Ретро-видео: Интервју со Горан Стефановски!

Горан Стефановски е еден од најголемите македонски творци и интелектуалци, човек што направи револуција во современата македонска драматургија, чии дела и денес ги читаме и постојано ги споделуваме и се чини дека е секогаш актуелен, па затоа и толку ни недостига. Денес, на годишнината од неговиот смрт (27 ноември), се потсетуваме на едно многу интересно и ретро интервју од 1980 година, исечок од емисијата Поводи (емисија од областа на културата), направено откако претставата „Диво месо“ доживеала одличен прием и освоила шест награди на престижната манифестација „Стеријино позорје“.

Во продолжение можете да прочитате транскрипт од интервјуто со Горан Стефановски, а подолу е достапно и целото видео, поставено на ЈуТуб каналот SkopskyFandango, каде покрај разговорот со Горан Стефановски, дополнително, во рамки на истата емисија, можете да го погледнете и разговорот со режисерот Слободан Унковски и театарските критичари Александар Алексиев и Иван Ивановски. Уживајте во прекрасниот исечок!

(Извор: Јутуб)

Претставата „Диво месо“ која по својата премиерна изведба не само што ја возбуди скопската театарска публика, туку и ги натера критичарите како никогаш досега да бидат истомислени во своите оценки, доживеа како што е познато вистински триумф на годинешново „Стеријино позорје“, освојувајќи шест награди, една на критиката и две младински награди. Авторот на „Диво месо“, Горан Стефановски, годинава ја доби наградата за најдобар драмски текст и по втор пат ја доби наградата за млад драмски творец. Горан, дали ве возбуди оваа награда?

Навистина ми е страшно мило што ја добивме, што јас ја добив таа награда, и што сите ги добивме тие награди кои ги добивме, од проста причина што тоа значи дека нешто кое се работело – функционира и дека тоа има некаква смисла и дека патот по кој сме тргнале нешто значи и дава некакви резултати.

Добро, каде лежат инспирациите на „Диво месо“?

Па обично кога некој прашува каде е инспирацијата, се мисли која била идејата која ја покренала сета работа. Меѓутоа јас не верувам дека од идеја може да се направи драмски текст. Од идеја може да се напише лирска песна или да се напише теоретски трактат, меѓутоа многу тешко може да се напише драмски текст. За драмски текст, пред сѐ, ми се чини неопходна е приказна и тоа цврста, железна приказна, која потоа може зависно од потребите, зависно од афинитетите, зависно од теоретските пристапи да се обликува како сакаш, меѓутоа не можеш да почнеш со идеја па да кажеш сега ќе пишувам текст за „Диво месо“, ќе пишувам текст за нешто кое стои на пат на човековото ослободување, воздигнување до самиот себе. Не се трга така. Се трга секогаш обратно. Обратниот процес е неопходен.

Каде беше мојата инспирација? Повеќе би зборел каде беше мојата потреба да напишам таков текст, а тоа е едноставно што после „Јане Задрогаз“ и после телевизиските работи кои ги пишував, сакав да напишам нов драмски текст затоа што театарот превосходно ме интересира и едноставно седнав па смислив приказна, приказната на „Диво месо“, која исто така ја смислив за да можам да ги накалемам сите свои акутни преокупации врз таа структура и да зборувам за некои работи кои ми се битни.

Веќе спомнавте дека е тешко да се напише еден драмски текст. Од друга страна многу често се говори за недостаток на драмски текстови и тоа особено од современи наши автори…

Веројатно лежи во тоа што е тешко да се пишува драма. Мислам дека „Диво месо“ е врзано со некои наши драмски традиции. Добро, Цепенков овде веќе не е присутен како што беше присутен во „Јане Задрогаз“, меѓутоа Цепенковиот начин на размислување во некоја стота варијанта мислам дека сѐ уште постои. Исто онака како што Шелиго не може да се откачи од Цанкар, јас не можам да се откачам од Чернодрински и од Ристо Крле. Тука сме, мислам тоа е мојот круг. Апсолутно мислам дека таа традиција треба добро да се апсолвира, добро да се проучи, без разлика каква е, и да се види каде тука понатаму можат да се премостуваат некакви релации…

Што се однесува до стимулирањето на драмското творештво, постојат ли некои обиди од страна на театрите…

Воопшто не е мое да пресудувам, едноставно не сум критичар и немам потреба да судам за некои ситуации, специјално не во оваа ситуација, меѓутоа дека постојат акутни проблеми, постојат, на линија на драмско творештво, на линија воопшто на драмско функционирање кај нас. Во таа смисла, многу ми е мило што толку добро поминавме на Стеријино позорје. Настрана од текстот, се случи, не чудо, меѓутоа една несекојдневна мобилизација во Драмскиот театар околу овој текст. Како на организационо ниво, така се разбира, многу позначајно и на креативно ниво. Ансамблот едноставно сакаше да го работи тоа, што е голема среќа. Сѐ мора да се плати.

Пишувате ли нешто во моментов?

Во моментов размислувам за еден нов текст, ме интересира Пиколомини, оној австриски генерал што заглавил во Скопје и го запалил Скопје во 17 век.

Значи повторно Скопје?

Да, па каде друго би одел? Го запалил Скопје, сакал да ја уништи чумата, меѓутоа самиот не знаел дека е веќе заразен од чумата па умрел кај Качаничка клисура. Е сега, мене чумата не ме интересира во онаа Камиевско-Сартровска варијанта на некаква похара, туку повеќе ме интересираат некои матни, заборавени утроби на историјата каде што сѐ е возможно, каде што може едноставно да се извади некакво месо па да се фрли на сцена.

Пак враќање во историјата, зошто ви е тоа потребно кога вие сте човек на ова време?

Мислам дека не само што е потребно, туку и неопходно, и дека се работи за еден многу едноставен драмски принцип, дека многу е поедноставно да се работи со некои историски паралели, затоа што многу полесно се функционира, многу полесно се пишува. Што знам јас што се случува во моментов околу мене, мислам, јас знам до одреден степен, меѓутоа јас сѐ уште не сум ручал денеска, не сум завршил со себе, сѐ уште сум во флуид, во флукс сум постојано.

Многу е тешко да се дистанцираш малку од себеси, да се видиш без температура. А ако не успееш да се дистанцираш и ако не успееш да се видиш без температура, не можеш драмски да размислуваш. Ако си во некаква напнатост, можеш да напишеш добра лирска песна, меѓутоа тешко можеш да напишеш драма. Треба да се седне, па да се турнат малку работите, да се држат на дистанца, за да се види што точно кај нив функционира.

Во продолжение на видеото погледнете го и разговорот со режисерот Слободан Унковски и театарските критичари Александар Алексиев и Иван Ивановски, токму околу „Диво месо“.

Leave a comment