Зошто и како сенката на смртта и Првата светска војна се надвиснува над „Господарот на прстените“?

„Господарот на прстените“ на Џ.Р.Р. Толкин е една од најзначајните книги и приказни на сите времиња. И после децении од нејзиното издавање, јавноста е сѐ уште маѓепсана од овој прекрасен свет и раскажување на Толкин, сѐ уште се пишува и анализра ова неверојатно книжевно дело. Денес на блогот можете да прочитате еден одличен текст на Мајлс Бурк објавен на Би-Би-Си во кое дава одлична анализа и опис за тоа како искуствата на Толкин за време на Првата светска војна имале длабок ефект врз него и влијаеле при создавањето на неговиот епски фантастичен роман, „Господар на прстените“.

(извор: ©The Tolkien Trust 2015)

„Искрено, приказните, човечките приказни секогаш се за едно нешто – смртта. Неизбежноста на смртта“, изјави авторот на „Господарот на прстените“, Џ.Р.Р. Толкин, за еден документарец на Би-Би-Си во 1968 година, додека се обидуваше да објасни за што всушност станува збор во неговиот фантастичен магнум опус.

Романот, чиј прв том беше објавен пред 70 години, ги воодушевува читателите уште откако се појави на полиците во 1954 година. „Господарот на прстените“, со своето сложено градење светови и детални истории на земји населени со џуџиња, хобити и волшебници, загрозени од злобниот Саурон, до времето на интервјуто емитувано на Би-Би-Си, веќе бил бестселер и камен-темелник на жанрот фантастика.

За подобро да објасни околу тоа што мислел со тоа дека приказната била за смртта, Толкин посегнал во џебот од јакната и го извадил паричникот, во кој чувал исечок од весник. Потоа гласно прочитал извадок од таа статија, во која имало цитат од „Многу лесна смрт“ на Симон де Бовоар, нејзиниот трогателен опис од 1964 година за желбата на нејзината мајка да се држи до животот во нејзините смртни денови.

„Не постои нешто такво како природна смрт“, прочитал тој. „Ништо што му се случува на човек не е природно, бидејќи неговото присуство го доведува светот во прашање. Сите луѓе мора да умрат: но за секој човек неговата смрт е несреќа и, дури и ако тој го знае тоа и се согласува со тоа, неоправдано нарушување.“

„Па, можеби ќе се согласите со зборовите или не“, рече тој. „Но, тоа се клучните извори на „Господарот на прстените“.

Духот на смртта се наѕирал уште во раниот живот на Толкин и тие искуства длабоко го обликувале начинот на кој тој го гледал светот, влијаејќи на темите што тој постојано ги повторувал кога ги пишувал своите приказни за Средната земја.

Џон Роналд Руел Толкин се родил во 1892 година, растејќи со „двајца, многу англиски, екстремно британски родители“ во Јужна Африка, каде што живееле бидејќи неговиот татко имал кариера во банкарството. Кога имал три години, заедно со неговата мајка и неговиот помлад брат Хилари отишле да го посетат родниот крај за да го видат своето англиско семејство, неговиот татко – кој планирал да им се придружи – неочекувано починал од ревматска треска. Бидејќи тој бил оној што го издржувал семејството, неговата ненадејна смрт го оставила семејството во сиромаштија. Неговата мајка, Мејбл, одлучила да остане во Велика Британија, сместувајќи се во евтина куќа во селото Сарехол, во близина на Бирмингем.

Неговото враќање во Англија било „еден вид двојно враќање дома, што го направи ефектот на обичните англиски ливади, селски одмори, неизмерно важен за мене“, изјавил Толкин за Би-Би-Си. Мешавината од селските предели на околното подрачје и индустријализираниот близок град Бирмингем силно влијаела врз пејзажите што подоцна ги создал во „Господарот на прстените“.

Толкин бил исклучително близок со Мејбл, која дома ги образовала своите синови и во него разбудила љубов кон раскажување приказни, митови и ботаника. Таа го негувала неговиот извонреден дар за јазици, учејќи го латински, француски и германски јазик уште од рана возраст и инспирирајќи го подоцна да измислува свои јазици чисто за забава. Кога имал 12 години, на Мејбл ѝ бил дијагностициран дијабетес тип 1, кој пред откривањето на инсулинот во 1921 година се покажал како фатална прогноза. Мајката на Толкин се преобратила во католицизам на почетокот на векот, а кога починала на 14 ноември 1904 година, двете сирачиња биле оставени под старателство на свештеник, отец Ксавиер Морган, а потоа и кај една нивна тетка.

Академската вештина на Толкин му обезбедила место на Универзитетот Оксфорд, каде што студирал класици пред да се префрли на филологија поради неговиот талент за јазици. Кога избувнала Првата светска војна во 1914 година, тој успеал да го одложи одењето во војска поради студиите. Но, по дипломирањето следната година и соочен со зголемениот општествен притисок од роднините, тој бил назначен за втор поручник во Ланкаширските фузилиери и испратен на Западниот фронт.

