По успехот на неговиот претходен роман, „Папокот на светлината“, кој беше еден од најпродаваните романи во Македонија, и кој ги доби наградите „Стале Попов“ и „Толстоевата награда“, Венко Андоновски, еден од најистакнатите македонски писатели, се враќа со нов роман насловен како „Александар јава на запад“, во издание на издавачкиот центар ТРИ.

Во објавата која го најави романот, се вели дека „Андоновски има напишано многу, но и покрај сиот негов опус, „Александар јава на запад“ не припаѓа во ниту една од познатите категории. Оваа фасцинантна фарса и ведра гротеска напишана со брутална смелост, пародиски е означена како жанр „чекајќи роман“.“
Станува збор за урнебесна фарса од „вагон-роман“ (главите се нижат како независни вагони на иста композиција), за обид да се внесе громогласен хумор, и бел и црн, во она што се вика дискурс на историјата. Андоновски ја пародира историјата, покажувајќи ја и нејзината бесмисла, но и нејзината можна пародиска смисла во еден целосно нехуман и расчовечен свет на денешницата. Два споменика – оној на Александар Македонски и оној на Гоце Делчев, одеднаш оживуваат на скопскиот плоштад. И тргнуваат во поход не на Исток, зашто Александар знае каков е Истокот, туку на „демократскиот Запад“, преку Македонија, Србија, Хрватска и Словенија, доживувајќи авантури и урнебесни гротески како во „Дон Кихот“ на Сервантес или во „Кандид“ на Волтер. Како и зошто завршуваат во Хаг, како злосторници против човештвото, и како од таму ќе се извлечат – ќе дознаете од самата книга. Што се случува кога Александар тргнува на поход на Запад (и тоа со Гоце), наместо на Исток?
Андоновски е мајстор за експериментирање со гранични форми – него го интересира до каде може да се оди во пародијата и комедијата, а романот сепак да остане роман. Навикнати во неговите романи да читаме филозофски размисли за вечните прашања (бесмртност, смисла, што е тоа човек, постои ли Бог), овде се наоѓаме исправени пред прашањето за комичната смисла на историјата и траги-комичната смисла да се положи животот за колективна идеја. Тоа значи дека овде темата на СМИСЛАТА е авторска опсесивна константа: „музиката“ е иста, композиторот е ист, само како да поминал од класично пијано на електронски синтисајзер и го сменил стилот. Романот, нека биде и само „чекајќи роман“ е очигледно осамено дело во македонската книжевност: потсетува на најсјајните сцени од комедиите и фарсите на Андоновски, кои две децении ги полнеа театарските салони кај нас.
И како за крај, во најавата се вели: Ќе се смеете до солзи, ама нема секогаш да знаете и дали додека ви течат солзи од смеа, сепак плачете над бедата на историјата, над денес понижените херои и над паднатиот човек денес.
