Емили Бронте, остварена поетеса и авторка на еден од најдобрите романи на деветнаесеттиот век, животот и наследството на Емили Бронте предизвикаа и шпекулации и пофалби. Денес на блогот прочитајте една одлична куса анализа на нејзиниот живот и творештво од перото на Кетрин Дент за веб-магазинот „The Collector“.

(сцена од биографскиот филм „Да чекориш невидливо“/извор: BBC/PBS)
Како дел од славно книжевно семејство, Емили Бронте веројатно била најспектакуларно талентираната од целото семејство Бронте. Впрочем, нејзината извонредна поезија била она што прво ја разгорела амбицијата на Шарлот за таа и нејзините сестри да се стремат кон објавување на своите дела. Сепак, самата Емили не ја делела страсната желба на Шарлот за слава и честопати од нејзините современи биографи честопати се опишува како социјално неприлагодена осаменичка. Наизменично оцрнувана како мизантропка и фалена и нарекувана генијалка, овде ќе го разгледаме подетално животот и делото на една од најголемите писателки на сите времиња.
Рани години: Раѓање, тагување и Кован Бриџ
Емили Џејн Бронте се родила на 30 јули 1818 година во Торнтон, Брадфорд. До моментот на нејзиното раѓање, нејзините родители, пречесниот Патрик Бронте и Марија Бронте (родена Бранвел), веќе имале четири деца: нејзините постари сестри Марија (родена кон крајот на 1813 или почетокот на 1814 година), Елизабет (родена 1815 година) и Шарлот (родена 1816 година), како и нејзиниот брат Бранвел (роден 1817 година). Околу осумнаесет месеци подоцна, на 17 јануари 1820 година, се родила помлада сестра, Ен, а во април истата година, семејството се преселило во парохијата во Хаворт со која се толку тесно поврзани.
Мајката на децата со текот на времето развила рак на матката. Една година по нивното преселување во Хаворт, сестрата на нивната мајка, Елизабет Бранвел, пристигнала во парохијата за да ја негува. Мајка им починала подоцна истата година, на 15 септември 1821 година. Нејзината сестра, позната на децата како тетка Бранвел, останала во парохијата за да се грижи за нив.
На 25 ноември 1824 година, Емили била испратена во училиштето за ќерки на свештенството во Кован Бриџ, каде Марија и Елизабет биле испратени во јули истата година, а Шарлот отишла во август. Ова било нејзино прво излегување надвор од дома, а Шарлот подоцна ќе го овековечи училиштето во нејзиниот роман од 1847 година „Џејн Ер“. Иако условите биле типично мизерни, во 1824-25 година, епидемија на тифус во училиштето усмртила многу ученички.
Сепак, Марија и Елизабет не се заразиле со тифус, туку оболеле од туберкулоза. Марија во февруари 1825 година била испратена дома во Хаворт за да се опорави, но починала на 6 мај. Три недели подоцна, Елизабет се вратила во Хаворт, исто така оболена од туберкулоза, и починала на 15 јуни. Шарлот и Емили биле вратени дома од страв дека би можеле да подлегнат на истата судбина ако останат подолго на Кован Бриџ.
Образование и создавање имагинарни светови
По враќањето дома од Кован Бриџ, Шарлот и Емили останале во Хаворт за да учат дома заедно со нивните преостанати браќа и сестри. Затоа, таа добила малку формално образование, иако вечерните предавања по историја и религиозни учења кои нејзиниот татко им ги држел, далеку ги надминувале образовните можности на повеќето девојки од средната класа во тој период. Подоцна, во 1829 година, децата добивале и часови по уметност од Џон Бредли.
Додека нивниот татко секое попладне се грижел за потребите на своите парохијани, децата оделе на прошетки низ мочуриштата. Во септември 1824 година, Емили, Бранвел и Ен биле придружувани од слугинките на семејството, Ненси и Сара Гарс, кога на една таква прошетка избувнало мочуриштето кај Кроу Хил (место кое се наоѓало зад парохијата), создавајќи бран од тресет, кал и вода над два метри и што катапултирал камења во воздухот.
