Од 5 до 22 февруари, книжарниците „Литература.мк“ и оваа година ќе бидат место за настани, попусти и интересни доживувања. Шестото издание на „Денови на литературата“ носи попусти до 70%, подароци, грепки (сите добитни!) и повеќе од 30 внимателно осмислени настани за деца, родители и сите што сакаат да талкаат меѓу полици полни со приказни.

На намаление ќе бидат избрани изданија од 17 македонски издавачки куќи: „Арс Ламина“, „Академска книга“, „Бата прес“, „Бегемот“, „Или-Или“, „Култура“, „Мартина“, „Муза“, „Нампрес“, „Полица“, „Прозарт“, „Сакам книги“, „Светот на Биби“, „Сказнувалка“, „Слово“, „Три“ и „Чудна шума“. Понудата ќе се состои од:
– До 70 % попуст на селектирани наслови од фикција, нефикција и детска литература
– Попусти од 20 до 40 % на целосни каталози или внимателно одбрани изданија
– Понуда и за возрасните, но и за најмладите читатели
Дополнително, како и минатата година, со купување книги во вредност од најмалку 1.500 денари, следува грепка со подарок – и да, секоја грепка е добитна.
Покрај попустите, „Денови на литературата“ нуди богата културна програма:
– промоции на нови книги
– театарски претстави
– креативни и едукативни работилници
– музички и мултимедијални настани
– дружење со омилените маскоти на децата: Исидора Мун, Биби и Боби, Стела и Сани
Акцијата ќе се одвива во сите книжарници на „Литература.мк“: „Дајмонд мол“, „Скопје сити мол“, „Ист гејт мол“, ТЦ „Буњаковец“, ул. „Македонија“ во Скопје, во Струмица, но попустите ќе важат и на www.literatura.mk, каде што е најавено дека секој ден ќе има дополнителен еднодневен попуст.
Свеченото отворање на 5 февруари во „Дајмонд мол“ ќе биде во знакот на настанот „Во литературен филм“, со музички настап на триото Trinity Strings. Во деновите што следат, програмата се движи од детски работилници и магични настапи, преку промоции на сликовници и поетски книги, па сè до одбележување на Светскиот ден на радиото со концерт и диџеј-сет.
За најмладите е предвидена посебна програма: од креативни работилници и UNO натпревари, до интерактивни претстави и средби со автор(к)и и илустратор(к)и. И за возрасните се планирани промоции на нови книги, разговори за литературата и потсетување зошто читањето сè уште е една од најубавите активности.
Сите настани се бесплатни, а за работилниците и претставите потребна е претходна пријава. Целосната програма со точни датуми и активности е достапна ТУКА.
