Промоција на „Она што се памети живее“ („Никогаш докрај раскажани приказни“)!

Пред некој ден, Друштвото на писателите на Македонија објави дека од печат излезе книгата „Она што се памети живее“ или „Никогаш докрај раскажани приказни“ – збирка раскази што го чествува споменот на автори, поети и писатели, поранешни членови на Друштвото на писателите на Македонија. По тој повод, во предновогодишно расположение, во петок (26 декември), со почеток од 18 часот во просториите на Друштвото на писателите на Македонија („Максим Горки“ бр. 18) ќе се одржи промоција на новото издание.

Како што наведуваат од ДПМ во најавата на официјалниот настан на Фејсбук, „делото ќе биде промовирано преку разговор на новинарката Катерина Богоева со деветмина наши истакнати авторки и автори чии раскази се дел од книгата, а вечерта ќе биде дополнително збогатена со настап на гудачки квартет од Факултетот за музичка уметност во Скопје (Бојана Митковска и Марија Ристовска на виолина, Виктор Манев на виола и Сара Илиевска на виолончело), како и од страна на реномираниот Петар Ренџов, кој ќе ја затвори вечерта со настап на гитара.“

Во самата најава е објавен и извадок од поговорот на Живко Грозданоски, претседател на Друштвото на писателите на Македонија и приредувач на изданието, кој можете да го прочитате подолу:

„Целта на ова дело е очигледна – да се негува меѓугенерацискиот континуитет, да се уважуваат животите и делата на нашите претходнички и претходници, да се направи нивна реактуaлизација, но и да се поттикне интересот кај авторките и авторите континуирано да ги запознаваат своите поранешни колешки и колеги писателки и писатели, или да се сеќаваат на нив. Целта е, исто така, да се поттикне и интересот кај читателките и читателите да ги истражуваат и да ги читаат овие авторки и автори. Со една реченица: целта на ова дело е да се долови книжевната заедница како она што во суштина е: еден широк, буен тек од испреплетени, ‘никогаш докрај раскажани приказни’ и меѓусебни влијанија, а не мапа во која секој автор е остров, доволен самиот на себе.“

Leave a comment