Мочуриштата се покажале како место на доживотна инспирација за децата – а особено за Емили. На 5 јуни 1826 година, Патрик се вратил дома од свештеничка конференција во Лидс со подароци за секое од неговите деца: деветки за Шарлот, село со играчки за Емили, кукла што танцува за Ен и кутија со играчки војници за Бранвел. Сепак, последниот подарок најмногу ги воодушевил децата. Три години подоцна, Шарлот ги запишала овие импресии во својот дневник:
„Зграпчив еден и извикав дека ова е војводата од Велингтон, ќе биде мој!! Кога го кажав ова, Емили исто така зеде еден и рече дека треба да биде нејзин. Кога Ен слезе, и таа зеде еден. […] Тој на Емили изгледаше сериозно [и затоа] го викавме Грејви. Војникот на Ен беше чудно мало момче, многу слично на неа. Се викаше Момчето што чека. Бранвел го избра името Бонапарта.“
Всушност, играчката-војник на Ен станал Рос – по Џон Рос, арктичкиот истражувач – а војникот на Емили станал Пари, по Сер Вилијам Едвард Пари, придружник на Џон Рос, кој станал негов непријател и колега истражувач, кој предводел пет експедиции околу Северозападниот премин. Така, Емили го направила Пари – крал на земјата на Пари, која географски личела на дивите мочуришта на Западен Јоркшир и бил еден од четирите острови што го сочинувале измислениот град на децата, Глас Таун, главниот град на Ангрија.
Шарлот и Бранвел, сепак, како двете најстари деца, доминирале во приказните што децата ги раскажувале во овој имагинарен свет. Затоа, кога Шарлот го напуштила Хаворт за да оди во училиштето Роу Хед во јануари 1831 година, Емили и Ен го создале своето имагинарно кралство Гондал – место каде што Емили имагинативно ќе се навраќа до крајот на својот живот и никогаш нема да престане да пишува за него.
Шарлот останала во Роу Хед (каде што стекнала две доживотни пријателки, Елен Наси и Мери Тејлор) до јуни 1832 година. Подоцна се вратила во Роу Хед како наставничка, земајќи ја Емили со себе како ученичка на 2 јули 1835 година (госпоѓица Вулер, која го водела училиштето, ѝ ја понудила на Шарлот позицијата со предлог нејзината плата да ги субвенционира школарините на Емили).
Сепак, откако поминала три месеци во Роу Хед, Емили се вратила во Хаворт во октомври, а Ен го зазеде нејзиното место во училиштето. Се посочуваат многу причини зошто Емили го напуштила училиштето релативно брзо по пристигнувањето, вклучувајќи ја нејзината срамежливост, носталгија и (како што сугерира Роберт Барнард) дека можеби го сметала нивото на настава во Роу Хед за „детско и нестимулативно“ по неформалното, но многу понапредно образование што го добила од нејзиниот татко.
Светот на работата
Какви и да биле нејзините причини за враќање дома, Бронте сепак била решена да заработи за живот. Во септември 1838 година, таа се вработила како наставничка во училиштето Ло Хил во Халифакс. Имала четириесет ученици, за кои таа рекла дека го претпочитала школското куче наместо нив (Емили Бронте била љубителка на животни и имала особено силна врска со нејзините кучиња Граспер, а подоцна и Кипер). Таа се вратила дома во март 1839 година, бидејќи нејзиното здравје се влошило. Откако се вратила во парохијата, нејзините часови со нејзиниот татко продолжиле, за време на кои ги читала Четирите Евангелија и учела латински јазик.

(извадок од дневникот на Емили Бронте од 26 јуни1837 г/извор: Wikimedia Commons)
Сепак, како ќерки на осиромашен свештеник, сите три сестри Бронте биле образовани со цел да продолжат да заработуваат за живот како учителки или гувернанти. Предводени од Шарлот, трите сестри планирале да отворат свое училиште. Во остварувањето на оваа цел, Шарлот ја замолила нивната тетка Бранвел да го финансира понатамошното образование за Емили и неа во Брисел за да ги подобрат своите јазични вештини. Тетка Бранвел се согласила и во февруари 1842 година, Шарлот и Емили се упатиле кон Брисел за да ја посетуваат Академијата за девојки.
Тука, Емили оставила силен впечаток кај директорот на училиштето, г-дин Константин Еже, кој подоцна се сеќавал на нејзината „тврдоглава упорност на волјата“ и дека Емили „силно – и гласно“ изразила неодобрување на неговите педагошки методи, но тој исто така го препознал нејзиниот гениј.
Сепак, времето на сестрите во Брисел било прекинато кога дознале дека тетка Бранвел е болна. Тие се подготвиле за враќањето дома, пристигнувајќи на почетокот на ноември, но нивната тетка Бранвел веќе била почината. Браќата и сестрите наследиле по 350 фунти од нивната тетка. Бидејќи нејзиното наследство го намалило притисокот да заработува за живот преку предавање, Емили решила да остане, преземајќи ги домашните должности за својот татко во парохијата.
