Во 1980 година аргентинскиот писател Хулио Кортасар одржа серија од осум предавања на Одделот за шпански и португалски јазик на Универзитетот Беркли. Да се донесе во Беркли не било лесно. Во 1969 година тој ја одбил поканата на Универзитетот Колумбија да биде гостин-професор, со образложение дека тоа претставува „одлив на мозоци“ од Аргентина, и јасно ставил до знаење дека е силно против „империјалистичката политика“ на Соединетите Американски Држави. Во 70. години на 20 век, неговиот антиамерикански став почнал малку да омекнува и тој започнал да прави кратки патувања во земјата. Сепак, неговиот скептицизам останал, а поканата во Беркли конечно ја прифатил главно поради пријателството со Пепе Дуранд, професорот кој го поканил.

(фотографија од Хулио Кортасар на „Беркли“/извор: Sounds and Colours)
Предавањата на Кортасар – транскрибирани и објавени на шпански јазик оваа година под името „Часови по книжевност“ („Clases de Literatura“) се фасцинантно четиво – и поради нивната содржина и поради светлината што ја фрлаат врз авторот. Универзитетското предавање обично е некаков подготвен настап, ограничено изложување на одредени теми осмислено да обработи дадена листа на прашања. Универзитетските професори сведочат колку подготовка бараат таквите предавања и колку е тешко материјалот да се вклопи во временските ограничувања. Тие најчесто работат според однапред подготвени планови, така што, без разлика дали темата е словенска монархија или астрофизика, предавачот може јасно да ги пренесе своите ставови на публиката која внимателно запишува.
Но Кортасар не беше само писател, туку писател кој самиот јазик го сметаше за простор на револуција, поминувајќи го животот борејќи се со синтаксите и структурите што нè принудуваат да мислиме на однапред зададени начини. Предавањата на Кортасар беа лични размислувања за неговиот живот и дело, како и покани до оние околу него да ги преиспитуваат сопствените животи.
Гласот на Кортасар
„Мора да знаете дека ги импровизирам овие курсеви непосредно пред да пристигнете: не сум систематичен, не сум ниту критичар ниту теоретичар, па затоа барам решенија како што се појавуваат проблемите,“ им рече Кортасар на студентите на првата средба.
Од самиот почеток се обидуваше да изгради флуидна динамика со студентите, гледајќи ги како соборци во разрешувањето на егзистенцијалните прашања. Студентите станувале сè поопуштени како што течеле часовите, оставајќи му писма, обраќајќи му се на поблискиот начин со „ти“, па дури и носејќи му подароци, како музички касети и фигура од еднорог – фантастично суштество за кое еднаш спомнал дека го сака. Кортасар одговарал на нивните бројни прашања добронамерно, искрено и со малку раздразлива духовитост – како кога еден студент го прашал зошто не зборувал за Луис Буњуел, а тој одговорил: „Види, списокот на луѓе за кои не сум зборувал би личел на телефонскиот именик на Оукланд.“
Читајќи ги предавањата, човек мора да си замисли како неговиот глас ги изнесува. Кортасар е глас кој, откако ќе го чуете, не може лесно да го заборавите; тој зборува јасно во маничен и интелигентен монолог, исто како што пишува, и тоа го прави со шпански акцент кој иако препознатливо аргентински – самоуверен, дури и малку сенторичен, со постојана надолу насочена каденца – ги нема неговите „р“. Кортасар е роден во Белгија, а францускиот технички му бил мајчин јазик; тој се преселил во Аргентина кога имал пет години, а потоа се вратил во Франција во времето на Перон, кога имал 37 години. Тој живеел таму до крајот на својот живот, на крајот добивајќи француско државјанство. И сепак, се навредувал ако некој му сугерирал дека не е вистински Аргентинец или Латиноамериканец, или дека неговата проза била на кој било начин обликувана од францускиот јазик.
Со тој свој препознатлив глас, Кортасар често давал полемички изјави. Во едно познато видео, тој нагласено тврди дека таканаречениот „Латиноамерикански бум“ нема вистинска основа – дека се засновал на случајноста повеќе книги да бидат објавени во исто време од Гарсија Маркес, Фуентес, Варгас Љоса и самиот тој, и дека не бил ништо повеќе од маркетиншка ознака. Во англофонскиот свет оваа ознака сè уште има силно влијание и често се применува на неговиот најпознат роман „Куцкамен“, за потрагата на еден Аргентинец во Франција по жената што ја сака.
Составен од монолози, филозофски фрагменти, совети за редоследот на читање на поглавјата и апсурдни дијалози – како на пример како да се растегне даска меѓу две згради – „Куцкамен“ е книга во која заплетот е спореден; таа е силно инспирирана од францускиот егзистенцијализам од шеесеттите години и пред сè се занимава со тоа што значи да се доведат во прашање сите општествени дадености, дури и сопствениот јазик. Дури и денес, Кортасар често се чита како алтернатива на уредните метафизички конструкции на Борхес, со проза исполнета со жаргон и долги сложени реченици, која се шири нанадвор наместо навнатре, избегнувајќи стилски клишеа и ригидни програмски структури колку што е можно.
Градење личен мит
Затоа е толку изненадувачки што уште на првиот час Кортасар предложил мошне систематичен модел за разбирање на сопствениот писателски развој. Рекол дека поминал низ три јасно определени фази: првата „естетска“, втората „метафизичка“ и третата „историска“. Првата фаза, според него, била речиси несвесна: „Припаѓам на генерација Аргентинци што речиси целосно произлезе од средната класа на Буенос Аирес, главниот град на земјата; општествена класа која, преку образование, потекло и лична склоност, уште од многу рана возраст се посвети на книжевната дејност.“ Тој и неговите пријатели ги поминувале деновите по кафулиња, читајќи и разговарајќи за дела и на кастилски и на други јазици како француски и италијански, заинтересирани за стилот на изразување. Читал и вести, но тоа го сметал за активност сосема одвоена од книжевноста.
