Семјуел Бекет (13 април 1906 – 22 декември 1989) е еден од најдобрите и најпознати драматурзи на 20 век, добитник на Нобеловата награда за книжевност во 1969 година. Денес на блогот имате можност да погледнете едно одлично видео на ЈуТуб каналот на The School of Life кое се осврнува на неговиот живот и дело, но најпрво прочитајте го транскриптот на македонски јазик.

(извор: Open Culture)
Врската помеѓу големиот ирски автор Семјуел Бекет и крикетот, заслужува да биде повеќе позната. Тој бил одличен играч кога бил студент на Универзитетот „Тринити колеџ“ во Даблин, а заслужил и споменување во списанието „Визден“, што се нарекува „Библија за крикет“, единствениот нобеловец со таква заслуга. Во една прилика, некаде околу средината на шеесетите години на 20 век, Бекет патувал од Париз до Лондон само за да го гледа пријателскиот т.е контролниот натпревар помеѓу Англија и Австралија. Тоа било одлично, убаво и сончево летно попладне, сино небо, теренот на Lord’s Cricket бил зелен и величествен. Еден од неговите пријатели рекол: „Колку прекрасен ден! Еден од оние денови што прават да ти е мило што си жив!“ На ова, Бекет суво одговорил: „Па не би одел баш толку далеку.“
Оваа приказна одлично доловува два аспекти од карактерот на Семјуел Бекет: неговиот добро познат мрачен поглед кон светот и неговата остра смисла за хумор. Како што рекол Холис Валпол, „Светот е комедија за оние што размислуваат и трагедија за оние што чувствуваат“, па ако се водиме според оваа изрека, сосема е пригодно тоа што поднасловот на „Чекајќи го Годо“ на Бекет е „трагична комедија“. Во неговите театрални слики и прозни записи, Бекет доловува очај, убавина и артикулација на човековото страдање, претставени преку црн хумор.
Се чини речиси и премногу како случајност дека овој најпознат драматург на пустошот чие творештво се испреплетува со библиски алузии, се родил на истиот ден кога Христос бил распнат на крстот, а сепак, Семјуел Баркли Бекет се родил на Велики петок, 13 април 1906 година, во богато и развиено село по име Фоксрок, на неколку километри јужно од Даблин. Бекет учел во кралското училиште „Портора“ кое сега се наоѓа во Северна Ирска и кое е училиштето во кое учел и еден друг легендарен ирски драматург – Оскар Вајлд. Бекет бил извонреден во учењето и во спортовите. Тој дипломирал од „Тринити колеџ“ во 1927 година како првенец на генерација и го добил златниот медал на колеџот и уште оттогаш се чинело дека нему му е судена блескава академска кариера.
Во октомври 1928 година отишол во Париз на двогодишна студиска размена, во исклучителна академска институција. Неговото нурнување во париската книжевна сцена имало длабоко влијание врз младиот Ирец. Тој се поврзал со кругот на уште еден многу познат ирски писател – Џејмс Џојс, истакнатиот писател на „Улис“, дело објавено во 1922 година, а Бекет во 1929 година го објавил својот критичен есеј на делото на Џејмс Џојс кое во тоа време уште не било објавено, а кое подоцна ќе стане познато како „Финегановото бдеење“.
По неговото враќање во Даблин, тој бил несреќен со својата работа како предавач на „Тринити колеџ“ и дал отказ по нешто повеќе од една година помината таму. Тој често велел дека се откажал од таа работа затоа што не можел да поднесе да предава нешто што и самиот не го знаел. Во овој период, Семјуел Бекет одлучил да стане писател и „човек на зборовите“. Во 1931 година тој објавил кратка книга со критички осврти „Пруст“ која се фокусирала на големиот француски автор и која брилијантно идентификувала дека Пруст бил филозоф и дека неговиот долг роман во суштина бил потрага по смислата на животот и Бекет се сложувал во врска со создавањето и ценењето на уметноста.
