Уште од самото објавување во средината на 19 век, „Оркански височини“, приказната на Емили Бронте за страсна љубов и безмилосна одмазда ги фасцинира обожавателите и во исто време ги збунува критичарите. Во текот на децениите, оваа приказна неколку била екранизирана, а од денес во кино-салите ширум светот ќе почне да се прикажува најновата екранизација на режисерката Емералд Фенел. Оваа екранизација веќе со месеци предизвикува жестоки дискусии и покрај тоа што речиси никој не го гледал филмот. Се чини дека интензивноста на „Оркански височини“ ги прави самите дискусии за романот и сите екранизации подеднакво интензивни, па затоа денес на блогот можете да прочитате една одлична анализа на Моли Горман за „Би-Би-Си“ во која таа се осврнува на една од најпознатите приказни на сите времиња и поставува одредени тези и прашања околу тоа зошто „Оркански височини“ е толку погрешно сфатено дело.

(Сцена од најновата екранизација на „Оркански височини“/извор: BBC)
Објавен под името „Елис Бел“, романот „Оркански височини“ наишол на прилично поделени реакции кога првпат бил објавен во 1847 година. Некои биле жестоки во критиките, згрозени од неговата „брутална суровост“ и прикажувањето на „полудива љубов“. Други ја признавале „моќта и умешноста“ на книгата, „силното и вистинито прикажување“. Многумина рекле дека книгата едноставно е „чудна“. И покрај популарноста на готската книжевност во тоа време, можеби не е изненадувачки што „Оркански височини“ ги шокирал читателите во 19 век – време на строга морална контрола. „Луѓето не знаеле како да ја прифатат оваа книга, бидејќи нема јасна морална порака“, вели Клер О’Калаган, професорка по викторијанска литература на Универзитетот Лафборо во Велика Британија и авторка на „Emily Brontë Reappraised“.
Три години по објавувањето на романот, Шарлот Бронте го открила вистинскиот идентитет на авторот – Елис Бел всушност не бил маж, туку псевдоним на нејзината помлада сестра, Емили Бронте. Шарлот тврдела дека критичарите не ја оцениле праведно работата на Емили: „Незрелите, но многу реални способности откриени во „Оркански височини“ речиси и не беа препознаени; значењето и природата на делото беа погрешно сфатени.“ Готската приказна за две семејства сместена во дивите јоркширски мочуришта, „Оркански височини“ подоцна станал класик што го дефинира жанрот – а сепак, зборовите на Шарлот и понатаму звучат точно.
Сега, режисерката на „Салтбурн“, Емералд Фенел, се подготвува да ја претстави својата верзија на приказната, преку филм што ќе биде објавен на 13 февруари, во кој глумат австралиските актери Марго Роби како Кетрин Ерншо и Џејкоб Елорди како Хитклиф. Можеби делумно како одговор на контроверзиите што му претходеа на филмот, особено околу возраста и етничката припадност на главните актери, еротски набиените сцени и неавтентичните костими прикажани во промотивниот видео-спот, Фенел стави наводници околу насловот, нагласувајќи дека таа всушност не го екранизира романот, туку создава сопствена верзија, бидејќи приказната е премногу „густа, сложена и тешка“. Можеби е во право?
И зошто токму овој „чуден“, но фасцинантен роман ги збунува обожавателите, читателите и критичарите уште од самиот почеток?
Приказна за страст и одмазда
Фенел не греши кога зборува за сложената природа на книгата. Нејзината нелинеарна, повеќеслојна структура со повеќе наратори може да делуваат збунувачки на почетокот. Зошто сите имаат исти имиња? Колку луѓе со името Кети, Кетрин, Линтон и Хитклиф, и Линтон Хитклиф воопшто може да има на околу 300 страници? „Оркански височини“ всушност е приказна во приказна. Скокајќи меѓу минатото и сегашноста и опфаќајќи околу 30 години, таа е раскажана од Локвуд, закупецот на Хитклиф, и Елен Дин, слугинка во две куќи наречени Трашкрос Грејнџ и Оркански височини. И двајцата раскажувачи се недоверливи. Локвуд, господин од Лондон со чувство на супериорност, служи како љубопитен надворешен набљудувач и средство преку кое читателот ги открива тајните од минатото. Нели, која ги открива тие тајни, ја раскажува приказната со навидум совршено паметење. Таа ја контролира нарацијата и често се меша кога можеби не треба – нејзините емоционални врски со одредени ликови и осудувањето на други јасно се гледаат.