Кога се преселил во Париз во триесеттите години од животот, влегол во втората фаза.За време на „големата осаменост“ во која живеел таму, почнал да се интересира за психолошкиот Друг и да користи психолошки механизми во своите раскази и романи за „да напредува на таа територија – која на крајот е најфасцинантна во книжевноста“. И „Наградите“ и „Куцкамен“ биле напишани во тој период на интензивна лична вознемиреност и интерес и за сопствениот ум и за умот на другите.
Третата фаза се случила во 1961 година, кога Кортасар отпатувал два месеци во Куба како дел од меѓународна истрага за политичките услови. Кога се вратил во Париз, „со еден вид ненадејно откритие – а зборот не е преувеличен – почувствував дека не сум само Аргентинец: бев Латиноамериканец“. Одеднаш почувствувал одговорност да пишува за и во име на другите латиноамерикански нации, не само за себе, не само за Аргентина.
Третата фаза се случила во 1961 година, кога Кортасар престојувал два месеца во Куба како дел од меѓународна истрага за политичките услови. Кога се вратил во Париз, „со еден вид нагло откровение – а зборот не е претерување – почувствував дека не сум само Аргентинец: јас сум Латиноамериканец“. Одеднаш почувствувал одговорност да пишува за и во име на другите латиноамерикански нации, не само за себе, не само за Аргентина.
Преиспитување на сите наративи
Но оваа шема треба да се земе со голема резерва. Како што самиот појаснил, Кортасар бил прилично скептичен кон шематските описи и претерано одредените толкувања на намерата што се наметнуваат однадвор – дури и од неговото сопствено идно јас. Тешко е во неговото творештво да се забележат вакви јасни поделби; можеби ова ретроспективно објаснување е исто толку убедливо колку и секој обид да се објаснат моменталните интуиции што го навеле да пишува онака како што пишувал. Неговата „теорија на фази“ во никој случај не е единственото можно толкување на неговото творештво.
Идејата за повеќекратни можни читања на неговиот живот, создадени во различни периоди и подеднакво валидни, веројатно воопшто не би го вознемирила Кортасар. Прифаќањето на повеќе реалности и толкувања во голема мера лежи во основата на она што го зборувал за „фантастичното“. Уште како дете бил опседнат со фантастичниот жанр и претпоставувал дека сите други се исто така; дури кога се обидел на еден свој пријател да му позајми примерок од роман наХ. Џ. Велс – кој го вратил без да го прочита, велејќи дека не е веродостоен – почнал сериозно да се прашува зошто сите околу него се заинтересирани само за „реалистички“ книги, што често било код за здодевни, депресивни приказни или ситуации што не дозволуваат толкување и ништо неочекувано. За Кортасар, вклучувањето на фантастичното било „подеднакво прифатливо, можно и реално како фактот да се јаде супа во осум часот навечер“; тој прифаќал „поширока, пореална, поразгранета реалност во која сè може да влезе“, реалност што била „пореална од онаа на реалистите“.
Зборувал и за важноста на музиката – додека растел, Кортасар сакал да стане музичар и велел дека прозата што сака да ја пишува и чита има јасно изразен ритам. „Зборувам за проза измешана и заснована врз низа латенции, пулсации, кои речиси никогаш не произлегуваат од разумот и кои го тераат писателот да го организира својот дискурс и синтакса на начин што, покрај пренесувањето на пораката на прозата, пренесува и низа атмосфери, еманации, содржина што нема врска со самата порака, но ја збогатува, ја проширува и често ја продлабочува.“ Токму тој ритам го прави преведувањето на Кортасар толку тешко – зборовите можат да бидат точни, но „пулсациите“ тешко се обновуваат. Тие се основата на неговиот книжевен хумор; тие се и она што ги прави стандардните техники на редактирање потенцијално штетни. На едно од предавањата зборувал за лектор од Мадрид кој додал 36 запирки на една негова страница, што технички било правилно, но ја претворило прозата во нешто статично, телеграфско.
Ова истражување на други реалности, времиња и ритми го довело Кортасар до разговорот за „Куцкамен“, книга што ја нарекол „книга со прашања која постојано прашува зошто нешто е вака, а не поинаку, зошто луѓето прифаќаат нешто да биде дадено во оваа форма кога би можело да биде дадено во друга“. Младите читатели биле особено приемчиви, идентификувајќи се со протагонистот: „Орасио Оливеира е човек кој го става под преиспитување сè што гледа, сè што слуша, сè што чита, сè што прима, затоа што му се чини дека нема причина да ги прифаќа наследените идеи и кодифицираните структури без најпрво да ги пропушти низ сопствениот начин на гледање на светот, а потоа да ги прифати или одбие.“ Стравот на Оливеира бил дека „наместо да биде некој што мисли и критикува, јазикот ќе мисли наместо него и ќе му наметнува стереотипни формули, формули што ги гледаме кога секое утро го отвораме весникот.“
Кога го пишувал „Куцкамен“, Кортасар сакал револуција што ќе овозможи бегство од „затворот на јазикот“, од синтаксите што нè принудуваат да кажуваме одредени работи. Филозофијата на таа книга, ако воопшто постои, е дека треба постојано да се поткопува она што изгледа сигурно. „Откако еднаш ќе се негира нешто, можно е да се продолжи синџир на негирања“, им рекол Кортасар на своите студенти; рекол дека се гледа себеси како „анти-Томас Ман“, кој наместо да предлага и да се обидува да одговори на филозофски прашања во своите дела, едноставно отвора сомнежи, доверувајќи им се на „соучесничките читатели“ да ги разработуваат заедно со него.