(извор: The Collector)

„Кал, хаос и смрт“

Батаљонот на Толкин пристигнал во Сома на почетокот на јули 1916 година. Битката ќе се покаже како еден од најкрвавите конфликти во човечката историја. Бруталниот ужас од рововската војна што ја издржал таму, со нејзината кал, хаос и смрт, оставил неизбришлив белег врз него и продолжил да се проткајува во неговото подоцнежно пишување. Бојните полиња во Франција и Белгија, опустошени од војната, може да се видат во неговите описи на пеколниот, пуст пејзаж на Мордор во „Господарот на прстените“. Одгласите на огромното страдање и крвопролевање што ги видел – создадени од новата механизирана војна – може да се најдат во неговото прикажување на застрашувачките орски воени машини и уништувањето на шумите на Средната земја од страна на корумпираниот волшебник Саруман.

Авторот на книгата „Толкин и Големата војна“, Џон Гарт, во 2017 година изјави за Би-Би-Си дека верува дека романописецот го користел своето пишување како „егзорцизам“ на ужасите што ги видел во Првата светска војна. Тој сугерира дека рововската треска не била единствениот начин на кој војната влијаела врз романописецот. „Тој изгубил двајца од своите најмили пријатели на Сома и, можете да замислите, сигурно и внатрешно бил скршен исто колку што бил и физички“, рече тој.

Тоа верување го дели и д-р Малколм Гит, поет и теолог. Тој за подкастот на Би-Би-Си „Големи животи“ во 2021 година изјави дека „постојат детали за кои мислам дека доаѓаат директно од неговото воено искуство и кои веројатно не можел да ги напише директно [по војната]. Тој бил трауматизиран. Значи, мртвите тела во барите во мочуриштата гледаат нагоре. Ужасната пустелија пред Мордор со отровните испарувања што излегуваат од земјата. Сето тоа е од Западниот фронт“.

Слично на тоа, искуството на Толкин за длабокото другарство формирано меѓу војниците кои издржуваат такви злосторства додава суптилен, значаен реализам на непоколебливата врска меѓу двата водечки хобити во „Господарот на прстените“, Сем и Фродо.

„Толкин конкретно рекол дека таков бил односот меѓу тие млади офицери кои биле убиени и нивниот бетмен [војник доделен на офицер како личен слуга], како што биле нарекувани во тоа време“, рече Гит.

Во ноември 1916 година, по месеци битки, Толкин се разболел од рововска треска, болест предизвикана од вошки, и бил пренесен назад во Англија. До крајот на војната, речиси сите луѓе со кои служел во неговиот батаљон биле убиени. Иако воените искуства на Толкин можеби додале длабочина и автентичност на митолошкиот свет што го создал, самиот автор секогаш тврдел дека не го напишал „Господарот на прстените“ како алегорија за Првата светска војна, или всушност за кој било друг специфичен настан од историјата.

„Луѓето не ја разбираат целосно разликата помеѓу алегорија и примена“, изјавил тој за Би-Би-Си во 1968 година. „Можете да гледате претстава од Шекспир и да ја примените на работи во вашиот ум, ако сакате, но тие не се алегории… Мислам дека многу луѓе го применуваат Прстенот на нуклеарната бомба и мислат дека тоа беше во мојот ум, а дека целата работа е алегорија на тоа. Е па, не е.“

Но, дел од трајната привлечност на „Господарот на прстените“ е тоа што е повеќе од само директна алегорија. Темите што ги истражува – војната и траумата, индустријализацијата и ограбувањето на природниот свет, корумпирачкото влијание на моќта и како врската на пријателството може да им помогне на луѓето да издржат неволји и загуби – резонираат многу подалеку од еден единствен настан или време.

Фантастичниот роман, понекогаш, од некои критичари е отфрлен како една едноставна авантуристичка приказна за храбри пријатели кои се борат против неописливо зло. Но, „Господарот на прстените“ не е глорификација на војната – тоа е одраз на тоа како смртта и траумата од конфликтот неповратно ги менуваат оние што се сведоци и живеат низ него.

Расчекорот што го чувствувале многу војници кои служеле во Првата светска војна по враќањето дома, пречекани од оние кои не можеле да сфатат што тие виделе и направиле, е одразено во последната книга кога хобитите се враќаат во Шир. Тие откриваат дека нивниот свет е променет по битката, а нивните колеги хобити не можат да сфатат зошто Фродо и Сем, кои се прогонувани од сето она што го поминале на своето патување, никогаш повеќе не можат да бидат толку невини.

„Еден рецензент еднаш рече дека е многу весела книга, нели?“ Толкин изјавил за Би-Би-Си. „Сите добри момчиња се враќаат дома и сите се среќни и задоволни. Секако, тоа не е вистина. Тој со сигурност не ја прочитал приказната.“

Извор.

Leave a comment