Пет книги од Достоевски што треба да ги прочитате!

Фјодор Достоевски е еден од најголемите умови во историјата на книжевноста. Поминаа речиси 150 години од неговата смрт, а неговите дела се постојана мета на анализи, дискусии и голем дел од нив се наоѓаат на листите со најпродавани книги. Неговите најпознати книги се „Браќа Карамазови“ (роман за кој повеќето се согласуваат дека е неговиот магнум опус), „Злосторство и казна“, „Идиот“, „Бесови“, а неодамна со неверојатна популарност се стекна и краткиот роман „Бели ноќи“.

Денес на блогот можете да прочитате препораки за пет книги од Достоевски кои не се вбројуваат меѓу најпопуларните, но кои дефинитивно треба да ги прочитате и ќе ве освојат за миг.

Понижени и навредени

Издавачка куќа: АНТОЛОГ
Опис
: „Понижени и навредени“ е една прекрасна, драматична и интензивна книга во која Достоевски го покажува својот раскошен талент во целост. Младиот писател Иван Петрович, попознат како Вања, решава да ја раскаже својата приказна, но и приказната на оние што му се најмили и најблиски. Останат сирак како многу млад, Николај Сергеич и Ана Андреевна Ихменеви го земаат под своја закрила, каде тој расте заедно со нивната ќерка Наташа, во која како поминува времето тој силно се заљубува. Но, наскоро семејството Ихменеви го спопаднува тешка несреќа и тие се преселуваат во Санкт Петербург, каде Вања веќе се обидува да се пробие како писател и тука Фјодор Достоевски црпи инспирација и од своето писателско искуство. Изворот на несреќата на Ихменеви доаѓа од арогантниот и пресметлив кнез Валковски, кој во одреден момент му ги доверил дел од своите работи на својот имот на Николај Сергеич. Но, на несреќите им се чини дека не им доаѓа крајот, бидејќи Наташа, најсаканата ќерка на Ихменеви, се заљубува во Аљоша – синот на кнезот и го напушта домот на своите родители за да биде со него, што ги крши нејзините родители, особено нејзиниот татко кој се откажува од неа.

Среде овие бури се наоѓа Вања, кој иако ја сака Наташа најмногу на свет, одлучува да биде нејзин пријател и поддршка во сите тие тешки времиња, но да биде поддршка и за нејзините родите кои тој ги сака толку многу, а истовремено се труди и сам да исплива на површината и да се избори со сиромаштијата која го надвиснува. Среде тој хаос, тој е сведок на смртта на еден чуден и необичен човек и наскоро по неговата смрт се преселува во неговиот стан и наскоро дознава за неговата внука која живее во најбедни услови и решава да се грижи за неа. Ова е можеби и една од најдраматичните и најтрогателните приказни на Достоевски. Не навлегува толку во филозофските длабочини како во неговите дела „Злосторство и казна“ и „Браќата Карамазови“, но се одликува со една неверојатно сочувство за своите ликови, што едноставно е невозможно да не приврзете за секој од нив и да не ја почувствувате нивната болка. Маестрално дело.

Вечниот маж

Издавачка куќа: ТРИ
Опис:
„Вечниот маж“ е помалку познат т.е популарен роман на Достоевски, но дефинитивно е четиво што треба да го прочитате. Приказната се врти околу Алексеј Иванович Вељчанинов, маж кој се ближи кон својата четириесетта година и во моментот кога се запознаваме со него е мрачен, избувлив и хипохондрик. Тој води некакви судски спорови е сосема обземен со тоа, но и ни се наговестува дека неговата совест е измачувана од неговите младешки гревови. Иако тој тоа не го смета за сериозно, очигледно е дека неговото минато го прогонува. Тоа дополнително се зголемува кога случајно на улица неколку пати загледува човек што му е очигледно познат, но не може да се сети од каде. И тоа го вознемирува и го прави многу пораздразлив. Еден ден на неговиот праг се појавува токму тој човек кој се претставува како Павел Павлович Трусоцки, на голем шок и големо изненадување на Вељчанинов, кој иако најпрво не го препознава човекот, веднаш сфаќа дека зборува со сопругот со чија сопруга тој имал љубовна афера пред речиси една деценија додека престојувал во нивното место.