Политичка свест
Кортасар продолжил да зборува за тешкотијата да се напише каков било политички роман, затоа што „ако историскиот елемент се наметне врз книжевниот, книжевноста губи, и обратно“. Техниката што ја избрал во „Книгата на Мануел“ и во други дела била да вклучува вистински написи исечени од весници, додека самата приказна ја задржува целосно имагинарна и ја зачувува нејзината смисла за хумор „дури и кога хуморот е црн“. За него било важно да продолжи да развива имагинативна, интроспективна проза дури и во политички турбулентни периоди: „Ако револуцијата не се направи одвнатре кон надвор, може да се направи однадвор кон внатре, со лоши резултати – револуцијата нема да биде добра ако ја водат само стари луѓе кои задржуваат застарени механизми без силата на нов јазик, мисла и израз.“
Во 1980 година, кога Кортасар ги одржувал предавањата, Националниот процес на реорганизација бил во полн ек. Тој и многу други писатели, уметници и интелектуалци биле во прогонство, што кај него предизвикувало мешани чувства за тоа како најдобро да ги извршува своите обврски. За политички „ангажираните“ интелектуалци во други земји, продолжувањето да пишува фантастична литература во време на криза – наместо памфлети или документарен материјал – можело да изгледа неразбирливо; за Кортасар, сепак, оваа посветеност на книжевноста не била само доказ дека човечката душа може да преживее без разлика на околностите, туку и форма на отпор. Во суштина, неговите „три фази“ се спојувале во една, во која личното е политичко, во „реалност која има потреба од убавина исто колку што има потреба од вистина и правда“.
Hasta Siempre, Amigos
При крајот на последното предавање, кога Кортасар рекол дека мора да замине, „hasta siempre, amigos“ бил поздравот со кој се простил, позајмен од Че. Но пред тоа им дозволил на студентите да го прашаат што сакаат, одговарајќи, како и секогаш, од лично искуство и често нагласувајќи дека не знае или дека само изнесува мислење. Енергијата што се чувствувала од перспектива на студентите е очигледна – ова бил вистински писател кој зборувал за интуиција, неизвесност, младост, еротика и книжевност без тежок апарат од цитати и фусноти.
За време на последното предавање, како одговор на пофалбата од еден студент, Кортасар го понудил следниов одговор:
„Ти благодарам што го кажа тоа. Би сакал овој контакт што ви го донесов тука, надвор од секоја академска ученост, многу често да се повторува на овој Оддел, затоа што, без никаква лажна скромност, мислам дека писателот може да го пренесе своето лично искуство и со виталност и интуиција да создаде врска која не доаѓа посредно преку критичар. Најерудираниот и академски најпрецизниот критицизам може да понуди многу добри и вредни информации, но му недостасува тој подиректен и поличен контакт.“
Набргу потоа, дивобрадиот и книжевно ексцентричен Кортасар заминал да го фати бродот во Оукленд – неговите куфери и сопругата Керол веќе биле на бродот, подготвени за враќање во Франција. И со вознемирувачка брзина, овој посетител од друг свет исчезнал, оставајќи ги своите студенти да размислуваат за она што им го кажал.
Во продолжение прочитајте и извадок од „Час по литература“, збирка од осум предавања што Хулио Кортасар ги одржал на „Беркли“ во 1980 година, пренесувајќи ги зборовите и предавањето на Кортасар, кое содржи и еден негов расказ.
Сите сме точни до степен што знае да биде иритирачки; точно е два часот. Не сум сигурен, но мислам дека обичајот е да се започне малку подоцна во случај некој да доцни, па можеме да почекаме уште малку.
За почеток, би сакал да зборувам за нешто што навистина ме воодушеви овде. Во текот на целиов период во кој бевме во контакт, покрај разговорите еден на еден со многумина од вас и неколку случајни средби, добив и повеќе писма, од кои некои содржат прашања; други изразуваат гледиште за нешто што можеби сум го кажал овде. Тоа е многу трогателно, и сакам јавно да ја изразам мојата благодарност, затоа што тоа е знак на доверба во мене и пред сè, знак на пријателство. Секое од тие писма има своја цел, покажува некаква насока или понекогаш поставува прашања за неа. Не сакам да го игнорирам ова, затоа што ми изгледа како непосредно продолжение на она што се случува овде меѓу нас еднаш неделно, кое потоа продолжува и на други нивоа. За мене тоа е многу убаво, а во секој случај и многу корисно, затоа што ми овозможува да ѕирнам во некои од вашите лични светови и поцелосно да го живеам и почувствувам она за кое сум дошол овде да го кажам.
Во некои од писмата има и критики, а можеби токму тие се најдобрите. Би сакал да разјаснам една работа што беше повод за една многу пријателска и учтива критика што ја добив во писмо од некого. Стануваше збор за нешто што го реков за фантазијата и имагинацијата како одговор на едно прашање. Се чини дека не одговорив со доволно опширно, а веројатно ни со доволна јасност. Лицето што ми го напиша писмото сметало дека сум склон да ги гледам фантазијата и имагинацијата на писателот како нешто донекаде споредно, како додаток. Имам впечаток дека оние од вас што ги слушале сите мои претходни предавања мора да мислат – како што мислам и јас – дека е токму спротивното. Верувам дека најосновното оружје на писателот на фикција не е неговата тема, дури ниту начинот на кој пишува за неа, без оглед на тоа дали е подобро или полошо, туку таа способност, тој начин на постоење што ја одредува неговата посветеност кон фикцијата наместо, да речеме, кон хемијата; тоа е основниот, доминантен елемент во секоја книжевност низ историјата на човештвото.
