Џорџ Орвел е еден од најпознатите автори на 20 век. Неговите дела постојано се анализираат и обмислуваат, секоја реченица од неговото творештво е ставена под лупа од читателите, академиците и медиумите. Но, ретко кој зборува за неговиот однос со студот, зимата и јануари и февруари како студени месеци, а денес на блогот имате можност да прочитате токму таква анализа и еден одличен текст на професорот Нејтан Вадел од Универзитетот во Бирмингем објавен на веб-порталот „The Conversation“ кој можете да го прочитате во продолжение.

(извор: The Conversation)
Како и многумина од нас, Џорџ Орвел го гледал јануари како месец што треба да се издржи, а не да се ужива. Можете да го замислите како се челичи и спротиставува на јануарскиот студ, мрак, дожд, мраз и ветер. И не само поради неговото болно и ранливо тело, кое било опустошено по толку многу години со респираторни проблеми, туку и затоа што гримасата на пркос е ставот што јануари има тенденција да го изнесува кај луѓето. Орвел не бил исклучок. Неговиот став кон јануари е смирувачки познат, но сепак необично негов.
Во еден момент во романот на Орвел насловен како „Да живее фикусот“ (1936), протагонистот Гордон Комсток ја среќава својата девојка Розмари под некои железнички свиоци во „ужасна јануарска ноќ“. Има „одвратен ветер“ што фучи низ аглите и фрла прашина и искината хартија во нивните лица.
Во „Животинска фарма“ (1945), „горчливото тешко време“ на јануари ја прави земјата „како железо“ и ги спречува суштествата да работат на полињата. „1984“ (1949) го префрла овој замислен јануари кон други точки од календарот. Започнува на еден „ведар и студен априлски ден“. Како и во „Да живее фикусот“, „одвратен ветер“ фрла прашина и парчиња хартија во воздухот. Овие сличности во книгите не се само обично повторување. Напротив, мислам дека суптилно го докажува упорното влијание на јануари врз умот на Орвел.
Една од завршните сцени на „1984“ се одвива на „одвратен, мрачен ден во март“ кога тревата изгледа мртва, а земјата е „како железо“, исто како што е во „Животинска фарма“. Ова се моменти што следат по долги, тешки зими, и не е случајно што протагонистот на „1984“, Винстон Смит, страда и минува низ долг период на мачење во Министерството за љубов во најстудените и најмрачни месеци во годината.
Пишувајќи за времето за весникот „Ивнинг стандард“ во 1946 година, Орвел забележал дека јануари и февруари се особено тешки за поднесување – барем за оние во постудените региони. Тогаш собите стануваат ладни, а цевките имаат тенденција да замрзнуваат и пукаат. Отстранете ги јануари и февруари од календарот, тврдел тој, и кога станува збор за времето, Англичаните „не би требало да имаат за што да се жалат“.
Сепак, Орвел знаел дека зимата е неизбежна неволја и дека остатокот од годината зависи од нејзините оптоварувања. Вкусното овошје и вкусниот зеленчук имаат потреба од „почва натопена од дожд“ и бавното доаѓање на пролетта за да ги развијат своите вкусови, исто како што обичните цвеќиња во Англија – јаглики, булки и нарциси – напредуваат низ мраз и студ.
Отстранете го контрастот помеѓу месеците и тие стануваат помалку посебни. Постои време за смрзнатини, плускавци и носови што бесконечно течат кога е ладно времето, инсистирал Орвел, а топлината и потта исто така имаат свое место. Ни треба јануари за да уживаме во јули (а, кај некои луѓе, овој процес е обратен).
Доаѓањето на пролетта
Во својот брилијантно насловен есеј „Неколку мисли за краставата жаба“ (1946), Орвел размислувал за наводно „чудесно“ доаѓање на пролетта по горчливите зими од претходните пет години – време во кое климатските неволји од јануари, февруари и март биле уште потешки поради товарот на Втората светска војна. Тешко било да се поверува дека ќе дојде пролетта, а било речиси невозможно да се помисли дека конфликтот ќе заврши. А сепак, непријателствата престанаа и пролетта пристигна.
Орвел мислел дека јануари може да биде „ѕверски“, како што го вели во својот роман „Борејќи се за воздух“ (1939), но исто така тврдел дека зимата е неопходен тест: време на привремено повлекување пред ослободување и закрепнување. Војната можела да заврши и на еден и на друг начин.
Меѓутоа, пролетта не е толку непостојана. Поширокото чудо не е тоа што пролетта носи топло време и надеж, тврдел Орвел, туку дека ритмите на природата го гарантираат нивното доаѓање. Предвидливоста на јануарската ѕверска природа е важна бидејќи укажува на цикличната логика на самите годишни времиња.
Преминот од јануари во февруари, а потоа во март и април е прогресија што, според Орвел, открива апсолутна граница на авторитарната моќ. „Атомските бомби се трупаат во фабриките“, напишал тој во „Неколку мисли за краставата жаба“, „полицијата демне низ градовите, лагите течат низ звучниците, но земјата сè уште се врти околу сонцето, и ниту диктаторите ниту бирократите, колку и длабоко да не го одобруваат овој процес, не можат да го спречат ова.“
Со други зборови, важно е да се почувствува студот, бидејќи чувствувајќи го студот, фрламе поглед на структура во природата што останува далеку и одвоена од човечкото влијание. На неочекуван начин, ротирачките годишни времиња докажуваат дека оние што сакаат да го покорат светот се самите подложни на природни закони што не можат да ги променат и кои ги прават засекогаш инфериорни во однос на космосот рамнодушен кон нивните арогантни желби.
Орвел никогаш не сакал да биде сентиментален кон природата или кон годишните времиња. Но, тој сметал дека сезонските циклуси ни кажуваат важни работи за нашите соништа, комплицирајќи ги нашите митови за моќ и контрола.
Може ли човек со замислување желба да го истера и избрише јануари? Не. И за Орвел, токму затоа што тоа не може да се случи, тоа значи нешто добро. Тој никогаш не го кажал тоа сосема со овие зборови, но сакал да каже дека јануари е наш пријател.
