Дали Силвија Плат секогаш ќе биде дефинирана од нејзината смрт?

Силвија Плат е една од најпознатите поетеси на 20 век, а се чини дека нејзината релевантност и способност да се поврзе со читателите дури и по децении од нејзината смрт, само се зголемува со текот на годините. Откако Силвија Плат почина во 1963 година, таа беше претворена во груб трагичен симбол. Иако таа инспирира сè повеќе биографии, дали некогаш ќе се доближиме до „вистинската“ Плат, прашува Лилијан Крофорд, во една одлична колумна и текст за BBC Culture. Во продолжение прочитајте ја одличната анализа.

(извор: BBC/Alamy)

Кога авторка умира од самоубиство, тоа ја дефинира. Од Вирџинија Вулф до Сара Кејн, сè што направила, сè што создала за време на својот живот станува дел од наратив за стремеж кон смрт. Кога машки автор умира предвреме, тоа е трагичен прекин во неговиот креативен опус – на пример, жалиме за поезијата што Дилан Томас никогаш не ја напишал откако починал на 39 години во 1953 година, различна од неговиот самоуништувачки начин на живот. Романите на Вулф и драмите на Кејн се прогласуваат за манифестации на ментална болест, додека поезијата на Томас е брилијантна и покрај, а не поради, неговиот алкохолизам и проблематичен живот.

Најистакната меѓу оние жени уметници кои станале дефинирани од своето самоубиство е американската поетеса и романсиерка Силвија Плат, која починала на 11 февруари 1963 година. Оттогаш, нејзиното име стана синоним за женска анксиозност. Нејзините дела претставуваат бунтовни, но депресивни млади жени, што се потврдува со нивното појавување во популарната култура – Кет во тинејџерската романтична комедија од 1999 година, „10 работи што ги мразам кај тебе“, држи примерок од „Стаклено ѕвоно“, како и Мејв во неодамнешната серија на Нетфликс „Сексуално образование“. Плат стана суров симбол на девојката аутсајдер која ги отфрла конвенционалните стандарди за женственоста за да го земе својот живот, а и смртта, во свои раце.

Ширењето на ова толкување има ефект да ги обезвредни женските читателски и критички пристапи кон Плат. Читањето на нејзиниот роман за созревање „Стакленото ѕвоно“, на пример, многумина го сметаат за девојачки обред на премин кон „посериозна“ литература – перцепција што често се одразува и во кориците дизајнирани во стил на книжевност за млади возрасни. Ова не е случај со наративите за машко созревање, од делата на Џ. Д. Селинџер до Дејвид Фостер Волас. Но вистината е дека Плат беше една од првите авторки што навлегоа во суровата реалност на тоа да се биде жена. Пред вториот бран на феминизмот и „Женската мистика“ на Бети Фридан, Плат пишуваше за своето незадоволство од потчинетата положба на жената, за нејзините сексуални пориви и за тоа како овие притисоци влијаат врз нејзиното ментално здравје.

Во исто време, „Стакленото ѕвоно“ и поезијата на Плат се дела на фикција. Тие се втемелени во животното искуство на Плат, како што мора да биде секоја книжевност, но, секако, не се директна автобиографија. Биографиите често ги наведуваат делата на Плат како доказ за настани од реалниот живот и, како што е случајот со „Горчливата слава“ на Ен Стивенсон, ги користат за да тврдат дека Плат отсекогаш била депресивна; Стивенсон завршува едно поглавје за нејзината младост со крајно несоодветната изјава: „Идејата за самоубиство се оформуваше во нејзиниот ум како крајна и неповратна смоква“, повикувајќи се на познатата метафора од „Стакленото ѕвоно“, каде што хероината Естер Гринвуд ги гледа сите свои потенцијални иднини како смокви на смоквино дрво. Слична предрасуда продолжува да ги погодува креативните жени, при што тие се отфрлаат како да ја користат уметноста како терапија. Проблемот со кој се соочуваме кај Плат е што митовите за нејзиниот живот и смрт го отежнуваат раздвојувањето на нејзината уметност од тоа, но и утврдувањето на тоа која, всушност, била „вистинската“ Силвија Плат.

