Објавени добитниците на наградите на Друштвото на писателите на Македонија за 2025 година!

Друштвото на писателите на Македонија вчера на прес-конференција ги објави добитниците на традиционалните годишни награди на ДПМ за 2025 година.

Како што беше објавено, оваа година наградите од традиционалните категории отидоа во рацете на:

~ Романот „Три Марии“ од Оливера Ќорвезироска („Арс Ламина), кој ја доби наградата „Стале Попов“ на ДПМ за најдобра прозна книга.

~ Kнигата „Вообразби (лирски етиди за некој друг свет)“ од Бранко Цветкоски („Макавеј“), која ја доби наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка.

~ Kнигата „Илина и тајните на Бабин Заб“ од Хана Корнети („Или-Или“) ја доби наградата „Ванчо Николески“, за најдобра книга за деца и млади.

~ Kнижевно-критичкото дело „Книжевни созвучја и огледала“ од Елизабета Шелева („Сивејан“) се закити со наградата „Димитар Митрев“ за најдобра книга критика или есеистика.

~ Збирката песни „Инфинитивна поука“ од Ахмет Селмани („Академска книга“) ја доби наградата „Мост“ на ДПМ, за најдобра книга на јазик што го зборуваат членови на заедниците во Македонија.

(извор: Официјалната страница на Друштвото на писателите на Македонија на соц. мрежа Фејсбук)

Како што се наведува во соопштението на Друштвото на писателите на Македонија, објавено на нивната веб-страница, прес-конференцијата беше отворена од претседателот на ДПМ, Живко Грозданоски, кој дополнително го објасни процесот на утврдување на победниците, посочувајќи дека „Управниот одбор на ДПМ на својата седница на 25 декември со анонимно гласање ги избрал потенцијалните членови на жири-комисиите, по што следело нивно контактирање. Вкупно пет потенцијални првоизбрани членови на жири-комисиите не ја прифатиле дадената задача, поради што биле кооптирани следните првоизбрани членови. За споредба, лани биле кооптирани 12 членови“ и додаде дека „по објавувањето на делата што влегле во полуфиналниот (27.1.2026 г.) и во финалниот (3.2.2026 г.) круг, членовите на петте жири-комисии се состанале“ и ги утврдиле добитниците.

Според претседателот Живко Грозданоски, многу е важно тоа што „бројот на пријавени дела на конкурсот расте: минатата година имало вкупно 46 конкуренти за петте награди, а оваа година се 53“ и нагласил дека за ДПМ особено значење има наградата „Мост“ која по повеќегодишна пауза, веќе две години по ред повторно се доделува, а Делвина Крлуку, претседателката на жири-комисијата за наградата „Мост“, укажала дека „потребно е да се изнајде начин Министерството за култура секоја година да го поддржува преводот на македонски и објавувањето на книгите добитници на оваа награда.“

Како што соопштуваат од ДПМ, врачувањето на наградите ќе биде во петок, 13 февруари 2026 г., денот на кој Друштвото на писателите на Македонија ќе одбележи 79 години од основањето.

За повеќе информации околу самиот избор и комисиите, прочитајте го целосното соопштение за јавност на Друштвото на писателите на Македонија.

Leave a comment