Македонска поезија: „Пределу, во цутот на имелите ти доаѓам“ од Радован П. Цветковски!

На 23 јануари 2022 година почина Радован П. Цветковски, поет, раскажувач, критичар, автор за деца и млади, фолклорист. Радован П. Цветковски е автор е на книгите поезија: „Моето поднебје“ (1971), „Кругови од лузни“ (1974), „Камен и небо“(1977), „Бели несоници“ (1982), „Дедо ми во Балканските војни“ (1985), „Кога ѕвездите кон небото паѓаа“(1993), „Јазли на душата“(1996), „Корени од прагот“ (1998), „Аманети“(двојазично – македонски и аромански јазик, 1998), „Даги“ (1999), „Прекршено време“ (1999), „Сонето претчувство“ (2006), „Потпрено небо“ (2012), „За зборот наш и сонцето“ (2015). Ги објавил и романот за деца „Рашко“ (1997), како и збирките раскази: „Ангелот и клучот“ (1995) и „Блиску до умот“ (2009).

Во негова чест, денес ги читаме неговите стихови.

Пределу, во цутот на имелите ти доаѓам – Радован П. Цветковски

Во цутот на имелите ти доаѓам
манастирот од легендата пак да го видам.
Жолти дождови на пат ме пресреќаваат
и неканети во очиве се товарат.
Пределу, во сенката на дабјето манастирски стојам.

Коњи по пат од мене слегуваат,
одобрувајќи ги горештините
до поилото меѓу два ѕида
и патот поплочен со жива оморина
до зенитот што се крева.
Од мене друг пат надолу слегува –
чинам со изворот во убавини истекува.
Во цутот на имелите ти доаѓам,
а ти со есен и жолти дождови,
пределу, на прагот твој ме пречекуваш.
Можеби затоа толку многу
глетката во тебе мене ме боли.

(Од збирката песни „Врати во пејзажот“, во издание на „Битолски весник“, Битола, 1994 г.)

Leave a comment