~ „И така, поезијата нема попусто да пее!“ ~
~ Пабло Неруда
Утре (20 декември), со почеток од 12 часот, во кафе-книжарницата „Бејкер стрит“ ќе се одржи хуманитарно поетско читање. Водени од идејата за поезијата како чин на солидарност, организаторите најавуваат дека посетителите ќе имаат можност да слушнат ангажирана поезија и проза, инспирирана од секојдневието и немилите случувања околу нас.

На настанот ќе учествуваат: Андреј Медиќ Лазаревски, Емануела Ковачевска Китановска, Ирена Јурчева, Андреј Ал-Асади, Никола Наумовски, Марија Велинова, Светла Јакшиќ, Марија Ангеловска.
Донации ќе може да даваат на лице место, затоа што како што велат организаторите, „стихот може и да помогне“. Покрај собраните средства на самиот настан, Бејкер Стрит дополнително ќе донира 15% од сите продадени книги за време на настанот.
Од „Бејкер стрит“ ги повикуваат сите заинтересирани поединци и фирми да се приклучат на оваа акција со свои донации!
