Што читаше Кафе и книги во декември?

Среќна Нова 2026 година! Кафе и книги им посакува на сите читатели и читателки многу здравје, среќа, љубов и секако… многу прочитани книги! Овој нов почеток остава многу можности за многу читање и уживање, а доколку сте во потрага по инспирација, подолу прочитајте ги традиционални месечни препораки на блогот!

Стакленото ѕвоно“ – Силвија Плат

Издавачка куќа: ТРИ
Оцена: 5/5
Осврт
: „Стакленото ѕвоно“ е единствениот објавен роман на Силвија Плат, објавен непосредно пред нејзиното самоубиство. Се работи за една неверојатно меланхолична книга во која Естер раскажува за нејзиниот живот во Њујорк како млада девојка во потрага по кариера, но и по себеси.

Перспективна млада девојка со извонредни академски резултати, таа се чувствува малку изгубено, прашувајќи се како да продолжи понатаму во животот. Додека се труди да навигира во почетокот на нејзиниот возрасен живот, нејзиното ментално здравје значително се нарушува и таа се обидува да се самоубие, по што таа го прикажува животот во ментална институција, кој е тежок и мрачен и имајќи предвид дека се работи за претходниот век, третманот на пациентите и пациентките и далеку поразличен од она што е денес. Читајќи го романот, не можете, а да не се запрашате како е возможно некои практики да биле толку силно врежани во секојдневието, а истовремено да бидат толку сурови.

Овој роман е познат по тоа што е делумно автобиографски и влече силни паралели со сопствениот живот на Силвија Плат, која низ текот на животот се борела со менталното здравје и често завршувала во институции за ментално здравје и имала обиди да го одземе сопствениот живот, пред да го стори тоа. Книгата е меланхолична, тешка, на моменти се чини неодредена во поглед на раскажувањето, но е одличен приказ на борбата со менталното здравје и ја прикажува онаква каква што е – нелинеарна, тешка, како да се наоѓаме во стакленото ѕвоно.

Таму каде што не сме“ – Георги Господинов

Издавачка куќа: ИЛИ-ИЛИ
Оцена: 4.5/5
Осврт
: Георги Господинов е секогаш добра идеја. Секогаш кога човек се двоуми што да чита, никогаш нема да згреши ако земе да чита нешто од Господинов. Неговиот шармантен стил на пишување и дух секогаш му прираснуваат на срце на читателот и секогаш наоѓаме некакво зрно мудрост кое го понесуваме со себе.

Овојпат во раце ми падна збирка поезија на Господинов и се чувствував возбудено бидејќи првпат го читам Господинов во оваа форма и секако ни тука не разочара. Иако сметам дека тој е ненадминлив во кратките раскази и тие се некако негова најпрепознатлива форма, сепак и неговата поезија дефинитивно вреди да се прочита и да се препрочитува, низ неговите стихови има разни бисери и стихови кои ќе ве насмевнат и разнежнат, едноставни, секојдневни, тивки, а понекогаш и ненаметливи и едноставно ќе ве остават во добро расположение.

Некогаш луциден, некогаш ретроспективен, некогаш полн со хумор, стиховите на Господинов се одлични за овој предновогодишен период кој знае да биде хаотичен и напорен, но кога ќе ја отворите збирката, сета бучава некако сама стивнува.

Ѕвездена порта“ – Ингвилд Рисхој

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Оцена: 4/5
Осврт
: Божиќните и новогодишните приказни се секогаш добра идеја, особено во декември. Има некоја посебна магија и додаваат поинаква енергија пред празниците. Но, ова не е стандардната зашеќерена приказна за пред Нова година, но вреди да се прочита. Доколку се сеќавате и ја сакате приказната „Девојчето со кибритчињата“, тогаш и оваа приказна ќе ве допре, затоа што е очигледно дека е донекаде инспирирана од неа или барем сигурно е дека имала влијание врз авторката при пишувањето.

