Ф. Скот Фицџералд е еден од најпознатите американски писатели и еден од најзначајните автори на американската книжевност од 20 век. Покрај неговите неверојатни дела како „Големиот Гетсби“ и „Нежна е ноќта“, неговиот живот и боемство привлекувале исто толку внимание како и неговото пишување, а понекогаш и дури и го засенувале неговото пишување.
Често читаме анализи и книги за него напишани од големо временско растојание, па затоа многу е интересно да се читаат написи за него од времето кога творел и живеел. Денес на блогот имате можност да прочитате еден напис на Џон К. Мошер напишан на 9 април 1926 година и објавен во списанието „Њујоркер“ во нивното издание од 17 април 1926 година, во кој тој прави профил на Фицџералд, онака како што го гледал и го доживувал, бидувајќи негов современик.

(Ф. Скот Фицџералд во 1925 година/извор: Hulton Archive/Getty Images)
Сè беше тивко на Ривиерата, а потоа Фицџералдови пристигнаа: Скот, Зелда и Скоти. Летната сезона се отвори. Се зборуваше за нивното доаѓање. Ќе дојдат; нема да дојдат. Еден ден се појавија на плажата. Претходниот ден играле тенис и имаа изгореници од сонцето. Сите беа загрижени за нивните изгореници. Мораа да ги покриваат рамената и да се мачкаат со маслиново масло. Скот беше премногу изгорен за да влезе во вода и поголемиот дел од времето седеше настрана од целиот тој забрзан хаос и делуваше како замислена и смирена глава на семејството.
Малку е да се каже дека Фицџералдови се најубавиот пар во современото книжевно друштво, знаејќи генерално каков став имаме за убавината и мозокот. Тоа што тие би можеле да бидат најзгодниот пар на која било забава на факултет, инспирирајќи ги поранешните студенти да предупредуваат за стапиците што ги чекаат младите, е поважно, иако Скот навистина изгледа повеќе онака како што би сакал да изгледа студентот, отколку онака како што генерално изгледа. Потребни се неколку години обука како најдобар домаќин на забави за помладите и како многу фотографиран и цитиран автор, за да се биде толку љубезен и совршено опуштен со целиот свет.
Скот чувствува дека старее и дека повеќе не е млад. Тоа го оптоварува, го мачи. Има речиси триесет години. Ретко дозволува личност од толку напредна возраст да влезе во неговите книги.
„Напишав приказна. Не е за помладата генерација. Херојот има дваесет и девет години.“
Мора да му е утеха што толку добро се држи, толку крупен, мускулест, со чиста кожа, со широки, свежи, зелено-сини очи, косата му е руса, а не сива, без брчки од грижа или сенилност, и никаде не може да видите кожа што виси. Госпоѓа Фицџералд исто така не ги покажува своите години; исто како да е во тинејџерските години. Евентуално Скоти одговара на своите години. Да, не може да се негира дека изгледа како да има четири години.
Се шпекулираше дека Скот горе во Париз испил една или две голтки од некаков напиток и дошол на југот да се одмори. Никој не можеше да претпостави, но тој несомнено отфрла какви било сомнежи:
„Не знаете ли дека сум еден од најозлогласените пијачи од помладата генерација?“
Секако дека имаше озборувања. Но, младиот човек што со колата го истумба својот менаџер за односи со јавност во езеро, како што еднаш направи Скот, сигурно ќе стекне таква репутација. Во оваа пригода немаше причина да не го сврти автомобилот надесно како што би направиле повеќето луѓе, и како што удобно очекуваше човекот за односи со јавност, но откако испи можеби еден или два коктели, му се чинеше позабавно да сврти налево од патот. Сепак, човекот за односи со јавност не се удави.
Тоа беше по една од оние забави на Лонг Ајленд што го воспостави неговото место во светот како домаќин за забави. Ако сега е загрижен за годините што доаѓаат, подобро да купи два или три Билтмори пред да ја упати таа општа покана:
„Стареј заедно со мене!
„Најдоброто допрва доаѓа—.“
Оваа популарност на два континента може да објасни дел од финансиската мистерија што толку го ужаснува. Уште од „Оваа страна од рајот“, парите се слеваат врз овој млад пар, илјадници и илјадници месечно. И исто толку брзо се излеваат. Каде одат, никој не знае. Најмалку Фицџералдови, очигледно. Тие се жалат дека ништо не им останало. Г-ѓа Фицџералд нема ниту бисерна огрлица.
Како што тврди Скот, тој ја познава сиромаштијата. За време на една ужасна зима по војната, сакал да се ожени со Зелда, и имал само работа во индустријата за рекламирање за деведесет долари месечно и без перспективи. Отишол на југ за да ја види, а кога се разделиле на станицата, немал доволно пари ниту за сопствено купе во возот. Морал да влезе во едно такво купе, а потоа да се протне во дневниот вагон.