Индустријата што се разви околу Плат

Сепак, желбата да се запознае Плат создаде една цела индустрија. Нова биографија што тврди дека фрла повеќе светлина врз нејзиниот живот отколку претходните, се појавува на книжарските полици со сè поголема редовност, вклучувајќи три значајни изданија само во изминатите 18 месеци. Една од овие книги, „Последните денови на Силвија Плат“ од Карл Ролисон, објавена во март 2020 година, се фокусира исклучиво на нејзиното самоубиство. Друга, „Попладниња со три мартини во Риц“ од Гејл Краутер, објавена во април, е двојна биографија за Плат и нејзината сограѓанка од Бостон, поетесата Ен Секстон, кои се запознале на семинар за писатели што го водел поетот Роберт Лоуел во 1959 година. Третата книга е обемната биографија на Хедер Кларк, „Црвената комета“, објавена минатиот октомври; таа, заедно со книгата на Краутер, е меѓу првите дела за Плат што целосно ги користат неодамна објавените, целосни и нескратени томови од нејзините писма, и намерно ја поткопува обратната хронологија насочена кон смртта, која се појавува во претходните обемни студии.

Иако овие книги можеби се обидуваат да ја разберат Плат од нова перспектива, нивната мисија, веројатно, станува сè потешка поради постојаниот прилив на критички и биографски дела подготвени да ги заменат, заедно со сè поголемиот обем на објавен материјал од нејзината архива. Постои дури и биографија за нејзините биографии: во 1994 година, познатата писателка за „Њујоркер“, Џенет Малколм, која почина минатиот месец, ја објави „Тивката жена“, студија за книгите за Плат (вклучувајќи ја и контроверзната „Горчлива слава“ на Стивенсон), која се обидува да ги разгледа силите на влијание што ја одредуваат природата на биографското пишување.

Кога ја подготвувала својата книга, Малколм стапила во контакт со Олвин Хјуз, сестрата на сопругот на Плат, поетот Тед Хјуз, и книжевниот извршител на нејзиниот имот, барајќи интервју со Тед за да го надополни своето истражување. Како одговор добила била долга, непоттикната критика на „митот за Силвија Плат“, нешто за што Олвин верувала дека е поттикнато од комбинација од самата Плат и мајката на Плат, Аурелија, која, според тврдењето на Олвин, се „срамела од менталната болест“ и била решена да се памети само „најдобрата страна“ од нејзината ќерка. Олвин понатаму изјавила дека била ужасната од недостатокот на „човечко чувство“ што писателите и јавноста го покажувале кон семејството на Плат и дека како резултат на тоа „целосно [го] променила својот став кон луѓето“. Сепак, она што Малколм го постигнала со „Тивката жена“ било да нè потсети дека Плат не била мит, туку жена која живеела и дишела исто како и ние. Вклучувајќи се самата себеси во приказната за да размисли за сопствената улога во постхумното наративно обликување на Силвија Плат – наместо да постапува под изговор на објективност – Малколм ја напишала најчовечната книга за поетесата досега.

