Дојде декември, а тоа значи дека се ближат и новогодишните празници. Ова знае да биде бурен и хаотичен период од многу аспекти, па најубавото бегство од целиот хаос се токму книгите. Доколку се двоумите што да читате, можеби токму тука ќе си го најдете следното четиво!
„Ноември“ – Игор Анѓелков

Издавачка куќа: ИЛИ – ИЛИ
Оцена: 5/5
Осврт: Омилената книга во ноември ми беше стихозбирка и тоа насловена токму „Ноември“. Се работи за првата стихозбирка на македонскиот писател Игор Анѓелков и се работи за одлично и кусо издание кое ќе го прочитате во еден здив.
Често велам дека книжевноста, особено поезијата, не мора да биде премногу накитена за да ве натера да чувствувате и размислувате, а оваа стихозбирка е одличен пример за тоа. Низ текот на стихозбирката се проверјуваат одлични стихови што греат душа, куси песни кои директно удираат во целта што сакаат да ја постигнат и ја постигнуваат многу лесно и умешно. Може да се чита во секое време, но некако ми има ептен убава есенско-меланхолична енергија, па така мислам дека ова е одлично време да ја прочитате, но е книга на која дефинитивно ќе се навраќате. Стиховите и ритамот на песните е толку лесен за очи и уво, дефинитивно ќе сакате да ги препрочитувате, во нив ќе препознаете можеби и познати чувства и стиховите дефинитивно ќе можете да ги поврзете со себе и своите лични емоции и емоционална состојба.
„Поеми и песни“ – Леонард Коен

Издавачка куќа: Random House USA (преку Академска книга)
Оцена: 5/5
Осврт: Ноември беше месецот на годишнината од смртта на музичкиот великан и поет Леонард Коен, кој почина на 7 ноември 2016 година, па решив да повторно да ја обновам магијата на неговите стихови, како во пишана, така и во звучна форма. Оваа збирка е одличен избор од текстови на песни и песни кои се протегаат низ целата кариера на еден од најмеланхоличните и најдлабоки поети-текстописци во светот, која траеше повеќе од пет децении.
Оваа збирка е одлична за читање додека во позадина одат неговите песни, а уште подобро е доколку си ги пуштите концертните настапи во живо (како што направив јас). Во оваа книга ќе ги најдете текстовите на некои од неговите најпознати песни како „I’m Your Man“, „Suzanne“ и „Famous Blue Raincoat“, но со сигурност ќе најдете и песни што можеби и не сте ги знаеле бидејќи биле издадени во некои неговите бројни стихозбирки. Одлично „џебно“ издание кое вреди човек да го има и да си го носи со себе и редовно да се потсеќа на магијата на Коен!
„Избрани драми 3“ – Горан Стефановски

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4.5/5
Осврт: Ноември е и месецот на Горан Стефановски, месецот кога го изгубивме еден од најголемите македонски умови, чија луцидност и длабочина не престануваме одново и одново да ја (раз)откриваме. По повод годишнината од смртта на Горан Стефановски (27 ноември), решив да го препрочитам најновото издание на „Полица“, „Избрани драми 3“, трет том на собрани драми на Горан, по претходните две изданија.
Одлично издание, полно со одлични драми, некои од нив добро познати, како „Тетовирани души“, „Лонг плеј“ и „Црна дупка“, а некои од нив малку помалку познати, како „Сараево“. Искрено уживав во препрочитувањето на „Тетовирани души“, толку директна и искрена драма, и толку до израз доаѓа генијалноста на Горан, а многу ме погоди и „Сараево“, која ја немав прочитано/гледано претходно и ме трогна, натажи, но и ме насмеа и ме разнежни. Убавината на Горан е што дури и во темното ви дава некаков зрак светлина и убава енергија и поради тоа сум неизмерно благодарна што ова издание ми падна во раце токму овој месец!
„Балот на лудите жени“ – Викторија Мас

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 4/5
Осврт: Одлична книга за сите кои сакаат историски драми, феминистички приказни со силни ликови, но и малку натприродни приказни! Сместена во 19 век, во Париз, оваа приказна ни дава преглед на француското општество и нивниот однос кон жените, особено жените со силен дух и необични карактеристики, и жените што во тоа време се сметале за „тешки“.
Дејството се случува во позната болница за душевно болни жени. Ѕвездата на оваа болница е прочуениот доктор Шарко кој е познат во високите кругови во Париз по неговиот талент за хипноза и лекување „луди жени“. Но, колку повеќе ги запознаваме жените, толку помалку сме сигурни во тоа дека тие се луди. Дали се луди или се полни со трауми, отфрлени, неприфатени и неразбрани?
Навигираме низ сето ова најмногу набљудувајќи ја приказната на Женевјев, главна медицинска сестра во болницата „Салпетриер”, која е многу строга и слепо ѝ верува на науката и доктор Шарко и не верува во ништо надвор од тоа, особено по смртта на нејзината сестра. Од друга страна, тука е младата и темпераментна Ежени – ќерка на угледно и богато семејство кое ја изневерува и предава кога против нејзина волја ја затвора во болницата поради тоа што откриваат нешто необично кај Ежени. Одлична книга, се чита во еден здив, особено препорачлива за оние што сакаат силни женски ликови.
„Детето на месечевата светлина“ – Карен Меквешчн

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 4/5
Осврт: Оваа книга е малку тешко да се дефинира, иако верувам дека на повеќе места би се дефинирала како трилер, но мене некако повеќе ми оди накај драма или ако сакате некаков вид компромис: „драма-трилер“.
Шерон е пензионирана жена која живее сама. Нејзината ќерка живее далеку од неа и е многу зафатена, а таа нема многу пријатели со кои би можела да се дружи. Една вечер, таа случајно погледнува во прозорецот на нејзините соседи и забележува едно мало девојче како ги мие садовите. Но, тоа не е возможно…. нејзините соседи немаат ќерка и сите го знаат тоа. Но, потоа поминува долго време пред да забележи нешто чудно во таа куќа и Шерон не сака да крева паника. Но, потоа нејзината ќерка ја замолува за услуга – привремено кај Шерон да се смести една млада девојка која е во неволја, а која нејзината ќерка Ејми ја има извлечено од лоши ситуации. И кога Никита доаѓа во куќата на Шерон, исто така забележува чудни работи, па заедно со Шерон почнуваат да истражуваат и истовремено да создаваат еден многу топол и пријателски однос.
Интересна приказна, набиена со тензија и неизвесност и ќе ве тера да читате до самиот крај.
