„Поетроника“ е проект на Андреја Салпе и Оливер Митковски кој првпат се појави на сцената на МНТ во 2023 година, проект кој содржи избор на дела од македонското поетско творештво ставено во современ музички контекст.
Деновиве, на страницата на Македонскиот народен театар се појави веста дека на 30 декември, Андреја Салпе и Оливер Митковски ќе настапат со нови музичко-поетски аранжмани инспирирани исклучиво од делата на Ацо Шопов. Овојпат изведбата ќе се одржи во алтернативен простор – фоајето на МНТ – во пријатна, предновогодишна атмосфера и насловот е „ПОЕТРОНИКА: ЗВУК ОД ТАМ-ТАМ (Кон Ацо Шопов)“.

Во фоајето ќе бидат изложени и банери со стихови, цитати, исечоци од весници, корици на книги, фотографии и уметнички портрети на нашиот поет. Настанот е поддржан од Фондацијата „Ацо Шопов“.
Бројот на билети е ограничен и можете да ги набавите на билетарницата или на веб-страницата на МНТ.
