Оскар Вајлд: енигматско его, извонредна духовитост и траен гениј…

Оскар Вајлд денес е еден од најпрепознатливите светски книжевници, најпознат по неговото ремек-дело „Сликата на Доријан Греј“, но и по неговите афоризми и хумор. Денес на блогот прочитајте еден одличен текст на новинарката Ајлин Батерсби за „Ајриш Тајмс“ во кој му оддава почит на еден од најголемите светски писатели анализирајќи го неговото книжевно наследство и неговиот извонреден живот.

„…над нашите глави ќе лебди Сината птица пеејќи за убави и невозможни работи, за работи што се прекрасни и што никогаш не се случиле, за работи што не се и што треба да бидат.“

~ „Пропаста на лагата“ (1889) ~

(извор: British Heritage Travel)

На 16 октомври 1854 година, се родил еден од најмагичните и најпривлечните писатели во светот, уметник со извонредна духовитост и ученост, чиј гениј е поставен наспроти неговата човечност и безгрижна потрага по љубов и совршенство. Оскар Вајлд плати висока цена за своите романтични нагони и верба во убавината. Ироничен фатализам сигурно го следел во текот на целиот негов краток живот, кој завршил во хотелска соба во Париз во 1900 година, како и елоквентниот пркос на кој едноставно не можел да му оддолее. Епиграмите течеле.

Сепак, неговото богато и разновидно наследство е исто толку полно со тага колку што е полно со хумор, увид и набљудување. Тешко е да се помине еден ден без да се чуе или прочита барем некаква референца поврзана со Вајлд – било да е тоа цитат од неговото творештво, афоризам или некаква парафраза – како што е за Шекспир или Јејтс. Вајлд опстојува како и соодветните дела на еден елизабетански драматург и еден ирски поет роден помалку од 11 години по Вајлд. Ова трио е инфилтрирано во нашата свест; нивните зборови ги обликуваат нашите реакции.

За многу читатели, првата средба со Вајлд сосема е можно да била откако како деца слушнале читање од „Среќниот принц“. Овој расказ е објавен во 1888 година во збирка која ги вклучува и „Славејот и розата“, „Себичниот џин“, „Посветениот пријател“ и „Извонредната ракета“. Вајлд им се обраќа на сите, без оглед на тоа дали се возрасни или деца.

Во чест на Вајлд по повод оваа годишнина од неговото раѓање, може да се вратиме на „Среќниот принц“ или на „Себичниот џин“ и повторно да се восхитуваме на уметноста, или, уште подобро, да го направиме ова момент да го запознаеме синот или ќерката, внуката или внукот со трогателното чудо какво што е творештвото на Вајлд. „Себичниот џин“ за многумина е едно од омилените дела на сите времиња. Доколку вашиот избор се префрли на нефикција, изданијата на издавачката „Нотинг Хил“, кои се залагаат за објавување претежно на есеи, објавија елегантен избор од делата на Вајлд, „Убави и невозможни нешта“, кој го добива својот наслов од „Пропаста на лагата“ (1889), кое се појавува заедно со „Душата на човекот во социјализмот“ (1891) и „Убавата куќа“ (1882).

Овие творби фрлаат остар сјај врз преовладувачкото чувство за правда на Вајлд. Не е изненадувачки што Вајлд го бранел Парнел во печатена форма. Исто толку променлив како Моцарт, Оскар Вајлд е брз и достоен за истражување. Не е залудно што еден од неговите најистакнати обожаватели, биографот Ричард Елман, призна дека пишувањето на неговата студија, „Оскар Вајлд“, која беше објавена во 1987 година, било многу тешко бидејќи Вајлд бил недостижен: „Тој повеќе му припаѓа на нашиот свет отколку на оној од викторијанското време. Сега, надвор од дофатот на скандалот, неговите најдобри дела се потврдени од времето, тој сè уште ни доаѓа како импозантна фигура, смеејќи се и плачејќи, со параболи и парадокси, толку дарежлив, толку забавен, толку исправен“.

Раскошот, театралноста, вистинската разиграност, бизарната невиност и заслепувачката самодоверба, сите тие имаат улога во неговата трагедија. Како уметник, тој има необична привлечност. Прочитајте што било од Оскар Вајлд, било да е тоа есеј или детска приказна; доживејте го неговиот извонреден роман „Сликата на Доријан Греј“ (1890) или едноставно впијте ги неговите прекрасни комедии и веднаш ќе ви стане јасно дека тој е целосен писател, како и длабок мислител. Централно место во неговиот прекрасен подем и беден пад е неговата необична генијалност и неговата иронична парада на неговото его. Исто така, постои и неговата очигледна самодоверба дека сè е негово за да го земе, но уште поважно – земете ја предвид неговата човечност: тој сакал, страдал, се обидувал да преживее.