Вељчанинов е шокиран и кога дознава дека таа починала и не може да утврди зошто Павел Павлович е тука. Дали тој е свесен за нивната врска и сега доаѓа за да се соочи со него или можеби сака нешто друго? Додека тие двајца танцуваат околу темата, ние гледаме како меѓу нив се создава еден чуден однос, каде Вељчанинов дури и со презир се однесува со Трусоцки, кој од друга страна постојано самиот се смалува, се однесува смотано и недостојно. Одличен роман на Достоевски каде се истражува динамиката на човековите односи, на оние што се чини дека се предодредени да бидат поразени и оние што природно имаат харизма и ги освојуваат луѓето и битката што се води меѓу луѓето за превласт. Од друга страна, она што многу ми се допадна во овој роман е тоа што сметам дека е најхумористичниот роман на Достоевски, полн со смешни и апсурдни ситуации.

Крокодил

Издавачка куќа: ГАВРОШ
Опис:
Искрено, пред да дознаам за македонското издание на оваа книга, јас воопшто немав слушнато за ова дело на Достоевски и се изненадив дека постои и веднаш решив дека морам да го прочитам. Се работи за книга од 80 страници и буквално ќе ја прочитате во еден здив. Доколку сте ги читале останатите дела на Достоевски, веднаш ќе сфатите дека е сосема различно од останатите, но е подеднакво маестрално и интересно. Ова е дефинитивно најхумористичниот роман на Достоевски, неколку пати се насмеав на глас. Се работи за една гротескна и сатирична приказна за еден службеник кој заедно со сопругата и пријателот оди во живо да види крокодил, кој е изложен и донесен од некои Германци. Тој оди таму и одеднаш – крокодилот го проголтува! Сите се во шок, настанува паника – и тогаш сфаќаат дека тој е жив во стомакот на крокодилот, но мора да се најде некакво решение за него. Она што следува се апсурдни ситуации и дискусии, кои се и денес многу релевантни, за економијата, службениците, дури и весниците.

На моменти можам да речам дека ме потсети малку и на делата на Кафка, целосно апсурдни, но во поголема слика критикуваат апсурден општествен систем во кој ние самите живееме. На пример, откако ќе биде проголтан од крокодилот, се бараат решенија, неговата сопруга вели дека треба да се распара утробата на крокодилот за да го извлечат неговиот сопруг, но тоа е неприфатливо за Германецот, кој е негов сопственик, затоа што ќе ја загуби соработката. Како што неколку пати иронично се наведува во делото „Економскиот принцип е над сѐ!“, бидејќи сепак тој крокодил е приватна сопственост и дополнително може повеќе да се заработи кога ќе се дознае дека има човек во крокодилот – што и денес е релевантна дискусија за тоа колку често профитот се става над човечкиот живот. Прекрасна книга, ме воодушеви и дефинитивно треба да биде на вашата листа за читање!

Бедни луѓе

Издавачка куќа: ТРИ
Опис:
„Бедни луѓе“ е првиот роман на Достоевски, во кој како централна тема ја истражува сиромаштијата како разорна сила која го уништува достоинството и среќата на луѓето. Напишана во форма на писмена преписка помеѓу Макар Девушкин и Варвара Алексеевна, ние ја откриваме природата на нивниот пријателски однос, особено Макар кој чувствува дека треба да ја заштити и да ѝ помогне на Варвара да излезе од бедните околности, но од друга страна ја гледаме и нежната грижа на Варвара за Макар, прекорувајќи го што не се грижи за себе и што троши пари на штетни нешта и алкохол.