И покрај брилијантноста на овој есеј, Бекет се соочил со многу пречки и одбивања во неговите обиди да се етаблира во книжевниот свет кои биле како ехо на темите за одбивањето кои толку често доминирале во неговото творештво. Тој не успеал во неговиот прв сериозен обид да напише роман, односно никој не сакал да го објави неговиот прв роман, иако голем дел од тој материјал подоцна бил преработен и објавен како збирка раскази „Повеќе бодила од ритање“ објавена во 1934 година. Следната година ја објавил неговата прва поетска збирка „Ехините коски и други преципитати“, која како и многу други дела од овој период е обележана со силно колебање и песимизам. „Марфи“, лондонскиот роман на Бекет, бил завршен во 1936 година и овој комичен роман на идеи е најверојатно и неговиот најмалку пристапен роман и најмалку експериментално дело, но и покрај тоа, тој се соочил 42 одбивања пред конечно да биде објавен од една издавачка куќа во 1938 година.

(извор: Père Ubu via Flickr // CC BY-NC 2.0)
Бекет долго време страдал од панични напади, анксиозност и депресија и често пати ова било пропратено со силни физички симптоми/манифестации. Во раните 30. години на 20 век отишол во Лондон на психоанализа кај познатиот британски аналитичар Вилфред Бајон. Интересот кој го развил за психологијата и психијатријата постојано и силно е прикажан во сцените во менталната болница во романот „Марфи“ и во неговиот следен роман „Ват“, кој го напишал додека се криел во руралниот дел на Франција за време на Втората светска војна. Неговото лично искуство со психотерапија исто така се појавува и во неговото подоцнежно творештво, кое во најголем дел е во форма на монолог каде говорникот блаботи како да е во некаков делириум обраќајќи му се на безличниот слушател исто како што можеби и би правел човек кога би отишол на психоанализа.
Иако делата на Бекет се крајно неспецифични и тежнеат кон тоа да не ја именуваат и посочуваат Втората светска војна или други историски настани, нема сомнеж во тоа дека траумите на историјата длабоко влијаеле на неговата имагинација. Згрозен од односот кон неговите еврејски пријатели за време на нацистичката окупација, Бекет активно се вклучил во движењето на Отпорот во Париз, главно како пренесувач на информации. Искуството на Бекет со уништувањето кое го посведочил во Франција се чини дека длабоко влијаело на неговата радикална промена на животниот правец.
Кога во 1946 година се вратил во Даблин, Бекет имал визија или откровение за книжевна цел и мисија која ја обележува поделбата помеѓу неговото творештво од 30. години на 20 век со нарација во трето лице и збиеното и збунето раскажување во прво лице кое е карактеристично за неговата позрела проза. За разлика од дел од неговото рано творештво каде се забележува влијанието на Џејмс Џојс врз неговата игра со зборови и силните алузии кон други книжевни дела, кај повоеното творештво се забележува пресврт, правејќи ги незнаењето, импотентноста и неуспехот негови клучни преокупации. Оваа промена на правецот била придружена со неговата одлука да пишува на француски јазик. Помеѓу 1946 и 1950 година тој незапирливо пишувал, и во овој период ги напишал некои од неговите најпознати дела, како „Чекајќи го Годо“ и неговата одлична трилогија романи „Молоа“, „Малон умира“ и „Безимениот“.
„Чекајќи го Годо“ е напишана меѓу октомври 1948 година и јануари 1949 година како пренасочување и дистракција од потешката и понапорна работа на Бекет во смисла на прозна композиција. Првично била поставена на сцената на еден мал авангарден театар во Париз во јануари 1953 година. Неверојатниот успех на претставата поттикнал меѓународна контроверзија и широк интерес. Поставена на празна сцена, на која има само едно дрво и еден камен, двата лика стојат покрај еден пат и разменуваат безначаен и празен дијалог чекајќи човек кој никогаш не се појавува.