Критиката на Олвин кон Аурелија Плат била најјасно насочена кон нејзиното уредување и објавување на „Писма за дома“ на Силвија. Оваа збирка, објавена во 1975 година, ги собрала писмата што Силвија Плат ѝ ги испраќала на својата мајка, од времето кога студирала на колеџот Смит во раните 50 години на 20 век до крајот на нејзиниот живот во 1963 година. Како што вели Џенет Малколм во „Тивката жена“, Олвин ја гледала „Писма за дома“ како одговор на „ударите што [Аурелија] ги трпела“ поради нејзиниот фикционализиран приказ во „Стакленото ѕвоно“ како мајката на Естер, како и во неколку песни, вклучувајќи ги „Медуза“ и „Вознемирените музи“. Во 1971 година, Аурелија му пишала на американскиот издавач на „Стакленото ѕвоно“ и го замолила Тед да не ја објавува книгата, жалејќи се дека, со нејзиното едвај прикриено прикажување на неа како несимпатичен строг надзорник, „кога оваа книга стои сама за себе, таа претставува најниска неблагодарност“. Наспроти тоа, изборот на нежни и грижливи писма од „Сиви“ имал цел да покаже дека меѓу нив постоела длабока врска меѓу мајка и ќерка. Аурелија се надевала дека писмата ќе ги објави во два тома наместо во еден, но поради ограничувањата наметнати од издавачот, ја скратила својата збирка.

Дури во 2017-2018 година биле објавени нескратените писма, уредени од Питер К. Стајнберг и Карен В. Кукил. Оваа збирка ги прикажува различните писмени гласови со кои Плат комуницирала со пријателите, љубовниците и семејството, откривајќи посложена и почовечна писателка од еднодимензионалната ќерка создадена во „Писма за дома“. За разлика од претходната збирка, овие томови се претставени и без измени во оригиналниот јазик, како и без личен вовед од Аурелија или каков било дополнителен нејзин коментар. Заедно со нескратените дневници на Плат, претходно објавени од „Фабер и Фабер“ во 2000 година со дозвола од Тед Хјуз, овие писма ја претставуваат Плат онака како што таа избрала да биде видена, иако без намера тие да бидат достапни за читателската јавност.

Според Малколм во „Тивката жена“, токму по објавувањето на „Писма за дома“ „легендата се прошири, за да стане огромен, разгранет филмски роман снимен на сетови со најсовршен и најдетално разработен реализам“. Тие филмски сцени станаа буквална реалност со продукцијата на биографскиот филм „Силвија“ од 2003 година, во кој глуми Гвинет Палтроу. Ќерката на Плат, Фрида Хјуз, напишала песна во која го критикува филмот; неговата цел била да ги забавува „јадачите на кикирики“, како што рече таа, алудирајќи на песната на нејзината мајка „Леди Лазарус“ во која таа ја опишува „публиката што грицка кикирики“ која доаѓа да „ми ги одвитка рацете и нозете – / големиот стриптиз“.

(извор: BBC/Alamy)

Дали новите биографии за Плат фрлаат нова светлина врз неа?

Со оглед на проблемите со кои се соочувале биографите во обидот да добијат јасна слика за Плат, вреди да се постави прашањето околу тоа што можат да понудат новите книги за нејзиниот живот. Со оглед на широко распространетата природа за митологијата на Плат, може да биде тешко да се разликуваат книгите што се обидуваат да профитираат од откривањето морбидни детали за нејзината смрт, од оние што настојуваат повторно да го насочат јавниот фокус кон важноста на нејзиното творештво. Книгата на Ролисон, „Последните денови на Силвија Плат“, веќе во самиот наслов покажува дека припаѓа на првата група, ветувајќи невидени детали за настаните што довеле до нејзиното самоубиство. Тоа е вид книга што феминистичките авторки како Малколм ја осудуваат бидејќи го сведува животот и карактерот на Плат на најлошиот период од нејзината депресија. Сè додека опстојува ваквиот редукционистички пристап, ќе има потреба научниците и истражувачите да му се спротивставуваат преку други пристапи.

Краутер, чии претходни дела за Плат, вклучувајќи ги книгите „Прогонетиот читател“ (2017) и „Овие сенишни архиви“ (2017), се фокусираат на тоа како таа се разбира денес, вели дека првпат се сретнала со Плат кога имала 13 години, кога во училишната библиотека ја прочитала нејзината песна „Огледало“ од 1961 година. На прашањето зошто го насочила своето истражување токму кон Плат, Краутер се повикува на тврдењето на Елизабет Бовен дека темите ги наоѓаат своите истражувачи, а не обратно. Особено, таа за BBC Culture изјавува дека почувствувала неправда во начинот на кој некои биографи ја претставувале Плат како „некаква ‘осудена фигура’“ преку „мрзливи и неточни стереотипи“. Во сопствената работа се обидела да се спротивстави на тоа, покажувајќи дека „животното искуство на Плат како жена било клучно за нејзиното пишување“ и анализирајќи ја привлечноста што таа и денес ја има.

