Промоција на книгата „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети!

Хана Корнети е млада авторка од Македонија која веќе сигурно и стабилно се пробива и зацврстува на македонската книжевна сцена. Годинава таа ја промовираше нејзината нова збирка раскази „Каде леташ, Јулија?“, по успехот на нејзината прва збирка „Млечни заби“, а лани ја објави и својата прва книга за деца и млади „Илина и шумските тролови“.

Сега, на крајот на 2025 година, таа го објави продолжението на серијалот за Илина, па така веќе во продажба се наоѓа вториот дел насловен како „Илина и тајните на Бабин Заб“, во кој „Илина е една година постара и се справува со нови предизвици како во волшебниот, така и во неволшебниот но еднакво чуден свет. Приказната фршти со очекуваниот хумор додека Илина учи, на потешкиот начин, дека сѐ што вреди да се има и да се биде, бара труд и трпение.“

Токму по тој повод, предновогодишно, се организира и промоцијата на „Илина и тајните на Бабин Заб“. Промоцијата е закажана за утре (20 декември), со почеток од 17 часот во кафе-барот „Вудсток“. Како што се наведува во описот и поканата за настанот, „предновогодишно, од нас за вас, ќе го промовираме вториот дел од серијалот за Илина, Папрат, Вирџинија и целата нивна банда – овој пат, проширена со нови пријатели и сплотена во решавање на нови мистерии.“

Промотор(к)и на настанот ќе бидат Ивана Марковска Доковска, Каја Атанасова Ѓорѓиева и Јован Стаменов.

Во поканата се наведува дека следува и мало изненадување за првите читатели.

Извор.


Leave a comment