Она што е интересно ние приказната ја дознаваме преку она што ликовите решаваат да откријат, па често ги пополнуваме празнините од заднина. На пример, Макар не ѝ кажува на Варвара дека и самиот тој е беден, дека нема пари за нова облека, дека оди распартален, нема пари да ја плати киријата и доцни, но потоа тоа го откриваме преку писмата на Варвара во кои го кара затоа што не ѝ ги кажува овие работи и кога и таа почнува да му дава пари нему бидејќи ѝ е жал за неговата безнадежна ситуација. Се работи за двајца луѓе во ужасни околности кои се чини дека никако не може да се ослободат од својата беда. Покрај тоа Варвара е во уште полоша ситуација бидејќи како што дознаваме од нејзиниот дневник, нејзиниот живот бил многу тежок особено откако останала без своите родители, оставена на милост и немилост на судбината кога го запознава Макар кој многу се приврзува за неа и се труди по секоја цена да ѝ помогне, но и самиот многу осиромашува. Книга за невидливите луѓе, кои живеат најтешко, а често се заборавени од историјата.

Коцкар

Издавачка куќа: ТРИ
Опис
: Овој роман е толку интензивен, силен и брз што ќе го прочитате во еден здив, речиси исто како што и Достоевски го напишал. Познато е дека коцкањето му било голем порок на Достоевски и го напишал овој роман за само 27 дена откако западнал во долгови и морал да ги исплати, па така настанала и оваа книга. Во неа Достоевски многу јасно и чисто ја опишува страста и манијата која произлегува од коцкањето и во какви бездни истото ги турка сите луѓе кои запаѓаат во тој вртлог. Во фокусот на приказната е Алексеј Иванович, млад човек кој служи како учител на децата на еден руски генерал кој е западнат во многу долгови. Генералот го гледа својот спас во наводното наследство кое треба да го добие од една стара тетка која сите чекаат да почине. Алексеј Иванович е заљубен во поќерката на генералот, Полина, која од друга страна се однесува чудно и дрско со него и на почетокот на книгата му дава одредена сума пари и го замолува да се коцка со тие пари во нејзино име.

Алексеј Иванович уште од самиот старт зборува за неговата опседнатост со рулетот и коцкањето, но не сака да се коцка во име на Полина, туку за себе, бидејќи не сака да е одговорен за нејзините пари. Дејството се случува во еден германски град, а големиот шок се случува кога старата тетка која сите чекаат да почине се појавува во Рулетенбург и оттука целото дејство зазема уште поголем интензитет. Неверојатно напишана книга, Достоевски неверојатно до детали навлегува во манијата предизвикана од коцкањето, од неразумноста и желбата брзо да се заработат пари, до неверојатните граници до каде таа манија може да оди и крајното уништување кое неизбежно го следи секој коцкар, но и упорната надеж дека ете „утре ќе се смени среќата“ и покрај рационалното знаење дека тоа нема да се случи. Неверојатна книга која секој треба да да ја прочита.

***

Доколку сакате да прочитате повеќе препораки и анализа на некои дела на Достоевски, прочитајте ги и следните текстови, иако доколку пребарате ќе најдете и повеќе, сега само ги издвоив оние што се специфично за одредена книга.

„Браќа Карамазови“

„Браќа Карамазови“: вечниот класик на Достоевски…

„Злосторство и казна“

Зошто треба да ја прочитате „Злосторство и казна“ од Фјодор Достоевски?

„Злосторство и казна“: Кратка анализа на едно од најпознатите дела на Достоевски!

„Записи од подземјето“

Книга на зимата: „Записи од подземјето“ од Фјодор Достоевски!

Класично актуелните „Записи од подземјето“ на Достоевски…

„Идиот“

Прекрасни мисли од „Идиот“ на Фјодор Достоевски!

„Бесови“

Книга на пролетта: „Бесови“ од Фјодор Достоевски!

„Бесови“ од Достоевски: Човекот е несреќен затоа што не знае дека е среќен!

„Бели ноќи“

Книга на пролетта: „Бели ноќи“ од Фјодор Достоевски!

А дополнително можете да прочитате осврти на „Идиот“ и „Неточка Незванова“ во препораките за декември 2024 година и јануари 2025 година од рубриката „Кафе и книги препорачува.

Leave a comment