Го користам зборот „фантазија“ како општ поим; во рамките на фантазијата можеме да вклучиме сè што е имагинарно, фантастично, и за тоа многу разговаравме за време на овие средби… Не мислам дека треба дополнително да го разработувам тоа, сите многу добро знаете колку е важно, не само за она што сум го напишал, туку и за она што лично го претпочитам во книжевноста. Она што сакав да го кажам, и можеби токму тоа е причината за недоразбирањето, и што сега ќе го повторам, можеби појасно, е дека во ова време, пред сè, а особено во Латинска Америка со оглед на сегашните околности, никогаш не прифаќам вид фантазија, вид фикција или имагинација што се врти околу самата себе и само околу себе, каде што се чувствува дека писателот создава дело составено единствено од фантазија и имагинација, дело што намерно бега од реалноста што го опкружува и со која се соочува и која од него бара да се ангажира со неа, да води дијалог со неа во своите книги. Фантазијата – фантастиката п имагинацијата што толку многу ја сакам и што сум ја користел за да се обидам да го изградам сопственото дело – е сè што помага појасно и помоќно да се разоткрие реалноста што нè опкружува. Тоа го реков на почетокот и го повторувам сега, кога го напуштаме подрачјето на фантастичното и навлегуваме во реализмот, или во она што се нарекува реализам. Сега разјаснив нешто што мислам дека е важно, затоа што никогаш не би ми паднало на ум да ја намалам важноста на сè што е фантазија за еден писател, бидејќи и понатаму верувам дека тоа е најмоќното оружје на писателот, она што на крај отвора врати кон многу побогата и често поубава реалност.
Напишав неколку раскази во кои мислам дека ова е прикажано и совршено илустрирано, раскази како „Јужниот автопат“. Има и други што би можел да ги спомнам, кои содржат необични елементи без вредност сами по себе, без самостојно значење, но тие се сигнали, насоки што се користат за да се засили чувството за реалноста на дејството, на заплетот. Поради ова, би сакал да посветиме малку време на еден од тие раскази, кој го напишав пред околу шест години и се вика „Апокалипса во Солентинаме“. Тој е еден од најреалистичните кратки раскази што може да се замислат, затоа што е речиси целосно заснован врз нешто што сум го доживеал, нешто што ми се случило и што се обидов да го напишам со што е можно поголема верност и јасност. На крајот од тој расказ се појавува еден целосно фантастичен елемент, но тоа не е бегство од реалноста; напротив, тоа е малку како доведување на работите до нивните крајни последици, за она што сакам да го изразам на начин што посилно ќе допре до читателите, а тоа е една латиноамериканска визија за нашето време, за да експлодира пред нив и да ги натера да се почувствуваат вклучени и присутни во приказната.
Бидејќи не е многу долг, решив да го прочитам, затоа што мислам дека тоа е повредно од какво било надворешно објаснување што би можел да го дадам. Сакам да разјаснам една или две работи од техничка природа пред да го прочитам, за да се избегнат можни недоразбирања. Како што знаете, луѓето од Костарика се нарекуваат тикос, а луѓето од Никарагва – никас: тикос и никас се спомнуваат неколку пати. Кон крајот се спомнува еден голем поет и голем борец на отпорот од Латинска Америка по име Роке Далтон, салвадорски поет кој многу години се бореше за она за што голем дел од народот на Ел Салвадор се бори и денес, и тој почина под мрачни и болни околности кои еден ден ќе бидат разјаснети, но сè уште немаме доволно информации за тоа. Се спомнува Роке Далтон, кого многу го сакав како писател и како соборец во многу нешта.
Расказот – ќе го повторам ова за да биде сосема јасно – е апсолутно верен на настаните што ги раскажува, освен она што се случува на крајот. Ќе објаснам и – претпоставувам дека сите го знаете ова – дека Солентинаме е името на една заедница што никарагванскиот поет Ернесто Карденал ја водеше многу години на еден од островите во езерото Никарагва, заедница што ја посетив во околностите опишани овде и која подоцна беше уништена од Националната гарда на Сомоса пред последната офанзива што го докрајчи Сомоса. Во таа многу сиромашна заедница на рибари и селани, која Карденал духовно ја водеше, беше извршена значајна уметничка и интелектуална работа меѓу претежно неписменото и обесправено население. Ернесто Карденал, патем, ми кажа последниот пат кога разговаравме дека има намера повторно да ја изгради својата заедница сега кога Никарагва е слободна и постои можност за тоа. Се надевам дека ќе успее во тоа, затоа што работата што ја вршеше во таа заедница со години – додека постојано беше гонет, прогонуван и заплашуван – е еден од оние напори што сè повеќе ми даваат надеж и вера во нашиот народ.

Апокалипса во Солентинаме
Такви се тикосите, тивки, но полни со изненадувања; слетуваш во Сан Хозе, Костарика, и таму те чекаат Кармен Наранхо и Самуел Ровински и Серхио Рамирес (кој е од Никарагва и не е тикос, но каква е всушност разликата, на крај сè е исто, каква е разликата што сум јас Аргентинец, иако од учтивост би требало себеси да се наречам тино, а другите никас или тикос). Беше толку жешко, а уште полошо – сè почна веднаш, вообичаената прес-конференција, зошто не живеете во својата земја? Зошто филмот „Blow-Up“ беше толку различен од вашата приказна? Мислите ли дека писателот мора да биде политички ангажиран? Веќе знам дека моето последно интервју ќе се случи пред портите на пеколот и ќе ми ги постават истите прашања, а ако по некоја случајност биде кај Свети Петар, ништо нема да се промени, не мислите ли дека таму долу пишувавте премногу херметично за обичните луѓе?
