Џек Керуак е еден од најпознатите американски писатели од втора половина на 20 век и еден од главните претставници на т.н „Бит-генерација“, заедно со Ален Гинзберг, Вилијам С Бароуз и други. Неговиот роман „На пат“ е најпознатото дело од „Бит-генерацијата“, доловувајќи го слободниот живот и потрагата по слобода додека патува низ Америка.

(Џек Керуак во Њујорк околу 1957 година/извор: Jerry Yulsman/The New York Review)
Денес на блогот можете да погледнете едно интервју од 1959 година со познатиот американски водител Стив Ален и неговото познато „Стив Ален Шоу“. Интервјуто е мошне кусо, но она што остава впечаток е целата атмосфера, Стив Ален поставува прашања и свири на пијано додека Керуак одговара на прашањата, а потоа следува еден многу интересен сегмент, каде Керуак чита извадок од неговото најпознато дело „На пат“, додека Ален свири на пијано.
Со оглед на тоа дека ова се смета дека е единствената позната снимка од Керуак додека го чита своето дело и спојувајќи го тоа со одличниот амбиент, ова е навистина снимка која вреди да се погледне, но најпрво прочитајте го транскриптот на македонски јазик, а најдолу е преведен и извадокот што Џек Керуак го чита.
Стив Ален ја започнува најавата велејќи: „Во раните 50. години, нацијата среде своето средиште препозна едно социјално движење кое стана познато како „Бит-генерација“. Романот наречен „На пат“ стана бестселер, а неговиот автор Џек Керуак стана позната личност, делумно затоа што напиша моќна и успешна книга, но делумно и затоа што се чини дека тој е еден вид олицетворение на оваа нова генерација.“ Она што е интересно е што Ален не само што знаел за Бит-генерацијата, туку и им се придружил, барем за една соработка, како што и самиот вели во продолжението на најавата: „Џек и јас направивме албум заедно пред неколку месеци на кој свирев на пијано во позадина за време на неговото читање поезија.“ Тоа беше „Поезија за Бит-генерацијата“, првиот од трилогијата албуми на Керуак со зборување и читање.“
Стив Ален: Џек пред малку ми рече дека е нервозен. Џек нервозен ли си? Не? Добро. Џек, имав на ум неколку досадни прашања, но мислам дека одговорите ќе бидат интересни. Колку време ти требаше да ја напишеш книгата „На пат“?
Џек Керуак: Три недели.
Стив Ален: Колку?
Џек Керуак: Три недели.
Стив Ален: Три недели! Тоа е неверојатно. А колку долго беше на пат?
Џек Керуак: Седум години.
Стив Ален: Седум години… Јас еднаш три недели бев на пат и ми требаа седум години за да напишам книга за тоа. Баш обратно. Инаку имам чуено дека типкаш многу брзо и не ти се допаѓа обичната хартија за типкање туку претпочиташ од оние долги ролни хартија. Дали е тоа вистина?
Џек Керуак: Да. Кога пишувам наративни романи, не сакам да ја прекинувам мојата наративна мисла и продолжувам да типкам и типкам…
Стив Ален: Не сакаш да ги менуваш страниците?
Џек Керуак: Да, користам ролна од хартија наменета за телеграф долга нешто повеќе од метар и половина.
Стив Ален: Аха, сфаќам. А каде ја наоѓаш хартијата?
Џек Керуак: Се работи за нормална, обична хартија за телеграф.
Стив Ален: Ама каде ја наоѓаш?
Џек Керуак: Во добро снабдена продавница за канцелариски материјал. Кога ги пишувам моите поедноставни, сериозни и импресионистички дела, ги пишувам со молив.
Стив Ален: Навистина? Имам видено дел од твојата поезија напишана со молив, ама не знаев дека така си работел и на прозата.
Џек Керуак: Добро е за раскажувањето, така лесно оди…
Стив Ален: За тебе сега го имам најдосадното прашање од сите и сигурен сум дека цело време ти го поставуваат: Како би го дефинирал зборот „бит“?
Џек Керуак: Пааа… „сочувствителен“.