Драмата на Бекет предизвикала збунетост и отпор особено кога англиската верзија била поставена во Лондон во 1955 година и била пречекана со свирежи и потсмев. Сепак, „Чекајќи го Годо“ постигнала неверојатен успех и денес се смета за можеби и една од највлијателните драми на 20 век. „Чекајќи го Годо“ претставува мрачна визија за човековиот живот помешана со водвилски лудории и физичка комедија. Дејството или недостатокот на дејство во драмата на моменти се чини дека посочува на универзалната или егзистенцијална состојба.

(извор: The Spectator)
Еден од ликовите вели: „Но на ова место, во оваа точка од времето, целото човештво сме ние, без оглед дали тоа ни се допаѓа или не.“ Критичарите се прашувале дали тоа што Годо не пристигнува го прикажува отсуството на Бог во модерниот свет или драмата всушност го драматизира копнежот и чувството на нецелосност, нешто со кое што живееме во поголемиот дел од нашите животи? Најпосле, повеќето луѓе живеат во состојба на исчекување или насоченост кон иднината. „Кога најпосле ќе ја добијам таа работа или вистинската куќа или мојот/мојата сакан(а) ќе рече „да“ или кога ќе се пензионирам – тогаш ќе бидам среќен/среќна“, но штом желбата или амбицијата се оствари почнуваме да посакуваме нешто друго. Крајното задоволство, Годо, кое конечно ќе ни донесе задоволство – никогаш не пристигнува.
Сепак, и покрај сите овие различни филозофски интерпретации, ништо не е сосема сигурно и потврдено во творештвото на Бекет. Тој еднаш рекол: „Клучен збор во моите претстави е можеби“. Можеби и најголемото постигнување на Бекет се неговите храбри прикажувања и описи, не на песимистички поглед на светот, туку на збунет и зачуден поглед на светот. Ако по неговите претстави си заминуваме збунети, тогаш тоа можеби Е соодветната реакција и одговор? И ние исто така чекаме нешто што никогаш не пристигнува, уверување за јасност, значење, сигурност, дури и сигурност за мрачност.
Бекет бил, речиси инстинктивно, господар на сцената. Неговата следна голема претстава „Крајот на партијата“ од 1957 година ни ја дава трајната слика на луѓе во канти за ѓубре. Надвор од собата во која се одвива дејството, сѐ изгледа апсолутно сиво и мртво, како некакво пост-апокалиптично уништување, кое многу силно зборува и е релевантна во нашата сопствена ера на еколошка криза. Преку црниот хумор во „Вилици“, дури и човечките вредности и значења се чини дека исчезнуваат. Еден од ликовите дава една забелешка која делува како да дава одговор на оние што би сакале да го претворат творештвото на Бекет во обична филозофија: „Значиме нешто. Ти и јас, значиме нешто. Хаха, тоа ти е добро…“
Како што се развивала неговата кариера, драмите и прозата на Бекет во принцип станувале сѐ позбиени и поминималистички. Драмите често се фокусирале на единечна интензивна слика: една жена, закопана до половината во песок („Среќни денови“), еден маж и две жени укотвени во некаков тип на урни раскажувајќи ја нивната приказна за љубовниот триаголник во кој се нашле („Игра“), една осветлена уста која раскажува приказни во трето лице преплашена да го користи зборот „Јас“ („Не јас“).
Бекет ни дава уметност која нуди искуство, не само идеја или некаква порака која треба да ја извлечеме на крајот. Тој нѐ носи во заплетканоста на модерната состојба во која традиционалните утехи како вербата во некаков божествен план или надежи за цивилизациски прогрес се разнишани од варварството на војната и холокаустот. Сепак иако творештвото на Бекет ни ја претставува човечката екстремност, сепак има моменти на сочувство и извонреден црн хумор. Дотолку повеќе што неговите записи се обележани со скрупулозна точност и прецизност. Постои форма во неговиот хаос, што се појавува со еден вид студена смиреност, со смирена структура на неговите драми. Токму ова формално и уметничко достигнување е тоа што ни дозволува да го сакаме и почитуваме творештвото на Бекет – еден вид на кревка, но неопходна милост.
Погледнете го одличното видео подолу:
