Да ја започнеме оваа работна недела со прекрасните стихови на Даница Ручигај!
Сребрени ноќни игри – Даница Ручигај
Чуј ја играва
Што запре само во еден здив
И продолжи да тече како река
Чуј ја играва на прсти
На коски на овој очај
Што се вгнездил во грлото
Како грутка.
Чуј ја играва сребрена
На две грла
На две израмнети Утроби.
О, слатко заклопи ги
Желбиве надвиснати
Што се втурени од огнови
Колку печат човеку.
Играва на сребрена ноќ,
Играва на сребрени тела,
Играва на сребрени огнови
О, човеку продолжи ја.
Па пушти го моево грло
Нека се чуе пискот
Еден единствен
Што ќе те разгрне
Да ми се отвориш
Па да влезам човеку
Еднаш помирена со портите
Па да влезам како пријател.
Од стихозбирката „Сребрени ноќни игри“, 1960 година