Стив Ален: Сочувствителен? Ок, важно прашав.
И тука интервјуто завршува и Ален ѝ се обраќа на публиката велејќи дека за следниот сегмент планирале Џек Керуак да чита дел од својата поезија, но додека ја разгледувал книгата „На пат“, му паднало на ум дека неговата проза е всушност многу поетична и дека според него може да се рече и дека можеби е и поетична од онаа на Томас Вулф. Па така во продолжение прочитајте го македонскиот превод на извадокот што го чита Џек Керуак, а подолу погледнете го одличното видео и уживајте во неверојатното читање и дикција на Џек Керуак… звучи одлично!
***
Па, многу луѓе ме прашаа „Зошто ја напишав таа книга или која било друга книга?“ Сите приказни што ги напишав беа вистинити, затоа што верував во она што го видов
Едно време патував на запад
На раскрсницата на државната граница на Колорадо
Се наоѓа меѓу сушниот Запад и државната граница на сиромашната Јута
Видов во облаците огромнен јарбол и над
Огнената златна пустина на рамномерност
Излитена слика на Бога со показалецот насочен право кон мене
Низ ореоли и ролни и златни набори
Тоа беше како постоењето на блескавото копје во неговата десна рака да вели:
„Ајде момче оди преку земјата
Оди стенкај за човекот, оди стенкај, oди мрмори
Оди мрмори сам, оди тркалај ги коските, сам
Оди и биди мал под мојот поглед
Оди и биди мал како семе во мешунката
Оди ти, оди ти, умри оттука
И од овој свет да известуваш добро и искрено“
Како и да е, ја напишав книгата затоа што сите ќе умреме
Во осаменоста на мојот живот – мојот татко мртов, мојот брат мртов
Мојата мајка далеку од мене, мојата сестра и мојата сопруга далеку од мене
Ништо тука освен моите трагични раце што некогаш беа чувани од еден свет
Со слатко внимание
Но сега се оставени да водат и да исчезнат по својот пат
Во заедничката темнина на целата наша смрт
Спиејќи во мене, во сировиот кревет сам и глупав
Само со оваа гордост и соѕвездие
Срцето ми се скрши од општиот очај
И се отвори внатрешно кон Господ
Се молев во овој сон
Па на последната страница од „На пат“
Опишувам како херојот Дин Моријарти дојде да ме види
Дојден дури од Западниот брег само на еден или два дена
Тукушто патувавме наваму-натаму, низ целата земја неколку пати со автомобили
И сега нашите авантури завршија, сè уште сме одлични пријатели
Но, мора да чекориме во подоцнежните фази од нашите животи
Па ете го, Дин Моријарти, развлечен во капут изеден од молци
Кој го донел специјално за ниските температури на Истокот
Одејќи сам и последен пат го видов
Го заобиколуваше аголот на 7. Авенија
Очите фокусирани на улицата пред него и повторно и ѝ потклекна на неа, го снема
Па, во Америка, кога сонцето заоѓа
И седам на старото, распаднато речно пристаниште
Гледајќи го ширкото, широкото небо над Њу Џерси
И чувствувајќи ја целата таа сирова земја
Што се тркала во една неверојатна испакнатина кон западниот брег
И целиот тој пат што оди
И сите луѓе сонуваат во неговата бескрајност
И знам дека знам досега
Дека Децата сигурно плачат во земјата каде што ги оставаат децата да плачат
И вечерва ѕвездите ќе бидат изгаснати, а не знаеш ли дека Бог е мечето Пу?
Вечерната ѕвезда сигурно се спушта и ги испушта своите светкави затемнувања на преријата
Што е непосредно пред доаѓањето на целосната ноќ што ја благословува Земјата
Ги затемнува сите реки, ги покрива врвовите и го превиткува последниот брег
Никој, никој не знае што ќе се случи со никого
Освен очајните партали на старата доба
Мислам на Дин Моријарти, дури мислам и на стариот Дин Моријарти
Таткото што никогаш не го најдовме
Мислам на Дин Моријарти, мислам на Дин Моријарти…