Приказната е куса и се чита многу брзо. Раскажана е од перспективата на малечката Роња, која има десет години и сѐ уште го гледа светот низ очите на фантазијата и надежта, иако нејзиниот живот е далеку од бајковит. Таа и нејзината постара сестра Мелиса живеат со нивниот татко алкохоличар, кој постојано е без работа и тие често се оставени сами на себе да се грижат за себе, а товарот особено паѓа на Мелиса која е постара. Но, еден ден кога нивниот татко се вработува во едно место за продажба на новогодишни елки, кај Роња се јавува надеж дека работите конечно ќе се средат. Но… тоа не оди баш така.

Поради неговиот алкохолизам набрзо повторно ја губи работата, па Мелиса и Роња решаваат тие да почнат да заработуваат. Приказната е мрачна и болна, ја покажува и темната страна на празниците кои за многумина не се среќни и не ги поминуваат во топла атмосфера, книга која ќе ве натера да размислите за состојбата на светот и за тоа колку многу деца минуваат низ работи низ кои никогаш не би смееле да поминат ниту да ги доживеат.

Шагринска кожа“ – Оноре де Балзак

Издавачка куќа: ПОЛИЦА
Оцена: 4/5
Осврт:
„Шагринска кожа“ е една од книгите што речиси секој ученик и ученичка во средно училиште ја имал за своја лектира и верувам дека на секого му буди различни сеќавања. Во последниот период, особено годинава, често препрочитував дела што сум ги читала на рана возраст, за да можам да споредам како би ги доживеала сега, на позрела возраст.

Романот ја раскажува приказната на Рафаел де Валентин, кого на почетокот го запознаваме како очаен млад човек, фрлен во сиромаштија и безнадежност. Го запознаваме токму на едно од најмрачните места – коцкарница, каде Балзак маестрално ја доловува негативноста и порочноста на овие места. Размислувајќи и за самоубиство, тој влегува во една антикварница каде еден постар мистериозен човек му ја покажува шагринската кожа – која ќе ги исполни сите негови жеби, но по висока цена. Со секоја негова желба, таа се намалува, а кога целосно ќе исчезне – тој ќе умре. Но, млад и полетен, тој не размислува на последиците и ја зема со драго срце и веднаш си замислува и посакува најубави работи.

Сепак, како што вели изреката „ѓаволот си доаѓа по своето“, па така после години и години, Рафаел станува опседнат со кожата, опседнат со смртноста, знаејќи дека ги исполнил сите материјални желби и успеси, но сепак се чувствува празно и осамено. Кога ќе се појави вистинската љубов, која ќе го натера да посака да живее, тогаш најмногу ја сфаќа силата на проклетството и е доведен до раб на лудило.

Маестрална проза и описи на Балзак, но ова во голема мера е и роман што длабоко навлегува во човековата природа, роман што се згрозува од материјалноста и кој покажува кон каква декаденција и пропаст води празниот живот без цел, макар и исполнет со најголеми материјални богатства.

Нашиот најубав Божиќ“ – Сара Морган

Издавачка куќа: САКАМ КНИГИ
Оцена: 3.5/5
Осврт
: Доколку барате зашеќерена приказна која ќе ви го стопли срцето и ќе направи да заборавите на светот – книгите на Сара Морган се секогаш добар избор. На некој начин може да се рече дека божиќните и новогодишните приказни се нејзина специјалност, па и во оваа нова книга таа повторно ја внесува магијата на Божиќ и моќта на семејството.

Гејл Мичел е жена во средни години, исклучително успешна бизнисменка, авторка и јавна личност. Таа е позната како инспирација за милиони жени… освен за нејзините две ќерки кои неколку години воопшто немаат никаков контакт со неа. Откако ќе доживее незгода при едно телевизиско интервју, таа започнува да ги преобмислува своите одлуки и решава да ги контактира нејзините ќерки Саманта и Ела и се надева дека ќе ги поправи односите. Но, сфаќа дека многу работи за промениле за пет години.

Саманта исто така има успешен бизнис и кога за деловните потреби ѝ излегува шанса да оди во Шкотска, трите жени одлучуваат заедно да одат во Шкотска и таму да ги прослават празниците. Покрај тоа, со Ела доаѓа и нејзиниот сопруг и ќерка. Сите се надеваат на мирен и прекрасен Божиќ, но дали е тоа возможно и дали старите рани можат така лесно да се излечат?

Leave a comment