Потоа кон хотелот Европа и тушот што го крунисува патувањето со долг монолог од сапуница и тишина. Освен што во седум часот, кога конечно дојде време да се прошетам низ Сан Хозе и да видам дали е толку скромен и едноличен како што ми беше кажано, нечија рака го зграпчи моето палто, а зад неа беше Ернесто Карденал, и каква прегратка, поете, толку ми е мило што си тука по таа конференција во Рим, по толку многу години во кои се среќававме на хартија. Секогаш ме изненадува, секогаш ме трогнува кога некој како Ернесто доаѓа да ме види, да ме земе, можеби ќе речеш дека сум преполн со лажна скромност, но само кажи го тоа отворено, старче, чакалот завива, но автобусот сè уште вози, секогаш ќе бидам аматер, некој што ги гледа одредени луѓе од долу со толку многу љубов, а потоа еден ден се испоставува дека тие луѓе го сакаат и него, овие работи се надвор од моето разбирање, но ајде да ја смениме темата.
Новата тема беше дека Ернесто дознал дека сум пристигнал во Костарика и, замисли, полетал од својот остров затоа што малата птичка што му носи вести му кажала дека тиките планирале да одам во Солентинаме и идејата лично да дојде по мене му била неодолива, па два дена подоцна Серхио, Оскар, Ернесто и јас се натискавме во премногу збиената кабина на авионoт „Пајпер Ацтек“, чие име засекогаш ќе ми остане загатка, но кој леташе со злокобни икања и подригнувања додека русокосиот пилот пушташе некакви контрадикторни калипса и изгледаше сосема рамнодушен кон мојата идеја дека Ацтекот нè носи право кон некоја пирамида за да бидеме жртвувани. Тоа не се случи, како што гледате, слетавме во Лос Чилес и од таму подеднакво нестабилниот џип нè остави пред селската куќа на поетот Хосе Коронел Уртечо, кого треба да го читаат повеќе луѓе и во чија куќа одморивме и разговаравме за толку многу други пријатели поети, за Роке Далтон и за Гертруда Стајн и за Карлос Мартинес Ривас, сè додека не пристигна Луис Коронел и тргнавме кон Никарагва со неговиот џип и со неговиот чамец што достигнуваше загрижувачки брзини. Но прво направивме спомен-фотографии со еден од оние фотоапарати што веднаш исфрлаат мало парче небесно-сина хартија која полека и чудесно и полароидски почнува да се исполнува со постепени слики, најпрво вознемирувачки ектоплазми, потоа малку по малку – нос, прамен коса, насмевката на Ернесто со неговата назарејска лента за глава, дона Марија и дон Хосе оцртани пред тремот. За нив тоа изгледаше сосема нормално затоа што беа навикнати да го користат тој апарат, но јас не бев, за мене самиот чин на гледање како нешто излегува од ништо, од тој мал небесно-син квадрат на ништото, тие лица и насмевки при разделбата, ме исполнуваше со восхит и им кажав, се сеќавам дека го прашав Оскар што би се случило ако по фотографирање на семеен портрет, малото небесно-синo парче хартија почне од никаде да се исполнува со Наполеон на неговиот коњ, и избувна громогласна смеа од дон Хосе Коронел, кој како и обично слушаше сè, џипот, ајде, да возиме кон езерото.
Стигнавме во Солентинаме кога ноќта веќе паѓаше, таму нè чекаа Тереза и Вилијам и еден гринго-поет и други луѓе од заедницата; речиси веднаш си легнавме, но не пред да ги видам сликите во еден агол, Ернесто разговараше со своите луѓе и од торбата ги вадеше материјалите и подароците што ги донел од Сан Хозе, некој спиеше во лежалка, а јас ги видов сликите во аголот и почнав да ги разгледувам. Не се сеќавам кој ми објасни дека ги насликале селаните од тој регион, оваа ја насликал Висенте, оваа е на Рамона, некои беа потпишани, а други не, но сите беа толку убави, уште еднаш едно првобитно гледиште на светот, чистиот поглед на некој што ја прикажува својата околина како песна на пофалба: џуџести крави во полиња со афион, шеќерни колиби од кои луѓето излегуваат како мравки, зеленоок коњ на позадина од шеќерна трска, црковно крштевање што не верува во перспектива и се сопнува и паѓа врз самото себе, езерото со мали чамци како чевли, а во позадина огромна насмеана риба со тиркизни усни. Потоа дојде Ернесто и ми објасни дека продажбата на сликите им помага да опстанат, наутро ќе ми ја покаже работата што селаните ја прават со дрво и камен, а и неговите сопствени скулптури; веќе ни се дремеше, но јас продолжив да ги разгледувам сликите натрупани во аголот, извлекувајќи од купот платна крави и цвеќиња и онаа мајка со двете деца во скутот, едното во бело, другото во црвено, под небо толку полно со ѕвезди што единствениот облак стоеше како засрамен во еден агол, притиснат до рамката, толку исплашен што веќе се откинал од платното.
