Предлог-серии за љубителите на книги! (7)

Ладното и тмурно време често прави човек да посака да се затвори дома и да не излегува многу, па затоа тоа е идеално време за читање и дружење со книгите, но понекогаш ни е потребно и одмор од читање. Па затоа, доколку сте во потрага по интересни серии, денес на блогот прочитајте неколку предлози за серии кои со сигурност ќе им се допаднат на љубител(к)ите на книги!

Мистеријата на седумте бројчаници (Agatha Christie’s Seven Dials, 2026)

Каде можете да ја гледате: НЕТФЛИКС
Опис:
Агата Кристи е една од најпознатите писателки на сите времиња, која направи вистинска револуција во жанрот на крими романите и мистериите. Нејзините дела и теми се инспирација и за многу други автори и авторки, но и до ден денес влијаат за создавање на многу филмови и серии, а Нетфликс неодамна ја објави екранизацијата на романот „Мистеријата на седумте бројчаници“ којa веќе доби бројни пофалби од критичарите и критичарките.

Се работи за мини-серија од три епизоди, а приказната е многу интересна и необична. Дејството започнува на една забава во куќата на леди Катерхам каде се собрани индустријалисти, политичари, јавни службеници од Министерството за надворешни работи и уште многу луѓе од англиското високо општество. Забавата трае до раните утрински часови, а утрото ги потресува ужасна глетка, младиот Џери Вејд, службеник во Министерството за надворешни работи, е пронајден мртов во својот кревет. Иако официјалните лица сметаат дека се работи за самоубиство, младата Ајлин, позната по нејзиниот прекар Бандл, е решена да ја дознае вистината, особено кога забележува седум чудно наместени часовници во неговата соба. Таа е многу блиска со Вејд и не може да се помири со официјалната верзија на настаните. Оттука започнува расплеткувањето на мистеријата, во која се појавуваат многу споредни и интересни ликови и еден куп можни осомничени, токму онака како што една приказна на Кристи може, а вие ќе уживате во целата приказна погодувајќи што се крие зад мистеријата.

Одделот Кју (Dept. Q, 2025)

Каде можете да ја гледате: НЕТФЛИКС
Опис:
Доколку сте љубители на трилери, ова е прекрасна серија за вас. Всушност, малкумина знаат дека се работи за екранизација на еден одличен трилер, „Жената во кафезот“ од Јуси Адлер Олсен, кој беше препорачан и на блогот. Оние што го прочитале романот ќе забележат извесни промени, па така дејството на приказната не е сместено во Копенхаген (Данска), туку во Едингбург (Шкотска), но се работи за одлично напишана и одглумена серија која постојано ќе го држи вашето внимание.

Во центарот на приказната е детективот Карл Морк, кој по еден трауматичен настан кога Морк и неговиот партнер се нападнати, а неговиот партнер останува парализиран, зема долго отсуство од работа и додека се бори да се врати назад во нормала и со своето физичко и ментално здравје – кое е сериозно нарушено, полека се враќа на своите обврски. Токму тогаш му велат дека е назначен да води еден нов оддел, наречен „Одделот Кју“, кој ќе се занимава со нерешени злосторства. Финтата е што во тој оддел тој е единствениот вработен и нема речиси никакви ресурси за да води истраги. И така тој решава да го разгледува случајот на една јавна обвинителка (ова е исто така различно од книгата, каде исчезнатата е политичарка) која со години се смета за исчезната и сите се сомневаат дека е мртва, а во истрагата му се придружува и невообичаен придружник. Единствениот сведок е нејзиниот брат кој има попреченост и не може да се изрази најдобро, а дополнително е затворен во една институција водена од чудна жена. Неверојатно добро сценарио, атмосферата е морничава и ќе ве држи залепени за телевизорот и ќе ја изгледате во еден здив.

Дејзи Џонс и Шестмината (Daisy Jones & the Six, 2023)

Каде можете да ја гледате: АМАЗОН ПРАЈМ ВИДЕО
Опис
: Доколку сте љубители на рок и хипи културата од 60. и 70. години на 20 век, ова е одлична серија за вас! Дејството е сместено во 70. години на 20 век и го покажува подемот и падот на групата Дејзи Џонс и Шестмината (Daisy Jones & the Six), измислена група инспирирана од една од најпознатите групи Fleetwood Mac. Серијата е заснована на планетарно популарниот роман „Дејзи Џонс и Шестмината“ од Тејлор Џенкинс Рејд и се работи за интензивна драма полна со музика, љубов и интензивни драми. Голем дел од серијата е во форма на документарец (или mockumentary) каде членовите на групата се согласуваат да бидат интервјуирани – повеќе од 20 години откако групата се распаднала и дополнително, преку навраќања во минатото, ние всушност ја дознаваме приказната за тоа како групата се формирала, за нивната планетарна слава, но и за мрачните работи зад сцената за кои малку луѓе знаат.

Во главниот фокус на приказната е Дејзи Џонс, главната пејачка на групата, и се запознаваме со нејзиното детство и младост, гледаме една млада девојка која е запоставена од своите родители и е многу осамено дете, но наоѓа утеха и среќа во музиката и пишувањето песни. Паралелно на неа – Били Дун и неговиот брат решаваат да се пробијат на музичката сцена и создаваат бенд заедно со уште неколку пријатели. Били Дун е заљубен и среќен во својата врска со Камила, но работите драстично се менуваат кога ќе открие дека ќе стане татко. Неговите грижи и сомнежи го дотеруваат до работ и посега кон деструктивни дејства кои се закануваат да го уништат неговото семејство, но и него. А кога Дејзи ќе влезе во бендот – тогаш интензивноста ги достигнува највисоките височини. Таа интензивност им ги носи најголемите успеси, планетарна слава и најголеми креативни достигнувања, но истовремено и ги турка кон меѓусебно уништување, драма и расправии. Одлична и многу интересна приказна, доколку сте ја читале книгата треба да знаете дека некои работи се променети за драматичен ефект, но сето тоа е одлично претставено на екранот, а музиката и песните се одлични и ќе уживате.

Leave a comment