Олицетворувајќи го вештачкото однесување кое било модерно на крајот на 19 век, тој наоѓал огромно задоволство во пародирање на однесувањето на Англичаните. И покрај шарадата, Вајлд останал свесен Ирец и уживал во сатиризирањето на снобизмот на англиската класа. Тој, исто така, ги исмејувал и Американците, но тајно им се восхитувал. Секогаш креативен уметник, тој бил способен да му даде гламур на големото тело и обичното лице наследено од Џејн Франческа Елџи, леди Вајлд, неговата динамична и импулсивна мајка.

Неговото потекло одиграло своја улога во создавањето на феноменот што подоцна ќе стане. Неговиот татко, сер Вилијам Вајлд, бил истакнат хирург со отворено шаренолика личност извалкана од сексуални гласини и скандали, а истовремено бил дарежлив и посветен на сиромашните. Тој бил пионерски антиквар и, уверен во своите педантни организациски вештини, го презел и го завршил каталогизирањето во три тома на археолошката колекција на Кралската ирска академија за извонредни пет месеци, бидејќи било очигледно дека добронамерниот, но безнадежно неорганизиран антиквар, музичар и сликар, Џорџ Петри (1790-1866), никогаш нема да ја заврши задачата. Сер Вилијам бил меѓу првите посетители на Њугрејнџ на бреговите на Бојн во Ко Мит во 19 век. Како способен писател, тој објавувал материјал кој се протегал од патеписи до студии за последните години од животот на Свифт, хируршки текстови и, се разбира, антикварни теми.

Мајката на Вајлд, позната во историјата главно по нејзиниот псевдоним, Сперанца, била ќерка на адвокат и внука на архиѓаконот Елги. Присуствувајќи на погребот во 1845 година на младиот Ирец Томас Дејвис, коосновач на „Нација“, Џејн Елги, која тогаш имала 19 години, ја прочитала неговата поезија и закусо време станала страстен националист. Токму под псевдонимот Сперанца почнала да пишува песни и статии за „Нација“.

Во 1851 година се омажила за д-р Вајлд, чии услуги за пописот ќе му ја донесат титулата витез во 1864 година. Истата година, постариот Вајлд, тогашниот сер Вилијам, се појавил во судење поради обвинението од една од неговите поранешни пациентки, Мери Траверс, која го обвинила за силување. Нестабилната Сперанца ги искомплицирала работите со тоа што непромислено напишала клеветничко писмо за Траверс, чиј адвокат бил Исак Бат. На крајот на судењето г-ѓа Траверс се сметала дека има нарушена психолошка состојба, но сер Вилијам, во морничаво наговестување за судбината на неговиот помлад син во еден сосема поинаков, иако подеднакво гаден, случај, си заминал од судот со нарушен углед.

Оскар Вајлд пораснал во семејство полно со реторика, книги, фолклор и интересни личности. Од колеџот Тринити, тој се упатил кон колеџот Магдален во Оксфорд, освојувајќи ја наградата Њудигејт за поезија. Неговиот талент привлекол внимание, како и неговата филозофија на „уметност заради уметност“. Бракот со Констанс Лојд следел во 1884 година и тој се покажал како нежен, но расеан сопруг. Дотогаш, тој веќе држел предавања низ Северна Америка за естетика. Враќајќи се во Лондон, тој се етаблирал како рецензент. Незаситениот апетит на Вајлд за книги одговарал на неговите потреби во други области. Неговиот немир можеби бил хранет од неговата желба – полунесигурна, полуегоистична – за идеализирана љубов.

(од времето кога Вајлд бил на Оксфорд/извор: British Heritage Travel)

Неговата книжевна кариера започнала со збирката „Среќниот принц и други раскази“ кои, како што веќе беше забележано, била објавена во 1888 година. Се чини соодветно дека поединец како него, кој и покрај целата своја софистицираност, задржал елемент на детинетост во текот на целиот свој живот, би ја започнал својата кариера со детски приказни и бајки. Неговиот единствен роман, „Сликата на Доријан Греј“, бил лошо прифатен по објавувањето најпрво како серијал во списание во 1890 година, а во форма на роман во 1891 година. Во оваа готска парабола, Вајлд ги артикулира немирот и амбивалентноста што го поткопуваат неговиот живот и неговото дело, одиграни онакви какви што се одвивале среде цинично пристрасната сексуалност и раскошната декаденција од крајот на 19 век.

