Нобеловата награда за книжевност се смета за најпрестижната награда во книжевниот свет, а годинава таа отиде во рацете на унгарскиот писател Ласло Краснахоркаи. Само малкумина писател(к)и од 20 и 21 век успеале да ја добијат, што значи дека многу познати автор(к)и кои денес се сметаат за најдобри и најсакани писател(к)и на 20 и 21 век. Денес продолжуваме со серијалот на блогот со избор на пет познати автори и авторки кои и покрај тоа што денес се сметаат за легенди, не успеале да се закитат со наградата.
Емил Зола

Емил Зола е еден од најистакнатите француски писатели, чии дела се нашироко читани и почитувани и кој влијаел и на многу други писатели со својот специфичен стил и пишување, но тој не успеал да ја добие Нобеловата награда за книжевност. Во 1901 година, првата година кога се доделувала наградата, Емил Зола бил номиниран, со оглед на неговата репутација и почит што ја имал како писател, но Емил Зола не ја добил Нобеловата награда бидејќи, Карл Давид аф Вирсен, клучен член на комитетот го отфрлил неговото творештво поради неговата поврзаност со литературниот натурализам, движење кое нему лично не му се допаѓало. Иако Зола бил дел од номинираните во 1901 година, наградата му била доделена на Сили Прудом, делумно затоа што Француската академија го препорачала, фактор што имал тежина кај комитетот.
Сепак она што дополнително додава контекст на ситуацијата е што Емил Зола починал во 1902 година, што значи дека и во 1902 година не би можел да биде избран, што значително ја скусило временската рамка кога можел да ја добие наградата.
Антон Чехов

Еден од најголемите мајстори на краткиот расказ, кој влијаел на најголемите писателски умови во 20 век, чии дела и денес се изведуваат нашироко на театарските сцени – никогаш не добил ни можност да биде отфрлен, затоа што и никогаш не бил номиниран! Ова е една од одлуките во однос на оваа награда што е можеби и најшироко критикувана и за која има широк консензус дека е огромна грешка.
Па тогаш, што навистина се случило? За жал, причината е комбинација на неколку фактори. Едната причина е поради тоа што Антон Чехов починал во 1904 година, а Нобеловата награда започнала да се доделува во 1901 година, што значи прозорецот за доделувањето на наградата на Чехов била само три години, иако експертите и историчарите велат дека и покрај тој кус период на можности, Чехов требало да биде барем во најтесен избор за наградата, со оглед на тоа дека во тој период тој бил светски почитуван. Друга (неофицијална) причина која често се споменува, иако нема официјални записи за тоа е дека за ова изоставување придонела и историската антипатија на Шведска кон Русија поради која ниту Толстој ниту Антон Чехов, кои се сметаат за гиганти во светската книжевност, не ја добиле наградата.
Хенрик Ибзен
:max_bytes(150000):strip_icc()/portrait-of-henrik-ibsen--1828-1906---artist--anonymous-520713737-155121fdd198451f824b706629060bfc.jpg)
Тој се смета за еден од најистакнатите светски писатели од 19 век и често се нарекува „татко на модерната драма“, како и најважен драматург по Вилијам Шекспир, инспирирајќи некои од најпознатите драматурзи како: Оскар Вајлд, Џорџ Бернард Шо, Џејмс Џојс, Артур Милер и Јуџин О’Нил. За обемот на неговиот живот и творештво можете да го прочитате текстот „Кон животот и творештвото на Хенрик Ибзен“.
Од веќе достапните архиви, познато е дека Ибзен бил номиниран за Нобеловата награда за книжевност во 1902, 1903 и 1904 година, а за жал починал во 1906 година и никогаш не добил можност да ја добие наградата. Според она што е познато, во 1902 година тврделе дека неговиот радикален стил е премногу реалистичен и е во спротивност на желбите и аманетот што го оставил Алфред Нобел, кој рекол дека наградата треба да се даде на „личноста што ќе го произведе најистакнатото дело во областа на книжевноста кое се движи во идеална насока“, односно сметале дека неговото творештво не е доволно идеалистичко. Во записите на Нобеловиот комитет од 1903 година, тој бил отфрлен како можен победник затоа што го сметале за „премногу стар и истрошен“.
Едит Вартон

Едит Вартон е една од најпопуларните и најпочитуваните американски писателки од првата половина на 20 век, но и таа никогаш не се стекнала со најпрестижното книжевно признание. Многумина сметале дека со оглед на тоа таа е првата жена што ја добила Пулицеровата награда за белетристика за нејзиниот прекрасен роман „Доба на невиноста“, таа заслужува и да биде наградена со Нобеловата награда. Всушност доказ за тоа било што таа била номинирана во 1927, 1928 и 1930 година, но за жал никогаш не ја добила наградата.
Некои веруваат дека една од причините е што најзначајните дела ги издала во подоцнежниот дел од нејзината кариера, па немало доволно време за да ја добие, но некои сметаат дека една од причините за ова е што во тие години, Нобеловиот комитет се чинело дека има предрасуди кон американски писатели и писателки и не ги сметале за доволно добри за да ја добијат наградата и тоа е една од причината заради кои многу американски автори, вклучувајќи ја и Вартон, не ја добиле наградата.
Ф. Скот Фицџералд
Ф. Скот Фицџералд денес се смета за еден од најдобрите американски писатели на 20 век и многумина често се прашуваат зошто и тој не е меѓу оние што ја добиле наградата, иако неговиот пријател и колега, Ернест Хемингвеј ја добил во 1954 година. Она што е исто така многу интересно е што тој воопшто и не бил номиниран за наградата. Како и со другите писатели од листата, причината е комбинација од неколку фактори.
Прво, Фицџералд умрел прилично млад, на само 44 години, во 1940 година и тоа го скусило прозорецот на можности за воопшто да биде разгледан како можен добитник на наградата, а дополнително, во тоа време, во периодот околу неговата смрт, неговата книжевна репутација не била толку висока, особено на светско ниво. Иако „Големиот Гетсби“ се смета за еден од најголемите романи на 20 век, во времето кога бил издаден воопшто не се ни продавал и се сметал за неуспешен.
Дополнително, Фицџералд на почетокот на 20. години на 20 век бил исклучително популарен и читан, тоа се променило во подоцнежните години во неговата кариера што придонело и кон неговата депресија. Покрај тоа, многумина потенцираат дека при одлучувањето, Нобеловиот комитет, особено во тие времиња, го оценувале целокупното творештво на авторот, но и неговиот живот и репутација, а Фицџералд често го следеле гласини и бил контроверзен, па многумина веруваат дека и неговото пиење и забавување и случки влијаеле врз тоа воопшто и да не биде номиниран, затоа што голем дел од книжевниот свет не го сфаќал сериозно. И за крај, повеќе новинари и истражувачи се согласуваат и со тоа дека Нобеловиот комитет често знае да биде претенциозен и да бега од популарни писател(к)и и жанрови, а жанрот и стилот на Фицџералд и во тоа време се сметал за премногу „популарен“ и недоволно „книжевен“.
Доколку ве интересираат и други звучни имиња што никогаш не ја добиле наградата, прочитајте ги и текстовите:
Познати писатели кои не ја добиле Нобеловата награда за книжевност… (1)
Познати писатели кои не ја добиле Нобеловата награда за книжевност… (2)
Познати писатели кои не ја добиле Нобеловата награда за книжевност… (3)