Следниот ден беше недела и имаше литургија во единаесет часот, литургија во Солентинаме каде што селаните, Ернесто и гостите разговараат за едно поглавје од Евангелијата, кое тој ден беше за апсењето на Исус во градината – тема за која луѓето од Солентинаме зборуваа како да се однесува на нив самите, заканата дека ќе бидат нападнати ноќе или среде ден, живот воден во постојана неизвесност на островите и на копното и насекаде во Никарагва, и не само во Никарагва туку речиси насекаде во Латинска Америка, живот опкружен со страв и смрт, живот во Гватемала и живот во Ел Салвадор, живот во Аргентина и во Боливија, живот во Чиле и во Санто Доминго, живот во Парагвај, живот во Бразил и во Колумбија.
Подоцна дојдоа мислите за заминување, и тогаш повторно помислив на сликите; отидов во заедничката просторија и почнав да ги разгледувам под заслепувачката пладневна светлина, засилените бои, акрилите и маслата што како да се натпреваруваа едни со други преку коњи и сончогледи и веселби на ливадите и симетрични палмови насади. Се сетив дека имав ролна филм во боја во фотоапаратот и излегов на тремот со еден куп слики; Серхио, кој штотуку пристигна, ми помогна да ги наместам на светлина и една по една внимателно ги фотографирав, центрирајќи ја секоја за да го исполни целиот кадар. Случајноста понекогаш е таква: ми останаа точно онолку снимки колку што имаше слики, ниедна не беше изоставена, и кога Ернесто дојде да ни каже дека чамецот е подготвен, му кажав што сум направил, а тој се насмеа – крадец на слики, шверцер на слики. Да, му реков, ги носам сите со себе, ќе ги проектирам на моето платно и ќе бидат поголеми и посветли од овие, штета за вас.
Се вратив во Сан Хозе, отидов во Хавана и се задржав таму правејќи неколку работи, па назад во Париз, мојот замор толку полн со носталгија, Клодин тивко ме чекаше во Орли, повторно животот на рачниот часовник и merci monsieur, bonjour madame, состаноци на комитети, филмови, црвено вино и Клодин, квартети од Моцарт и Клодин. Меѓу сите работи што тие „исповеднички“ куфери ги истурија на креветот и тепихот, меѓу списанијата, исечоците од книги, шаловите и книгите од централноамерикански поети, беа и сивите пластични кутии со филмови, толку многу во текот на два месеца, редоследот од училиштето „Ленин“ во Хавана, улиците на Тринидад, силуетата на вулканот Ирасу и неговиот кратер полн со врела зелена вода каде што Самуел, Сарита и јас веќе замислувавме печени патки што пловат во сулфурните испарувања. Клодин ги однесе филмовите на развивање; едно попладне додека шетав низ Латинскиот кварт се сетив на нив и, бидејќи го имав талончето во џеб, ги подигнав – беа осум. Веднаш помислив на сликите од Солентинаме и кога се вратив дома ги отворив кутиите и ги погледнав првите дијапозитиви од секоја група; се сетив дека пред да ги фотографирам сликите ја фотографирав литургијата со Ернесто, деца што играат меѓу палмите исто како на сликите, деца и палми и крави под силното сино небо и езеро што беше само малку позелено, или можеби обратно, веќе не бев сосема сигурен. Ги ставив дијапозитивите со децата и литургијата во рамката, знаејќи дека сликите ќе дојдат потоа и ќе продолжат до крајот на филмот.
Ноќта паѓаше и бев сам, Клодин ќе дојдеше по работа да слушаме музика и да преноќи; го наместив платното и си сипав чаша рум со многу мраз, проекторот со наместената рамка и копчето од далечинскиот управувач; немаше причина да ги затворам завесите, љубезната ноќ веќе беше таму палејќи ги уличните светилки и мирисот на румот; беше толку пријатно да се мисли дека сè повторно ќе се појави малку по малку, по сликите од Солентинаме ќе ги покажам филмовите од Куба, но зошто прво сликите, зошто таа професионална деформација, уметноста пред животот, и зошто да не, овој го прашуваше оној во продолжение на нивниот вечен братски и инаетлив дијалог што никогаш не може да се растури, зошто прво да не се погледнат сликите од Солентинаме, кога и тие се живот, кога сè е исто.
Прво се појавија фотографиите од литургијата, прилично лоши поради погрешна експозиција, но децата си играа на силната светлина и со толку бели заби. Го притиснав копчето за напред без многу ентузијазам, можев долго да продолжам да ја гледам секоја слика толку натоварена со спомени, тој мал и кревок свет на Солентинаме опкружен со вода и со извршители, опкружен како момчето што го гледав без да разберам, го притиснав копчето и момчето беше таму на многу јасна позадина, неговото широко мазно лице со изненадена неверица додека телото му паѓаше напред, уредната дупка точно на средината на челото, пиштолот на офицерот сè уште ја покажуваше патеката на куршумот, другите од двете страни со своите митралези, зад нив хаос од куќи и дрвја.
Што и да мислиш, тоа секогаш стигнува прво и те остава толку далеку зад себе; глупаво си реков дека направиле грешка во фото-студиото, дека ми дале дијапозитиви од друг клиент; но потоа литургијата, децата што играат на ливадата, па како? Ни раката не ми се покори кога го притисна копчето и се појави бескрајно поле со шалитра на пладне со две или три бараки од рѓосан лим, толпа луѓе лево што гледаа во телата што лежат свртени со лицето нагоре, со широко раширени раце под сиво и голо небо; мораше многу внимателно да се погледне за да се разликува групата војници што се оддалечуваше во позадина, џипот што чекаше на врвот на ридот.