Фенел зборуваше за тоа како била воодушевена од романот кога првпат го прочитала како тинејџерка. Нејзиниот филм го користи слоганот „најголемата љубовна приказна на сите времиња“, но можеби попрецизно би било да се нарече најголемата приказна за одмазда. Секако, во приказната постои неспорна романтична страст: „Од што и да се создадени нашите души, неговата и мојата се исти; а душата на Линтон е различна како месечев зрак од молња, или мраз од оган.“ Но, некои читатели можеби се задржуваат само на ова, заборавајќи што следува потоа. Набрзо станува јасно дека Хитклиф е повеќе измачен антихерој отколку романтичен лик. И Кетрин е предизвикувачка – таа е мелодраматична и злобна. Нивната нераскинлива врска, иако силна и вечна, е осудена на пропаст, а нивната бескрајна несреќа создава генерациски циклус на злоупотреба и уништување што копнее да биде прекинат.
Структурата на „Оркански височини“ вешто ги поддржува овие теми на страст и одмазда. Првото издание било поделено во два тома, што може да се гледа како генерациска поделба – првиот се фокусира на Кетрин и Хитклиф, вториот на нивните деца. Бронте ја поттикнува нашата симпатија кон Хитклиф во првиот том. Кога пристигнува во Оркански височини како сираче, тој е оттурнат, опишан како „искинато, црнокосо дете… со темнокожен изглед“. Кетрин дури и плука по него. Подоцна, тој е физички малтретиран од неговиот пијан посвоен брат Хиндли Ерншо, кој го третира како слуга. Во текот на приказната често е нарекуван „валкан“. Неговата единствена утеха е Кетрин, со која талка низ дивите мочуришта. Но, и покрај нејзината изјава „Јас сум Хитклиф… тој е повеќе јас отколку што јас сум самата јас“, и делумно поради еден погрешно слушнат разговор, таа се мажи за богатиот Едгар Линтон од Трашкрос Грејнџ.
Одмаздата на Хитклиф кон Едгар и Кетрин се засилува во втората половина од романот, по смртта на Кетрин. Бронте сурово ја тестира секоја симпатија што читателите можеби ја имале кон Хитклиф, додека неговата чудовишна тиранија се засилува. Тој физички и психолошки ја злоупотребува својата сопруга (и снаа на Кетрин) Изабела, преку одвратни постапки како обесување на нејзиното куче. Тој исто така ги малтретира децата од семејството. Синот на Хиндли, Харетон, е принуден да работи како слуга, исто како што Хитклиф бил принуден да работи како младо момче. Тој ја киднапира Кети Линтон, ќерката на Кетрин и Едгар, принудувајќи ја да се омажи за неговиот син Линтон Хитклиф, за да обезбеди сопственост над Трашкрос Грејнџ. Секоја негова постапка е намерна, пресметана и водена од одмазда.

(Сцена од екранизацијата на „Оркански височини“ од 2011 година/извор: New York Books)
Сложеното наследство на романот
Некои филмски и телевизиски екранизации целосно ја прескокнуваат втората половина од „Оркански височини“, веројатно поради нејзината суровост и сложеност – оскаровскиот филм на Вилијам Вајлер од 1939 година завршува кратко по смртта на Кетрин, прикажувајќи како нејзиниот дух и Хитклиф талкаат по мочуриштата. Филмот на Роберт Фјуст од 1970 година, со Тимоти Далтон во главната улога, исто така завршува со нејзината смрт, како и филмот на Андреа Арнолд од 2011 година, кој најголемиот дел од времето го посветува на помладите Кетрин и Хитклиф. Но нејзината смрт се случува на половина од романот, па затоа многу екранизации изоставуваат уште околу 18 години од дејството, омекнувајќи го крајот и прочистувајќи ги неговите најмрачни делови. Неколку екранизации се обиделе да ја опфатат целата приказна – меѓу нив е серијата на „Би-Би-Си“ од 1967 година, која ја инспирирала Кејт Буш да го напише својот хит од 1978 година. Но мини-серијата на „Би-Би-Си“ од 1978 година (со своето петчасовно времетраење) често се смета за најверна на оригиналниот текст.
