Што читаше Кафе и книги во октомври?

Нов месец, нови книги за читање! Есента е во полн замав и почнаа студените денови кои се совршени за топло кафе или чај и книга во рака. Доколку барате инспирација за читање, ќе ја најдете тука!

Слобода: созревање на крајот на историјата“ – Леа Ипи

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Одлична и неверојатно напишана книга. Се работи за биографска книга во која Леа Ипи ги раскажува тектонските промени во Албанија во времето на распадот на социјалистичкиот систем, воведувањето на плурализмот и демократијата, како и отворање на државата кон светот. Но, она што ја прави оваа книга различна од повеќето биографии е тоа што сите овие тектонски промени се раскажани преку призмата на едно младо девојче, преку очите на детската невиност и начинот како преку ноќ се распаѓаат работите и вредностите.

Гледаме како младата Леа е збунета од тоа како возрасните кажуваат едно, а потоа излегува нешто друго, како се наоѓа среде промени кои не може да ги разбере и ги учи само преку тоа што го слуша од околината. Таа расте учејќи за едни вредности, за социјализмот, но потоа гледа како работите се распаѓаат и одеднаш сите ги менуваат своите мислења, а таа стои среде тие промени и не ги разбира.

Одлична книга! Стилот на пишување е толку убав, нема да сакате да ја испуштите од раце.

Токио засекогаш“ – Емико Џин

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: Доколку барате весела, зашеќерена книга што ќе ве расположи и исполни со позитивна енергија, ова е дефинитивно книгата за вас! Јас ја прочитав оваа книга во еден здив и не можев да ја испуштам од раце додека не ја прочитав и постојано бев насмеана додека ја читав. Ова е совршена книга за обожавател(к)и на филмскиот серијал „Дневниците на принцезата“ (The Princess Diaries) со Ен Хетевеј и филмот „Што сака една девојка“ (What a Girl Wants) со Аманда Брнс и Колин Фирт, бидејќи премисата е некоја комбинација од двете.

Книгата започнува така што се запознаваме со Изуми Танака, која е една сосема обична тинејџерка која живее со својата мајка, иако цел живот се прашува кој е нејзиниот татко. По еден сосема случаен сплет на околности, се случуваат серија на случки кои доведуваат до едно шокантно откритие: Изуми е всушност ќерка на престолонаследникот на Јапонија! Овој неверојатен пресврт целосно ѝ го менува животот на Изуми и додека се свести таа веќе е во Токио, подготвена да се запознае со својот татко, но и со сите протоколи што доаѓаат со титулата принцеза. Таа е возбудена и од тоа што ќе има можност да се запознае и со тој друг дел од себеси и подобро да ги открие своите корени и јапонската култура. Но, тоа доаѓа и со одреден багаж и проблеми, а Изуми се труди да навигира низ целиот тој хаос.

Одлична книга, сите ликови се интересни и симпатични и брзо ќе се поврзете со нив!

Авантурите на Алексис Зорбас“ – Николас Казанѕакис

Издавачка куќа: МАТИЦА:
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Алексис Зорбас е можеби еден од највпечатливите ликови во грчката книжевност, надминувајќи ги границите на Грција, станувајќи глобален феномен, па дури се сними и класичен филм на основа на оваа книга. Заснован врз ликот на Јоргос Зорбас, кој на крајот се преселил во Скопје каде живеел до крајот на неговиот живот и почива тука. Приказната започнува со одличниот нараторски глас на Казанѕакис кој веднаш и без многу заобиколување ни го дава воведот за Алексис Зорбас, нивното запознавање и влијанието кое Зорбас го имал врз него.

Запознавајќи се на брод, нараторот чувствува неверојатна поврзаност со овој необичен и ексцентричен лик кој се чини дела проживеал милион животи. Така тој му нуди на Зорбас да дојде со него на Крит, каде тој купил мал рудник и да му помогне да го работи. Тие стигнуваат на Крит и полека се сместуваат во едно село и се навикнуваат на животот таму, заедно со згодите и незгодите.

Нарацијата во романот е прекрасна, мека и ненаметлива, но со толку длабочина и искреност, која најмногу се гледа во длабоките разговори меѓу нараторот и Зорбас, дијалози во кои се скриени длабоки размислувања за религијата, смислата на животот, постоењето на човекот и среќата и душата како концепт. Понатаму имаме и одличен поглед во душевната состојба на нараторот кој се бори со својот сопствен идентитет и на моменти се чини дека се изгубил среде животот, а Зорбас е тука да го поттикне и да му даде насока. Одлична книга!

„Доктор Живаго“ – Борис Пастернак

Издавачка куќа: МИСЛА
Оцена: 4/5
Осврт
: Ова е еден вистински класик кој често ќе го видите на листа на книги што мора да ги прочитате во животот и со право. Се работи за една исклучителна книга која го следи животот на доктор Јуриј Живаго и Лара Антипова, чии животи се испреплетуваат низ текот на годините, формирајќи врска и љубов која ги надминува годините и проблемите.

Но, животот никогаш не е едноставен, па така нивните животи постојат во контекст на револуцијата која засекогаш ќе го смени лицето на Русија, како и создавањето на СССР и социјалистичкото општество. Јуриј Живаго е лик кој минува низ многу трансформации и од човек кој е наклонет и со симпатии гледа кон револуцијата, со текот на годините станува голем противник.

Книгата опфаќа огромен временски период, од детството на Живаго и Антипова, минува низ нивната младост и средни години, а тоа се совпаѓа со сите тектонски промени. Нивните животи стојат среде вителот на промените и тоа неизмежно ги менува и нив како луѓе. Оваа е книга која е богата со детали на кои мора да обрнувате внимание затоа што се важни за книгата и кои создаваат една слика која нема да ви се избрише од главата.

Фаворити“ – Лејн Фарго

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт
: Катарина Шо и Хит Роча се пар во лизгање. Се знаат од мали нозе и започнуваат да лизгаат заедно и да се натпреваруваат. Од едно мало место, без денар во џебот, успеваат да влезат во најпрестижната Академија за лизгање каде имаат жестока конкуренција. Но, и нивната врска е жестока, страсна, полна со подеми и падови. А целта е една – златен медал на Олипмиски игри. Но, до каде може да оди амбицијата и желбата да се биде најдобар по секоја цена?

Приказната е раскажана од два аспекти: едниот е преку нарацијата на Катарина која ја раскажува својата приказна, а другата е преку документарец во кој неколку луѓе од светот на лизгањето зборуваат за Катарина Шо и Хит Роча, нивните скандали и кариера, која завршува со неверојатен скандал и всушност документарецот се снима по повод десетгодишнината од тој скандал. Но, нарацијата нѐ води многу наназад, ни дава еден поширок контекст и поширока слика за светот на уметничкото лизгање, кои жртви треба да се поднесат ако сакате да стигнете до врвот и што кога ќе се стигне на самиот врв?

Интензивна и одлично напишана книга, се чита брзо и ќе ве вовлече во тој свет на сплетки, интриги и и многу емоции.

Leave a comment