Со своите суптилни одекнувања и повикувања на идеите на По и Бодлер, тоа е извонреден роман заснован на фаустовски пакт склучен од антихерој кој се плаши од разорувањето на староста и е подготвен да склучи договор по секоја цена. И покрај целиот ужас на приказната, Вајлд покажува огромна воздржаност. Тоа е вешта изведба на имагинација и храброст. Човек речиси би бил во искушение да каже дека неговата книжевна бесмртност може да почива само на тоа, доколку не беше фактот дека Вајлд беше толку надарен, инспиративен комичар со софистицирано разбирање на трагедијата.

Неговите комедии се светли и сјајни, брзи и урнебесни. Фасцинантно е што дури и додека гледате класична современа британска комедија со актери како Стивен Фрај и Хју Лори, или истото дуо што ги игра Берти Вустер и Џивс на П.Џ. Вудхаус, Вајлд се чини дека влијае на нивното време. Фрај требаше да го портретира Вајлд во филмот од 1997 година. Духовитоста е секогаш присутна, како и остроумните реплики. „Важноста да се биде искрен“ (1895) останува една од најсмешните драми некогаш напишани, епиграматичниот хумор на Вајлд е брилијантно отелотворен од брзиот дијалог. Тоа е претстава што актерите неизбежно признаваат дека ја сакаат. Тој останува еден од мајсторите на церебралниот, зборовниот хумор.

Сепак, Вајлд во суштина бил сериозен. „Една неважна жена“ (1893), иако не е толку мрачно како „Сликата на Доријан Греј“, сепак е мрачно дело. Вајлд верувал дека е уметник кој пишува за идните генерации. Оваа слика за себе доминира во неговиот најмоќен литературен исказ, „Де профундис, долго писмо напишано во затвор помеѓу јануари и март 1897 година и адресирано до предавничкиот љубовник на Вајлд, лорд Алфред Даглас, син на маркизот од Квинсбери.

Објавено посмртно во 1905 година, „Де профундис“ е лут манифест кој детално ја опишува алчноста на Даглас, неговите злобни навреди и, пред сè, неговата неблагодарност. „Додека беше со мене“, пишува Вајлд, „ти беше апсолутна пропаст на мојата уметност“. Врската – која, како што Вајлд нагласува низ целиот текст, постојано се обидувал да ја прекине – го исцрпила емоционално, уметнички и финансиски. Тонот на Вајлд е формален и драматичен. Напишано, по една страница на ден, на затворска хартија, писмото гледа подалеку од деструктивната афера и открива дека Вајлд постигнал разбирање за животот, неговиот одговор на него и неговата свест за времето и подароците што ги потрошил залудно. Тој бил свесен, а историјата се согласува, дека можел да постигне многу повеќе доколку живеел подолго. Неговото срдечно писмо служи и како метафизичка медитација за улогата на уметникот.

„Бев човек кој стоеше во симболични односи со уметноста и културата на моето време… Малкумина луѓе имаат таква позиција во својот живот и ја имаат толку признаена. Обично ја препознава, ако воопшто ја препознава, историчарот или критичарот, долго откако и човекот и неговото време ќе починат. Со мене беше поинаку. Јас самиот го почувствував тоа и ги натерав другите да го почувствуваат тоа… Боговите ми дадоа речиси сè. Имав генијалност, истакнато име, висока општествена положба, брилијантност, интелектуална храброст; ја направив уметноста филозофија, а филозофијата уметност; ги менував умовите на луѓето и боите на нештата… на самата вистина ѝ го дадов она што е лажно не помалку од она што е вистина како нејзина вистинска област и покажав дека лажното и вистинитото се само форми на интелектуално постоење. Ја третирав уметноста како врховна реалност, а животот како обична фикција.“

Трагедијата го опкружува животот на Оскар Вајлд, има патос и сочувство за жртва на љубовта и предавството, но каде што го има Вајлд, има хумор и имагинација, радост во јазикот и во неговата поезија. Еден од најдобрите уметници на ирската и меѓународната книжевност продолжува да му се насмевнува на светот преку опус кој блеска.

Извор.

Leave a comment