Знам дека продолжив; соочен со нешто што му пркосеше на секој здрав разум, единственото нешто што можеше да го направам беше да продолжам да го притискам копчето, гледајќи го аголот на улиците Кориентес и Сан Мартин во Буенос Аирес и црниот автомобил со четворица мажи што нишанеа кон тротоарот каде што некој во бела кошула и патики трчаше, две жени што се обидуваа да се засолнат зад паркиран камион, некој што гледаше право напред, со израз на ужасната неверица, носејќи ја раката кон брадата како да се допира себеси за да почувствува дека сè уште е жив, и одеднаш речиси темна просторија, валкана светлина што паѓаше од високите прозорци со решетки, масата со голото девојче легнато на грб и косата што ѝ паѓаше сè до подот, сенката со грб свртена кон фотоапаратот што вметнуваше жица меѓу нејзините отворени нозе, двајца мажи свртени кон фотоапаратот што разговараа меѓу себе, сина вратоврска и зелен пуловер. Никогаш не дознав дали продолжив да го притискам копчето или не; видов расчистен простор во џунглата, во преден план колиба со покрив од слама и дрвја, потпрен на најблиското стеблото стоеше еден тенок човек што гледаше налево кон неуредна група од пет или шест луѓе што стоеја многу блиску еден до друг, вперувајќи митралези и пиштоли кон него; човекот со тенкото лице и прамен коса што паѓаше врз неговото кафеаво чело ги гледаше, едната рака полу-крената, другата можеби во џебот од панталоните, како да им зборуваше нешто смирено, речиси лежерно, и иако сликата беше матна, почувствував и знаев и видов дека тоа е Роке Далтон, и затоа го притиснав копчето како со тоа да можам да го спасам од срамот на таа конкретна смрт, а потоа видов автомобил што експлодираше среде град што можеше да биде Буенос Аирес или Сао Паоло, продолжив да притискам и да притискам низ блесоци од крвави лица и делови од тела и жени и деца што трчаа по падини во Боливија или Гватемала, одеднаш платното се исполни со жива и ништо, и Клодин што тивко влезе, нејзината сенка го исполни платното додека се наведнуваше да ми ја бакне косата и да ме праша дали се прекрасни, дали сум задоволен од фотографиите, дали сакам да ѝ ги покажам.
Ја оттурнав рамката и ја пуштив од почеток; не можеш да знаеш како или зошто правиш нешта кога еднаш ќе ја преминеш границата што ни самиот не ја знаеш. Не ја гледав, затоа што ќе разбереше или едноставно ќе се исплашеше од тоа како сигурно изгледало моето лице; не објаснив ништо затоа што сè беше еден голем јазол од грлото до ноктите на нозете, станав и полека ја седнав во мојата фотелја, и сигурно реков нешто дека одам да ѝ донесам пијалак и дека треба да погледне, дека треба да погледне додека одам да ѝ донесам пијалак. Во бањата мислам дека повратив, или можеби само плачев и подоцна повратив, или не направив ништо и само седев на работ од кадата оставајќи времето да помине додека не успеав да стигнам до кујната и да го подготвам омилениот пијалак на Клодин, да го наполнам со мраз и потоа да ја слушнам тишината, да сфатам дека Клодин ниту вика ниту трча да ме праша, само тишината и повремено оној пресладок болеро од соседниот стан. Не знам колку време ми требаше да стигнам од кујната до дневната соба, да го видам задниот дел од платното кога таа стигна до крајот и просторијата се исполни со ненадејниот одраз на живата, а потоа полумракот, Клодин го исклучи проекторот и се навали во фотелјата и ја зема чашата и бавно ми се насмевнува, среќна и заводлива и толку задоволна.
„Испаднаа прекрасно, онаа со насмеаната риба и мајката со нејзините две деца и малите крави на полето; почекај, и онаа другата со крштевката во црквата, кој ги насликал, кажи ми, не можев да ги видам потписите.“
Седејќи на подот, без да ја погледнам, ја зедов чашата и ја испив до дно. Немав намера ништо да кажам, што би можел да ѝ кажам сега, но се сеќавам дека нејасно размислував да ѝ поставам едно глупаво прашање, да ја прашам дали некогаш видела слика од Наполеон на коњ. Но не го сторив тоа, се разбира.
***

(извор: Big Other)
Мислам дека во приказна од ваков вид, ненадејното појавување на еден целосно чуден елемент – целосно и решително фантастичен – ја прави стварноста пореална и му носи на читателот нешто што, доколку беше изречено експлицитно или прераскажано во детали, ќе завршеше како уште еден извештај за сите многубројни нешта што се случуваат, но во рамките на приказната се прикажува доволно силно, преку самиот механизам на раскажувањето.
Мислам дека токму сега, пред да продолжам, некои од вас можеби би сакале да ми постават неколку прашања. Гледам дека едно лице таму сака.
Студент: Би сакале ли да зборувате малку за Роке Далтон? Мислам дека има многу луѓе кои не знаат кој е тој.
