Донирај книга, сподели чувство во „Погон бар“!

Крајот на годината е полн со многу книжевни и некнижевни настани, а овој петок ќе има една одлична акција и одлична иницијатива за донирање книги! Барот „Погон“ на својот профил на Инстаграм соопшти дека во петок (26 декември), со почеток од 20 часот, ќе се организира акцијата „Донирај книга, сподели чувство“. Како што наведуваат во својата најава, иницијативата е на младата Вера Петкова која им ја предложила идејата да се организира оваа акција за да се соберат книги со кои ќе го збогати изборот на македонската литература во универзитетска библиотека во Германија.

(извор: Инстаграм страницата на „Погон бар“)

Целта е да се соберат книги поврзани со македонскиот јазик, македонската литература – проза и поезија, македонската историја, граматика, лингвистика и сè што зборува за македонскиот дух, па затоа доколку имате книги што мислите дека би можеле да придонесат кон оваа акција, знаете каде да се упатите во утре во 20 часот.

Дополнително, вечерта ќе биде збогатена и со книжевен настан, односно како што се вели во најавата, посетителите ќе имаат можност да слушаат жива литература, т.е македонски автори и авторки на сцената ќе читаат проза и поезија, а меѓу нив ќе бидат: Ана Тодоровска, Филипа Сара Попова, Јулијана Величковска, Викторија Ангеловска, Андреј Медик Лазаревски, Андреј Ал-Асади и Стефан Спасовски. Читањето ќе започне во 21 часот и ќе го води Марија Ангеловска. Како поттик и поддршка за домашната книжевност ќе се продаваат и книги од македонски автори и авторки, а оние што ќе донираат книги ќе добијат и 10% попуст на сите коктели и пиво „Амбер“ за 90 денари.

За повеќе информации, следете ја страницата на „Погон бар“ на Инстаграм, а погледнете ја и објавата со која го најавуваат настанот:


Leave a comment