Технологијата оди напред со неверојатна брзина и сите користиме различни платформи за гледање филмови, слушање музика и читање книги. Една од најактуелните платформи е Спотифај, на која може да се слуша музика, да се слушаат подкасти, па дури и аудиокниги, а сега Спотифај најави нова можност со која корисниците ќе можат директно да купуваат книги преку платформата, објави е-порталот „Индепендент“. Оваа новина доаѓа по воведувањето на аудиокнигите и претставува дел од стратегијата на компанијата да го направи читањето пофлексибилно, поперсонализирано и достапно во различни формати.

(извор: Mac Observer)
Аудиокнигите првпат беа воведени на Спотифај во 2022 година. На почетокот, корисниците можеа да купуваат книги секогаш кога сакаа да ги слушаат, а една година подоцна компанијата овозможи слушање до 15 часа од една аудиокнига како дел од редовната претплата.
Новата услуга за продажба на книги ќе функционира во партнерство со платформата Bookshop.org, веб-страница која им овозможува на читателите да купуваат книги преку локални независни книжарници. Од компанијата Спотифај истакнуваат дека целта е корисниците да можат да откријат книга преку аудио формат, а потоа да ја набават и во печатена верзија.
Како што наведува „Индепендент“, компанијата е свесна за можните грижи и дискусии дека ваквиот модел би можел да им наштети на традиционалните книжарници. Затоа, од Спотифај потенцираат дека партнерството е осмислено да го зајакне постојниот книжарски екосистем, а не да го замени, како и да им помогне на издавачите да изградат посилна врска со читателите.
Покрај тоа, Спотифај воведува и нова алатка наречена „Page Match“, која ќе им овозможи на корисниците да скенираат страница од печатена книга и веднаш да преминат на соодветниот дел од аудиокнигата. Исто така, додека слушаат аудиокнига, ќе можат да ја видат точната страница што одговара на моментот од слушањето.
Од компанијата нагласуваат дека иднината на читањето ја гледаат како персонализирано и флексибилно искуство кое лесно се движи помеѓу различни формати. Функцијата „Page Match“ првично ќе биде достапна за поголемиот дел од насловите на англиски јазик, а подоцна ќе се проширува и на други изданија. Дополнително, Спотифај ќе ја прошири и функцијата за резиме на аудиокниги на уредите кои поддржуваат Андроид. Оваа опција, која веќе беше достапна на iOS корисниците, им овозможува на слушател(к)ите краток преглед на настаните во книгата пред да продолжат со слушањето.
