Книга на есента: „Совршен поет“ – Игор Исаковски!

Есента е во полн ек, започна есента со свежиот ветер и дождливите денови, кога сите претежно сакаме удобно да бидеме сместени во нашите домови, покриени со топла покривка, со топло кафе или чај во раката и да читаме некоја книга. Деновите се покуси, па и нашата желба да се одмораме во мир е сѐ поголема. А има ли подобро друштво од добра книга? И има ли поубав и помеланхоличен период за една одлична збирка поезија? За мене оваа есен одговорот на ова прашање е не, па токму затоа и Книгата на есента за 2025 година е неверојатната збирка „Совршен поет“ од Игор Исаковски, во издание на „Или-Или“. Со оглед на тоа дека пишувањето за поетски збирки е малку поинакво од пишувањето осврти за романи, овој текст ќе отстапи од стандардниот формат на осврти од оваа рубрика.

За какво издание се работи?

Совршен поет“ е дело кое на едно место ја содржи севкупната поезија и стихови на Игор Исаковски, еден од најзначајните македонски современи поети, кој за жал почина на само 44 години, во 2014 година. Ова издание беше промовирано токму на годишнината од неговото раѓање (19 септември), денот кога ќе наполнеше 55 години. Се работи за импозантно издание кое се протега на нешто повеќе од 700 страници и содржи околу 560 песни. Тука се собрани сите негови стихозбирки и уште неколку претходно необјавени песни и сите се наредени хронолошки, што дава уште подобар преглед на неговиот развој како уметник.

Зошто треба да ја прочитате?

Доколку сте љубители на поезија, а не сте запознаени многу со творештвото на Игор Исаковски, ова е најдобар начин на едно место да го имате целото негово творештво и стихови и верувајте дека нема да можете да престанете да ги читате стиховите. Поезијата на Игор Исаковски е интензивна, силна, едноставна и комплицирана, нежна и трогателна, може да се каже дека е целосно усогласена со сите изблици и чувства што еден човек ги чувствува во животот, понекогаш и истовремено. Тоа може да биде и контрадикторно, но што е животот, ако не контрадикторен?

Стиховите на Исаковски на моменти се и брутално директни, ќе ве извадат од колосек и ќе ве извадат од удобноста и пријатноста, но поради тоа е и толку ефектна, бидејќи го тера читателот да се „раздрма“, да размисли, да почувствува. Честопати животот ни задава удари и непријатни емоции и често ги избегнуваме непријатните чувства и мисли, мислејќи дека така се заштитуваме од светот и од болката, но како што самиот Исаковски вели во „Како здив“, една од моите омилени негови песни:

„безбедни сме само ако потполно слободни
се соочиме со светот. Онакви какви што сме,
кога навистина сме.“

Така ја доживувам и поезијата на Игор Исаковски – уметност што те тера да се соочиш со светот, со хаосот, со нежноста, љубовта, романтиката, болката, скршеното срце, неверувањето, лутината, смртноста и стравот од смрт, и целиот тој пакет што доаѓа со она што значи да бидеш човек. Она што го прави Исаковски толку ефективен поет, а неговата поезија толку моќна е неговата автентичност и искреност. Секој стих блика со искреност, блика со уникатност, поезијата е лична, но сепак навлегува во општиот простор, во темите што нѐ засегаат сите. Кога го читам Игор Исаковски, не помислувам на никој друг, нема копија, едноставно е тој, но сепак се пронаоѓам себеси во многу од неговите стихови.

Љубовта, разочарувањето, скршеното срце, осаменоста, животот – сите сме дел од тој мозаик, сите споделуваме една општа човечност и колку и да ни се различни околностите, некои чувства се универзални и Исаковски е одличен да биде и свој и личен во поезијата, но и општ и достапен за сите читатели. Честопати тој си се обраќа самиот на себе, а потоа ги превртува работите и ни се обраќа нам – читателите. Во таа дихотомија се препознава и читателот и длабоко во себе чувствува поврзаност кон песните на Игор, како да се негови. Игор Исаковски пишуваше за себе, за уметноста, твореше и создаваше од едно место во себеси, но таа уникатност е токму она што го прави „лесен“ за човек да се поврзе со неговите стихови.