Третата и најнова книга на Краутер за Плат, „Три попладниња со мартини во Риц“ се фокусира на познанството на Плат со поетесата Секстон, за да покаже како нивната средба можеби влијаела врз нивното творештво. Самата Секстон ја поттикна платовската митологија со својата посмртна песна од 1963 година, „Смртта на Силвија“, во која ја нарекува својата пријателка „Крадец!“ затоа што „влегла во смртта што јас толку очајно ја посакував“. И таа се самоуби во 1974 година кога имаше само 45 години, факт што поттикнал тогашни споредби со Плат. Сепак, Секстон е посложена и попроблематичена тема. Во раните 90 години на 20 век, нејзината ќерка Линда Греј Секстон открила дека мајка ѝ сексуално ја злоупотребувала – во контраст со посреќниот однос што Фрида Хјуз го имала со Плат.

Ако е важно да се истакне индивидуалноста на овие жени, тогаш оваа двојна биографија страда од наметнатите сличности – на пример, Краутер постојано ја романтизира сликата на изгореници од цигари на нивните ракописи, без да спомене дека Секстон била доживотен страстен пушач, додека Плат не допрела цигара сè до разделбата со Тед Хјуз во 1962 година. Се користи нејасен јазик за да се создадат повеќе сличности меѓу поетесите отколку што навистина постоеле, игнорирајќи ги контрастите меѓу уредноста на Плат и лежерниот изглед на Секстон. Оваа суштинска разлика постои и во нивната поезија, иако книгата не се впушта во книжевна анализа. При читањето на нивните песни, само Секстон пишува експлицитно за менструацијата и мастурбацијата, додека Плат ги истражува темите на женскиот идентитет и мајчинството преку призми на литературата и митологијата. Плат претпочитала метафора и алузија; Секстон ги кажувала работите онакви какви што се.

Освен нејзините сопствени книги, Краутер се надева дека се доближуваме до поцелосно и послоевито позиционирање на Плат во културната имагинација. Таа вели дека објавувањето на нескратените писма, особено, „ја пренасочи перспективата за да ни овозможи да ја цениме многугласноста што ја користела во својата кореспонденција“, наместо само „Сиви“ што ѝ пишувала на својата мајка. Преку овие нови збирки, „ги слушаме гласовите со кои им пишувала на пријателите, љубовниците, колегите, како и во деловната преписка, а сето тоа ни дава многу поцелосна слика за нејзиниот хумор, нејзините страсти, нејзината ефикасност и нејзината вештина во управувањето со сопственото пишување“. Дополнително, вели Краутер, тоа што овие различни гласови ни се достапни покажува „како таа непречено се движела меѓу овие личности, преминувајќи од личното кон професионалното“, како и нејзиниот извонреден емоционален распон. Можеби, сепак, огромниот број „верзии“ на Силвија Плат само дополнително нè спречува да утврдиме колку од нив биле навистина автентични.

Најобемната биографија за Плат досега е „Црвената комета“ на Кларк. Запрашана за своите цели при пишувањето на оваа книга, Кларк за BBC Culture вели дека сакала да покаже дека „речиси постојаната тема кај Плат не е депресијата, туку светата потрага да стане писателка“. Нејзиниот интерес за Плат започнал додека работела на докторската дисертација на Универзитетот Оксфорд за северноирски поети. Претходно, таа „паднала во замката на редукционистичката идеја дека Плат е олицетворение на темнината и пропаста“, како резултат на доминантниот медиумски приказ на Плат. Сепак, читајќи ги нејзините дела за еден курс што го предавала, Кларк сфатила дека Плат била „исклучително софистицирана, духовита и, да, смешна“, што кај неа предизвикало желба да ја побие „сексистичката мрежа од лаги“ што ѝ се продавала.