Кортасар: Да, се разбира. Роке Далтон велеше дека е внук на пиратот Далтон, Англичанец или Северноамериканец кој ги пустошел бреговите на Централна Америка и освоил земја што подоцна ја изгубил. Тој, исто така, освоил, за добро или за лошо, некои салвадорски жени од кои потекнува семејството на Роке, и тие го задржале презимето Далтон. Никогаш не дознав, ниту пак пријателите на Роке знаеја, дали тоа беше вистина или една од многуте измислици на неговата извонредно плодна имагинација. Роке за мене е многу редок пример на човек чија книжевна, поетска способност постоеше уште од многу рана возраст, измешана со, или паралелно со, длабоко чувство на припадност кон сопствениот народ, неговата историја и судбина. Никогаш, уште од својата осумнаесетта година, тој не правеше разлика меѓу поетот и борецот, романсиерот и борецот, и затоа неговиот живот беше непрекината низа од прогонства, затвори, прогони, бегства – во некои случаи спектакуларни – и конечно враќање во неговата татковина по многу години поминати во прогонство, таму за да се приклучи на борбата во која ќе го загуби својот живот. За наша среќа, Роке Далтон остави обемно творештво: неколку тома поезија и роман со наслов кој е и ироничен и нежен; се вика „Сиромавиот мал поет што некогаш бев“. Тоа е приказна за човек кој во еден момент чувствува искушение целосно да се посвети на книжевноста и да ги остави зад себе сите други нешта што неговата природа ги бара од него. На крајот, тој не го прави тоа и продолжува да ја одржува рамнотежата на која секогаш се восхитував кај него. Роке Далтон беше човек кој на четириесет години оставаше впечаток на деветнаесетгодишно момче. Имаше нешто многу детинесто во него, се однесуваше како дете, беше палав и разигран. Беше тешко да се види, да се согледа моќта, сериозноста и ефикасноста што се криеше во тој човек.
Се сеќавам на една ноќ во Хавана, кога група странци и Кубанци се собраа да разговараат со Фидел Кастро. Беше 1962 година, на почетокот на Револуцијата. Средбата требаше да започне во десет навечер и да трае еден час, а траеше точно до шест наутро, што речиси секогаш се случува на ваквите средби со Фидел Кастро, кои траат бескрајно затоа што тој никогаш не се заморува, ниту пак неговите соговорници во такви околности. Никогаш нема да заборавам како, околу зори, кога веќе задремував бидејќи не можев да се борам со заморот и исцрпеноста… се сеќавам на Роке Далтон – многу слаб и не многу висок – како стои со Фидел – кој воопшто не е слаб и е многу висок – и тврдоглаво расправа за правилната употреба на некој вид оружје, никогаш не дознав точно кое, некаква машинска пушка. Секој се обидуваше да го убеди другиот дека е во право, со секакви аргументи и дури физички демонстрации: се фрлаа на подот, па повторно скокаа на нозе… секакви воинствени лудории, кои нè оставија сите прилично зачудени.
Таков беше Роке: можеше да си игра додека зборува сериозно. Очигледно темата го интересираше од причини поврзани со Ел Салвадор, а во исто време сето тоа беше голема игра што длабоко го забавуваше. Неговите книги – поезијата како и прозата, има и многу есеи, многу политички дела… – опфаќаат важен период од нашата историја, особено деценијата од ’58 до ’68. Неговите анализи се секогаш страсни, но истовремено и трезвени, неговите разобличувања и аргументи секогаш имаат силна историска основа. Тој не беше пропагандист; беше мислител, а зад, пред и под сето тоа секогаш стоеше голем поет, човек кој ни подари некои од најубавите песни што сум ги прочитал во последните дваесет години. Тоа е сè што имам да кажам за Роке и се надевам дека ќе го читате и ќе го запознаете подобро.
Студент: Во приказната спомнувате дека луѓето се плашат – како Исус – од предавство, но не мислите ли дека ова, генерално гледано, е затоа што во Латинска Америка реалноста се гледа на фантастичен, емотивен, ирационален начин и само од една гледна точка? Затоа што зборувате за луѓето што биле убиени од војската, но во Аргентина исто така биле убиени и војници, на пример Арамбуру. Секогаш се гледа само од една гледна точка и затоа постојат тие постојани судири, наместо да се обидеме да најдеме рационално решение.
Кортасар: Секако дека има постојани борби; секако дека имало и продолжува да има конфронтации, како што постојано имало во Никарагва и како што има токму сега во Ел Салвадор. Секако дека има насилство од двете страни и во многу случаи тоа насилство е неоправдано, на двете страни од борбата. Она што мислам дека треба да го разгледаме и секогаш да го имаме на ум кога зборуваме за насилство, судири и дури криминални дејства меѓу две спротивставени сили е зошто започнало насилството и кој го започнал, или поточно треба да внесеме морална димензија во дискусијата. Бразилскиот бискуп или кардинал Хелдер Камара (мислам дека беше бискуп) и надбискупот на Ел Салвадор, монсињор Ромеро (брутално убиен пред неколку месеци), двајцата луѓе од црквата, во своите последни говори рекоа дека еден потчинет, поробен, убиен и измачуван народ има морално право да земе оружје против своите угнетувачи, и мислам дека тие допреа до самото срце на проблемот; затоа што е многу лесно да се биде против насилството воопшто, но она што често не се разгледува е како настанало тоа насилство, кој процес првично го ослободил.
За да одговорам многу конкретно на твоето прашање, јас сум целосно свесен дека во мојата земја, во нашата земја, силите што се кренаа против армијата и аргентинската олигархија извршија многу дејства што можеме да ги оцениме како прекумерни. Се однесувале на начини што јас лично не можам да ги одобрам, ниту да ги прифатам, воопшто, но сепак, во рамките на таа морална осуда, свесен сум дека тие никогаш немаше да стигнат до таа точка – затоа што немаше да имаат потреба – доколку претходно, со претходните диктатури (конкретно зборувам за генералите Оњанија, Левингстон и Ланусе), немаше чудовишна ескалација на тортура, насилство и угнетување, што конечно доведе до првите востанија против нив. Ова не е час по политика и тука ќе застанам, иако мислам дека ти и јас би можеле многу повеќе да разговараме на оваа тема, бидејќи очигледно сме многу запознаени со неа како Аргентинци. Но мислам дека кажав доволно за да го покажам моето мислење за ова прашање.