Во неговите стихови често има многу тага и меланхолија, една осаменост што боли, осаменост што секој човек понекогаш ја чувствува кога по долг напорен ден ќе дојде дома и ќе остане сам со своите мисли и чувства што ги избегнувал цел ден. Неговите стихови честопати се едноставни, не се накитени со премногу метафори и епитети, но се директни, соголени и откриваат ранливост, ранливост од која понекогаш и самите бегаме, но кога ќе се најдеме лице во лице со некои од неговите стихови, таа излегува и се поврзува со нив. Читајќи ја неговата ранливост – ние се соочуваме со својата.

Голем дел од неговите песни се романтични, нежни, топли, ја доловува и возвишеноста на љубовта како чувство, турбуленциите и страста на љубовта што обзема, подемите и падовите во љубовните односи, но и тивката едноставност и спокојност на мирната љубов, на прегратката на двајца заљубени и како што и самиот вели во „Таа соба“:

таа соба
е вашето засолниште од светот, тоа е
нешто кое ќе мораш да го понесеш
со себе каде и да тргнеш. а како се носи
една соба, за две души, насекаде
низ животот? 

Сепак, неговите песни се и длабоко филозофски и длабоки, често размислувајќи и за сопствената смртност, а самиот факт што толку рано нѐ напушти и почина толку млад, тоа прави и неговите стихови да делуваат и како тажни предвидувања и како кобни предупредувања, како што може да се види и во песната „Смртта има коса од морска трева“, но и во многу други:

во последно време
често помислувам дека ќе умрам
набргу. тивко. затоа на сите им велам
дека ќе живеам барем уште педесет години.
слатки измами кои никого нема да повредат.

Читањето на поезијата на Игор Исаковски е длабоко лично и интимно искуство, секој ќе пронајде некој стих во кој ќе се пронајде, ќе најде нешто што ќе го допре, секој различно ќе ги доживее и толкува неговите стихови, но мислам дека едно нешто ќе биде заедничко кај секој читател, а тоа е дека додека го читаме, ние како читатели имаме чувство како да сме заедно со него во просторијата додека пишувал, небаре ја доживуваме поезијата заедно со него. Ретко кој поет може да го постигне тоа чувство.

Се работи за едно прекрасно издание, прекрасни стихови спакувани во прекрасен формат во тврд повез, издание што заслужува да го краси сечиј дом и сите библиотеки, затоа што македонската поезија и книжевност има неверојатни уметници, а ова издание е доказ дека еден том може да биде прекрасен и одвнатре (во квалитетот на напишаното) и однадвор (во смисла на тоа како е претставено и „спакувано“). Топла препорака за читање, особено во овие есенски денови, а одлично ќе ве грее и во текот на зимата, затоа што секогаш можете да се навраќате на вашите омилени стихови.

Во продолжение прочитајте и една песна од збирката, која досега не била објавена на блогот, а мене многу ми се допаѓа:

Зачекорувам во другото имеИгор Исаковски

овде е крајот
на светот. стојам
пред бездната и длабоко
вдишувам. мириса на мрак,
на исчезнување мириса.
овде е точката, стапката
во која сѐ завршува. тивко е,
како што претпоставуваш.

тебе отсекогаш ти пречела
мојата драматичност. а јас мислам
тоа ми е вродено: како на загубен
рус во светот, помеѓу континенти.
сега се насмевнуваш, очите ти искрат.
се вивнувам врз твојата насмевка
и зачекорувам напред. мракот е
само друго име за светлината.

*песната е преземена од: Исаковски, Игор. Совршен поет. Скопје: ИЛИ-ИЛИ, 2025

Leave a comment