството. Откажувањето од религијата би значело дека луѓето ќе бидат оставени сами да најдат нови начини да се снабдат со водство, утеха, етички идеи и духовна амбиција. Тој предвидел дека тоа би било тешко.

Ниче сметал дека празнината што ја остава религијата треба да се пополни со култура (филозофија, уметност, музика, книжевност): Културата треба да го замени Светото писмо.

Сепак, Ниче бил длабоко сомничав во начинот на кој неговата ера се справувала со културата. Тој верувал дека универзитетите ги убиваат хуманистичките науки, претворајќи ги во суви академски вежби, наместо да ги користат за она што отсекогаш требало да бидат: водичи за живот. Тој особено се восхитувал на начинот на кој Грците ја користеле трагедијата на практичен, терапевтски начин, како прилика за катарза и морално образование – и сакал неговата ера да биде споредливо амбициозна. Тој ги обвинил универзитетските и музеите за повлекување од потенцијалот на културата што го води животот и дава морал, токму во времето кога Смртта на Бога ги направила овие аспекти сè понеопходни.

Тој повикал на реформација, во која луѓето – новосвесни за кризата предизвикана од крајот на верата – ќе ги пополнат празнините создадени од исчезнувањето на религијата со мудроста и лековитата убавина на културата.

Заклучок

Ниче сметал дека секоја ера се соочува со посебни психолошки предизвици, и задача на филозофот е да ги идентификува и да помогне во нивното решавање.

За Ниче, 19 век бил под влијание на два главни моменти: масовната демократија и атеизмот.

Првиот се заканувал да ослободи порои од несварена завист и отровна огорченост, а вториот да ги остави луѓето без водство или морал.

Во однос на двата предизвици, Ниче разработи некои фасцинантни решенија – од кои нашето време има некои многу практични работи за учење, онака како што тој би сакал.

Извор 1.

Извор 2:

Leave a comment