Пишување
Кога се вртатила дома, Емили почнала да учи германски јазик, а во 1844 година почнала да ги дели и препишува своите песни во две тетратки: едната насловена како „Гондалски песни“, а другата била без наслов, иако сега е позната како „Ракописот на Хонсфелд“. Една година подоцна, Шарлот ја отворила фиоката во бирото за пишување на Емили и ја пронашла една од овие тетратки отворена. Читајќи ги песните, Шарлот била воодушевена од нивниот квалитет, веднаш забележувајќи „дека ова не се вообичаени изливи“, туку „кондензирани и кратки, енергични и искрени“.
Убедена дека песните заслужуваат да бидат објавени, таа ѝ се обратила на Емили – која (разбирливо) била бесна што Шарлот со овој предлог ѝ ја нарушила приватноста. Шарлот, сепак, упорно инсистирала, и кога Ен понудила некои од своите песни да бидат дел од заедничко издание, Емили попуштила.
Помеѓу септември 1845 и јануари 1846 година, таа систематски ги прегледувала своите тетратки за да избере и усоврши песни за објавување. Користејќи ги псевдонимите Карер, Елис и Актон Бел, збирката – која содржела 21 песна од Емили, уште 21 од Ен и 19 од Шарлот – била објавена (на сопствен трошок на сестрите) во 1846 година. И покрај тоа што добила неколку поволни критички рецензии, збирката продала само два примерока во првата година од објавувањето.
Ова ја убедило Шарлот дека сестрите треба да го свртат своето внимание кон попрофитабилниот бизнис на пишување романи. Во декември 1847 година, „Оркански височини“ на Емили и „Агнес Греј“ на Ен биле објавени во едно издание од Томас Котли Њуби. „Оркански височини“ ги скандализирала читателите со своето прикажување на жестока љубов и подеднакво жестока омраза, при што еден рецензент се залагал за „спалување на Оркански височини“. Сепак, во една рецензија што ја водела самата Бронте, нејзиното пишување било оценето како „подобро во својот посебен вид од сè што било создадено од деновите на Филдинг“.
Болест и смрт
Една година по објавувањето на „Оркански височини“, нејзиниот брат, Бранвел (кој станал алкохоличар и зависник од опиум), починал на 24 септември 1848 година. Причина за неговата смрт била наведена како „хроничен бронхитис“ и „маразмус“ (што значи исцрпеност), иако е веројатно дека починал од туберкулоза, бидејќи четири дена по неговата смрт, Емили неговиот погреб фатила нешто што првично се сметало за настинка.
И покрај загриженоста на нејзиното семејство, таа продолжила со своите домашни обврски додека нејзината туберкулоза „галопирала“. Одбила да посети лекар сè до пладне на 19 декември 1848 година, кога попуштила. Починала подоцна истиот ден во два часот, на 30-годишна возраст, со своето куче, Кипер, покрај неа.
Во времето на објавувањето, „Оркански височини“ (и, со тоа, нејзината авторка) била широко оцрнета од критичарите. Дури и сестрата на Емили Бронте, Шарлот, продолжила да го омаловажува романот, иако во обид да ублажи дел од критиките што постхумно биле упатени кон нејзината сестра, претставувајќи ја Емили како „доилка од мочуриштата“ – односно како невина девојка која не знаела што прави.
„Дали е правилно или препорачливо да се создаваат суштества како Хитклиф“, напишала Шарлот во својот предговор на „Оркански височини“ од 1850 година, „не знам: едвај мислам дека е така“. Денес, меѓутоа, „Оркански височини“ се слави како ремек-дело на англиската белетристика, а достигнувањето на Бронте е уште позначајно кога ќе се земе предвид дека таа сè уште немала триесет години кога го напишала. И покрај нејзината прерана смрт, наследството на Емили Бронте како една од најголемите англиски писателки на сите времиња е обезбедено.
Понатаму во текстот, Кетрин Дент препорачува и материјали за понатамошно читање доколку некој сака подлабоко да навлезе во животот и творештвото на Емили Бронте, како овие две книги:
Барнард, Роберт, „Емили Бронте“ (Оксфорд: Oxford University Press, 2000).
О’Калаган, Клер, „Емили Бронте повторно под лупа: Поглед од дваесет и првиот век“ (Салфорд: Сарабанд, 2018).
