Џорџ Орвел е еден од писателите што продолжуваат да фасцинираат. Неговото дело „1984“ од година во години се чини дека не само што не губи од релевантност, туку станува и сѐ подоминантно во јавниот дискурс, особено имајќи ги предвид турбулентните времиња низ кои поминува светот. Делови од „Животинска фарма“ постојано се цитираат и секој човек барем слушнал за овие дела и нивната присутност во општествените дискусии.

(сцена од документарецот/извор: Rolling Stone)
По неговата смрт во 1950 година, само една година по издавањето на „1984“, напишани се многу биографии, анализи и книги, а на почетокот на октомври во одредени кина ширум светот започнаа проекциите на новиот документарен филм „Орвел: 2+2=5“, дело на режисерот Раул Пек, познат и по своите филмови за Џејмс Болдвин и Карлс Маркс, кој длабински навлегува во творештвото на Џорџ Орвел со цел да ја истражи неговата длабока релевантност и поврзаност со времето во кое живееме.
Документарецот ја имаше својата светска премиера во Канскиот филмски фестивал на 17 мај 2025 година, каде што беше номиниран и за награда, а Дајман Луис е наратор во документарецот, „позајмувајќи“ и давајќи му глас на Џорџ Орвел.
Поголемите светски електронски магазини и портали веќе почнаа да ги објавуваат своите рецензии, па така, познатото списание „Холивуд репортер“, за документарецот вели: „Со динамична мешавина од биографија и интелектуална суштина, а со реизборот на Доналд Трамп како очигледна пресвртна точка за неговата итност, „Орвел: 2+2=5“ навлегува во начините преку кои аргументите на Орвел се одразуваат во геополитиката од изминатиот век.“ Шери Линден, која го напиша освртот објавен во „Холивуд репортер“, додава и дека режисерот Раул Пек „внесува здрава доза на сочувствителен бес во неговото истражување на Орвеловиот поглед на светот и чувствителност кон неговата животна приказна.“
Освен тоа, она што го прави овој документарен филм уште поинтересен е фактот што, како што вели Линден, разновидниот „избор на архивски материјал е надополнет со нови снимки, исечоци од фасцинантен пресек на документарни филмови и драми, вклучувајќи неколку екранизирани обмислувања на „1984“ и „Животинска фарма“, како и извонредна графика – особено додавајќи го каталогот на книги што биле забранети во САД и низ целиот свет и реален речник на Новоговор кој сам по себе вреди за цената на влезницата“.
Од друга страна, во освртот на Дејвид Фир, објавен во списанието „Ролинг Стоун“, се потенцира и како документарецот прави остри паралели со сегашноста, заклучувајќи дека преку користењето на слоганите од „1984“ како „Војната е мир“, „Слободата е ропство“ и „Незнаењето е сила“, како главни поглавја во документарецот, „Пек почнува да објавува монтажи од апсења на новинари, парадирања на милијардери и играње игри на моќ, примери за начините на кои медиумите станаа обесправени и монополизирани, а реалноста киднапирана и искривена.“ На крајот Фир додава и дека Орвел „бил инспириран да се спротивстави на својата помиреност и соучество во еден корумпиран систем. Филмот ве инспирира и вие да го сторите истото.“
(официјалниот постер за филмот)
Уште еден интересен осврт е оној на Ширли Ли за списанието „Атлантик“ во кој вели дека иако низ текот на децениите читателите ги препознаваа пророчките предупредувања од „1984“, „според филмот на Пек, препознавањето дека реалноста може да личи на дистопиското ремек-дело на Орвел довело до вкочанетост и отапеност, наместо до значајна промена.“ Понатаму во освртот, Ли ги опишува и визуелните ефекти на екранот, поврзувајќи ги микробите од туберколозата која го убила Орвел, и додава дека како што микробите се шират низ екранот, тие го хипнотизираат гледачот. Истовремено Ли вели дека Пек во еден нивен разговор споделил дека тоа го направил со намера бидејќи тоа е многу слично на тоа како диктаторите ги преоптоваруваат способностите на луѓето да разликуваат факт од фикција.
Ли вели дека Пек ѝ рекол: „Истата приказна одново и одново се повторува, а ние не учиме“. Понатаму, Ли додава и дека Пек споделил со неа дека документарецот „има за цел да ја пренесе неговата фрустрација што името на Орвел премногу често е сведено на обична придавка, а „1984“ на чиста шпекулативна фикција“ и дека при создавањето на документарецот, Пек го сметал Орвел за „борбен другар“ и го сметал за еден вид на „водич, а не енциклопедија на сознанија од кои може да се црпи.“
Ширли Ли ги додава и своите впечатоци велејќи дека како резултат на сите овие информации и намери, филмот може да делува пренатрупано, но таа вели дека „дури и кога вклучува нескладни слики, Пек внимателно ја следи визијата на Орвел“ и како за пример Ли го дава аргументот дека „тој користи уметност генерирана од вештачка интелигенција за време на некои секвенци поврзани со злоупотребата на технолошките иновации; моментите на почетокот делуваат непредвидливо, но успешно го евоцираат описот на Орвел во „1984“ за свет во кој записите и книгите се произведуваат „без никаква човечка интервенција“.“
Освртот на Ли е навистина екстензивен, но го заокружува преку истакнување на фактот дека „Пек се надеваше дека густината и широкиот опсег на филмот ќе истакнат колку често се повторуваат најболните моменти од минатото“ и дека филмот тврди дека „сознанието дека многу диктатори дошле на власт преку познати средства не е доволно за да бидат запрени“ и дека според Пек, „демократскиот систем треба „да се обновува и зајакнува секој ден“ преку посветеност на вистината“. На крај таа заклучува дека „ваквите стремежи може да бидат единствениот начин да се ослободиме од интелектуалната парализа – единствениот начин да се потсетиме колку всушност е 2+2.“
Погоре на линковите можете да пристапите до целосните осврти на овие три списанија, а подолу погледнете го и официјалното промотивно видео за документарниот филм.