Тогаш видел дека рекламирањето не се исплати, па ја отфрлил таа работа и се вратил дома во Сент Пол за да напише роман. Статистиката покажува дека 12.536 млади мажи годишно ги отфрлаат своите работни места и се враќаат дома за да напишат роман. Сето ова се случи откако Фицџералд го постави преседанот, затоа што книгата што ја напиша таа зима беше „Оваа страна од рајот“, и со неа тој беше лансиран.
Неговиот успех како автор беше големо изненадување за домашниот круг. Тој отсекогаш живеел во Сент Пол, но Фицџералдови не биле она што луѓето би го нарекле книжевни луѓе, и покрај нивната далечна роднинска врска со авторот на „Star-Spangled Banner“ (текстот на американската химна, м.з). Таткото на Скот се занимавал со бизнис, а Скот никогаш не бил зависен од талкање низ јавната библиотека. Тој бил премногу привлечно момче за да му се дозволи многу осаменост.
Сепак, тој уживал во пишување и имал тетратки полни со разни предлози, впечатоци и духовитости, додека другите верни студенти на Академијата „Св. Павле“, а подоцна и оние на училиштето „Њуман“, биле зафатени со собирање и одземање и се прашувале што се случува во аблативот. Во училиштето „Њуман“ тој одлучил да започне да создава музичка комедија, а две години подоцна ја поминал целата прва година во „Принстон“ пишувајќи ја „Триаголна претстава“, а тоа не му оставило многу време за алгебра, тригонометрија, координатна геометрија и хигиена. Но, „Триаголниот клуб“ ја прифатил претставата, а тој се вратил на колеџ под менторство и глумел во својата престава играјќи улога како девојка во хорот.
Потоа дојде војната, и како помошник на генералот Џ. Ф. Рајан, тој имал можност да ги поминува саботните попладниња пишувајќи роман од сто дваесет илјади зборови, „Романтичниот егоист“, што очигледно било само подготвителна вежба. Издавачите го сметале за оригинален и многу добро напишан, но не баш она што го барале во моментот. Голем број издавачи го имале тој став, но не успеале да го изгаснат писателскиот импулс кај него. Зимата по војната, пред да се занимава со рекламирање, тој собрал 122 белешки со одбивање и како охрабрување продал една приказна за 30 долари.
Никогаш не живеел во таа аморфна работа позната како литературен живот. Тој е премногу активен за тоа и премногу друштвен. На помладата екипа во „Св. Павле“ им бил познат како момче кое јаде и танцува во селски клубови, и сите се изненадиле кога почнало да се зборува дека сака да пишува. Но, книжевните луѓе таму не ги сфатиле неговите амбиции како шега. Тој станал добар пријател на Чарлс Фландрау, кој пред дваесет години ги објави „Харвардските епизоди“, приказни за бруцоши и студенти од втора година, напишани донекаде во стилот на Хенри Џејмс. Нема никаква сличност помеѓу книгата на Фландрау и книгата на Фицџералд, но кај г-дин Фландрау, Скот пронајде сочувствителен и интелигентен критичар, некој што можеше да разбере зошто тој избрал да пишува наместо да продава обврзници. Тој веќе почнал да работи со неуморна енергија и покрај поканите за вечери. Тоа го одржало дури и низ тешкиот процес на препишување на „Оваа страна од рајот“, менувајќи го текстот, по совет на неговиот издавач, од прво во трето лице.
Таквата работа, се разбира, не е поврзана со темпераментот на еден паметен млад човек. Популарната слика на русокосото момче кое пишува бестселери во ретките моменти помеѓу забавите е бесмислена. Тој е многу сериозен и вреден човек и тоа и го покажува. Всушност, дефинитивно постои нота на меланхолија што често е очигледна кај него.
Тој е претпазлив кон ограничувањата на неговото искуство.
Како поле за својот талент намерно ја зема големата приказна за американското богатство. Неговото истражување лежи во хрониките на големите бизнис ѕверки од последните педесет години; а драмата на високите финансии и личностите на главните актери во крупниот капитал како Хариман, Морган, Хил, е негова сериозна студија. Тој видел како се трошат парите; тој си поставил за цел да открие како биле притиснати.
Иако г-ѓа Фицџералд еднаш купи обврзница, секој млад човек со таков приход, е сосема оддалечен од вообичаените деловни работи. Службеник кој заработува дваесет долари неделно сигурно знае повеќе за практичниот деловен свет од Скот Фицџералд, кој не може да живее со триесет илјади годишно, а сепак го заработува секој цент што го има.
Неговите информации, секако, за општата историја на оваа американска фаза се извонредни. Неговите најтривијални приказни имаат значителен супстрат од информации.
Неговите приказни би требало да даваат сè повеќе и повеќе откривачки и продорни слики од американскиот живот, додека тој сериозно се смирува во самракот на триесеттите години.
