Божиќните писма на Џ.Р.Р. Толкин до неговите деца…

На 24 декември 1920 година, Џ.Р.Р. Толкин седнал во својата работна соба и му напишал писмо на својот тригодишен син, Џон, кој неодамна почнал да прашува за Дедо Мраз. Со растреперен ракопис, со црвено мастило, Толкин одговорил како Татко Божиќ (англиската фолклорна фигура што сега широко се поистоветува со Дедо Мраз), упатен од „Божиќната куќа, Северен пол“. Придружната слика што ја нацртал е шармантна, баш во стилот на Толкин. Фигура облечена во црвено крзно, долга бела брада и розово-црвен нос оди низ снегот. Неговата куќа во облик на купола свети на зимската падина, на крајот од скалите осветлени со фенери.

(Првото писмо оод 1920 година/извор: ©The Tolkien Estate Ltd 1976/Atlas Obscura)

И така, во 1920 година, неколку кратки години откако Толкин се вратил од Првата светска војна, тој започнал една прекрасна семејна божиќна традиција која продолжила и во следните 23 години. По раѓањето на неговиот првороден син, Џон, Толкин секој Бадник им пишувал писма од Дедо Мраз на своите четири деца.

Она што започнало како кратки, информативни писма: „Токму сега одам во Оксфорд со сноп играчки“, еволуирало во подолги приказни за животот на Северниот пол. Писмото од 1932 година започнува со „Драги деца, има многу да ви кажам. Прво и најважно, среќен Божиќ! Но, има многу авантури за кои ќе сакате да чуете. Сè започна со чудните звуци кои доаѓаа од под земја…“

(извор: Open Culture)

Овие приказни за Северниот пол најчесто вклучувале епизоди и случки поврзани со палавите шеги на саканиот Северен поларен мечок кој е помошникот на Дедо Мраз, борбите на Дедо Мраз против северните гоблини кои јаваат лилјаци и мистериозните пештери во кои гоблините живееле, како и нивните херојски еквиваленти, Црвените џуџиња.

Како и кај „Хобитот“, кој Толкин го напишал и објавил во овој период, писмата содржат цели светови, со измислени јазици и истории, заедно со детални илустрации. Како вешт илустратор чии оригинални цртежи ги придружувале многу од неговите дела, Толкин во многу од своите божиќни писма вклучувал и збир од шармантни цртежи.

(Цртеж од 1936 година/извор: ©The Tolkien Estate Ltd 1976/Atlas Obscura)

Дури и методите на доставување на писмата биле колку што е можно поавтентични. Тие им биле подарувани на неговите деца во пликови со поштенски марки од Северниот пол – и добивал два бакнежи по писмо – а подоцна Толкин го убедил поштарот да ги вклучи писмата во неговите поштенски пратки.

(Цртеж на кој се прикажува Арора Бореалис/
извор: ©The Tolkien Estate Ltd 1976/Atlas Obscura)

Многуте писма на крајот биле собрани и издадени во едно прекрасно издание наречено „Писма од Дедо Мраз“. Благодарение на „Letters of Note“, електронскиот магазин „Open Culture“ објави примерок од едно писмо од 1925 година кое во продолжение можете да го прочитете и на македонски јазик.

Клиф Хаус
Врвот на светот
Во близина на Северниот пол
Божиќ, 1925 година

Драги мои момчиња,

Оваа година сум ужасно зафатен, дури и кога ќе помислам на тоа, раката ми се тресе повеќе од кога било – и не сум баш при пари. Всушност, се случија ужасни работи, а некои од подароците се расипаа и Северниот поларен мечок не е тука да ми помогне и морав да се преселам непосредно пред Божиќ, па можете да замислите во каква состојба е сè, и ќе видите зошто имам нова адреса и зошто можам да напишам само едно писмо за двајцата. Сè се случи вака: еден многу ветровит ден, минатиот ноември, мојата качулка одлета и се заглави на врвот на Северниот пол. Му реков да не го прави тоа, но Северниот поларен мечок се искачи на тенкиот врв за да ја симне качулката. Столбот се скрши на средина и падна на покривот од мојата куќа, а Северниот поларен мечок падна низ дупката што ја направи во трпезаријата, со мојата качулка преку носот, а целиот снег падна од покривот во куќата и се стопи, ги изгаси сите огнови и истече во подрумите каде што ги собирав подароците за оваа година, а Северниот поларен мечок ја скрши ногата. Сега е повторно добро, но бев толку лут на него што рече дека нема да се обиде повторно да ми помогне. Верувам дека тој е навреден, но дека ќе се поправи до следниот Божиќ. Ви испраќам слика од несреќата и од мојата нова куќа на карпите над Северниот пол (со прекрасни подруми во карпите). Ако Џон не може да ги чита мојот стар, треперлив ракопис (стар 1925 години), мора да го натера татко му да го стори тоа. Кога Мајкл ќе научи да чита и да ми пишува свои писма? Многу љубов до вас двајцата и до Кристофер, чие име е слично како моето.

Тоа е сè. Збогум.

Дедо Мраз

Во продолжение погледнете го и рачно напишаното писмо од 1925 година:

(извор: Open Culture)

Во продолжение погледнете го и писмото од 1932 година:

 (Првaта страница од писмото од 1936 г./ извор: ©The Tolkien Trust 2012/Atlas Obscura)

Извор 1.
Извор 2.

Leave a comment