Игнорирањето на подоцнежниот дел од книгата „не функционира“, вели Клер О’Калаган. „Мислам дека љубовта и одмаздата се двигателите на книгата, и токму тоа ја прави толку голема… нема граници кои [Хитклиф] не е подготвен да ги премине за да ги натера луѓето да платат“, додава О’Калаган. Хитклиф живее живот исполнет со мака и неконтролирана тага, но истата таа болка ја нанесува на сите околу себе и не чувствува каење поради тоа. Со тоа што не ги исправува неговите грешки и дозволува да умре без дополнителна казна, Бронте, според О’Калаган, му поставува посложени прашања на читателот, наместо да му дава одговори: Што е љубов? Дали системот на брак функционира? Кои се границите на насилството? Тоа е дел од сложеното наследство на романот. „Популарната култура има тенденција да ни ја претставува како голема љубовна приказна… кога [читателите] првпат се соочуваат со романот, тоа ги изненадува, бидејќи романот е многу поразличен. Тој сè уште има способност да шокира, и мислам дека, како и викторијанците, сè уште се обидуваме да одлучиме како да го дефинираме и како да се однесуваме кон него“, вели О’Калаган.
Друга распространета заблуда е дека романот е постојано мрачен, иако на моменти е доста духовит. Нели и Зила, двете слугинки, се големи озборувачки. Линтон Хитклиф е намќоресто, болно и разгалено дете кое предизвикува превртување со очите кај читателот. А кога ќе се разбере што зборува фармерскиот слуга Џозеф, со неговиот тежок јоркширски дијалект, тој често е духовит циник кој никогаш нема ништо убаво да каже. Кога Кетрин се разболува откако го бара Хитклиф на дожд, тој саркастично промрморува: „Пак трчаш по момчињата, како и секогаш?“ И снобизмот на Локвуд е забавен. „Тој е како лик од роман на Џејн Остин што случајно влегол во светот на Бронте, и тоа, за мене, е пресмешно“, вели О’Калаган. „Ако ја читате книгата и ја сфатите делумно како готска сатира, таа станува сосема поинаква. Но мислам дека луѓето ја сфаќаат многу, многу сериозно, нели? Тие се целосно убедени дека овие се вистински ликови, наместо дел од таа готска, претерана драматичност.“
Емили Бронте никогаш не го доживеала успехот на својот единствен роман, но знаеме дека ги читала првичните критики. Нејзината работна маса е изложена во Музејот Бронте во Хаворт, и на неа се наоѓаат пет исечоци од критики за „Оркански височини“, кои во најголем дел биле негативни. Таа починала на 30 години од туберкулоза, околу една година по објавувањето на романот. Зад себе оставила ремек-дело.
Без разлика дали сте страстен обожавател или противник на длабоко несовршените ликови на Бронте, вознемирувачката и потресна приказна и отровната романса, „Оркански височини“ низ историјата ги опседнувал своите бројни обожаватели – може да се каже дека „нè полудел“. Сигурно е дека интерпретацијата на Фенел нема да биде последната. Но дали некој навистина може правично и доследно да го пренесе ова дело на филмското платно, е сосема друго прашање.
Барем, се надеваме дека сите можеме да се согласиме со еден анонимен критичар кој ја рецензирал „Оркански височини“ во јануари 1848 година: „Невозможно е да се започне и да не се заврши овој роман“, напишал тој, „и подеднакво невозможно е да се остави на страна потоа и да не се каже ништо за него.“
Филмот „Оркански височини“ ќе започне да се прикажува на 13 февруари.