Книгата што произлегла од тоа е најблиску до исцрпна биографија за животот и делото на Плат од кој било досегашен автор. Кларк исто така ја разгледува врската што Плат ја имала со Секстон, разјаснувајќи ги нивните разлики и поголемото значење што Плат го имала за Секстон отколку обратно. Впечатокот што го остава книгата е за богат и сложен живот, далеку над она што било прикажано во многу пократките дела што ѝ претходеле. Повремено, таа прави навестувања за судбината на Плат кои одат во насока на предзнаци, вклучително и поетски украси за „спуштањето на стакленото ѕвоно“, што ја намалува автентичноста кон која инаку се стреми. Интересно е што дури и во овие книги, кои се толку свесни за опасното влијание на шпекулациите и митологизирањето врз перцепцијата за Плат, понекогаш се лизгаат во истиот тој правец.

Сепак, Кларк е оптимистка дека научните истражувања за Плат се развиваат на збогатувачки начини. Избегнувајќи го традиционалниот феминистички фокус на Плат како авторка пред своето време, што доминираше во неодамнешниот академски дискурс, нејзините докторанти го гледаат творештвото на Плат од транснационални перспективи и перспективи за лица со попреченост. Овие агли се важни, пак, за разгледување на влијанието што патувањата на Плат и дисонанцата на идентитетот што ја чувствувала како Американка во Англија, го имале врз нејзиното пишување; и за разгледување на тоа како менталната болест на Плат се одразила во нејзиниот живот и дело, а истовремено се зема предвид и срамот што бил поврзан со тоа во ерата кога менталното здравје било помалку разбрано отколку што е денес.

Овие нови пристапи продолжуваат да имаат повеќе изворни материјали достапни како што се шири архивата на Плат. Покрај објавувањето на писмата, Кукил, која е кустос на архивата на Плат на колеџот Смит во САД, сега работи со Аманда Голден, вонреден професор по англиски јазик на Технолошкиот институт во Њујорк, на проширено и корегирано издание на „Собраните песни“, претходно уредени од Тед Хјуз, кое ќе биде објавено од „Фабер и Фабер“. Исто така е можно еден ден да се појави нецелосниот ракопис за изгубениот роман на Плат, „Двоен пресек“, и уште две други списанија.

Овие нови пристапи продолжуваат да располагаат со сè повеќе изворни материјали, како што се проширува архивата на Плат. Покрај објавувањето на писмата, Кукил, која е куратор на архивата на Плат на колеџот Смит во САД, сега работи со Аманда Голден, вонредна професорка по англиски јазик на Технолошкиот институт во Њујорк, на проширено и коригирано издание на „Собраните песни“, претходно уредено од Тед Хјуз, кое ќе го објави издавачката куќа „Фабер и Фабер“. Исто така е можно дека недовршениот ракопис од изгубениот роман на Плат, „Двоен пресек“, како и уште два дневника, еден ден ќе излезат на виделина.

Што и да се појави понатаму, сепак, Плат најверојатно ќе остане поголема загатка од повеќето културни икони – делумно поради нејзината прерана смрт, што значи дека никогаш не доби можност да ја раскаже својата приказна според сопствени услови. А делумно, како што станува сè поочигледно, поради мноштвото ликови што Плат можела да ги усвои во различни средини и со различни луѓе, што го отежнува утврдувањето кога била искрена, а кога пишувала со иронична насмевка. Можеби ќе продолжиме да мислиме дека добиваме појасна претстава за тоа која била таа, но „вистинската“ Силвија Плат ќе остане недофатлива.

Извор: BBC Culture.

Leave a comment