Сè што треба да знаете за Молиер…

„Бидејќи должноста на комедијата е да го подобрува човекот преку забава, верував дека, како човек од таа професија, најдостојно ќе постапам ако, преку сатирични и духовито пренагласени прикази, ги разобличувам пороците на мојата епоха.“

~ од петицијата на Молиер до францускиот крал во врска со комедијата „Тартиф“ ~

Жан-Батист Поклен (15 јануари 1622 (крстен) – 17 февруари 1673), познат по неговото сценско име Молиер, бил француски драматург, театарски режисер, драмски теоретичар, глумец и поет, широко познат како еден од најголемите писатели на францускиот јазик и светската книжевност од XVII век. Како комичен драматург, тој се рангира покрај други истакнати мајстори на жанрот како Аристофан, Плавт и Џорџ Бернард Шо. Неговото влијание е толку големо што францускиот јазик често се нарекува „јазикот на Молиер“, а неговите драми како „Училиште за мажи“, „Тартиф“ или „Мизантроп“ и денес постојано се поставуваат на сцените на современите театри, а истовремено се и преведени на многу светски јазици и Молиер се смета за најголемиот француски драматург и татко на современата француска комедија.

Молиер ја револуционизирал театарската сцена во Франција создавајќи драматични, смешни и екстравагантни драми, кои отвориле нов пат за иднината на францускиот театар. Сепак, неговиот харизматичен и амбициозен карактер му помогнал да презема ризици и да ја искористи можноста да го прави она што најдобро го умеел: да оживува сериозни, а понекогаш и апсурдни теми што секојдневно нè опкружуваат. Неговиот богат опус вклучува комедии, фарси, трагикомедии, комедии-балети и многу други форми. Тој напишал 12 од најтрајните и најостро сатирични долгометражни комедии во историјата, некои во римуван стих, а некои во проза, како и шест пократки фарси и комедии.

Раниот живот и младоста

На 15 јануари 1622 година, во регистарот на црквата Сен-Есташ во Париз било запишано крштевањето на Жан-Батист Поклен, кој подоцна ќе стане славен како Молиер. Неговиот татко бил тапетар и тапацер кој водел мошне успешен бизнис, толку успешно што успеал да ја купи должноста кралски тапацер и дворски слуга. Кога Жан-Батист имал 15 години, бил примен во еснафот на тапацерите, иако дотогаш веќе две години студирал во колеџот „Клермон“, што очигледно било непотребно образование за занаетчија. Молиер најпрво тргнал по стапките на својот татко, но на крајот сепак не станал ни службеник ни тапацер, бидејќи набргу ја сфатил својата љубов кон театарот и глумата и решил да започне актерска кариера. На 21 година, Жан-Батист заедно со неколку неискусни актер(к)и, меѓу кои била и неговата пријателка, Мадлен Бежар, основал театарска трупа и без лажна скромност ја нарекле „Славниот театар“.

Театарот во тоа време не бил многу популарен во Париз, а градот веќе имал три воспоставени театри, па започнувањето новa театарска трупа било многу тешко за Молиер и Бежар. Дополнително, во XVII век професијата актер се сметала за „ниска“ и „безвредна“, па затоа никој не настапувал под своето вистинско име и така Жан-Батист Поклен го зел уметничкото име Молиер. „Славниот театар“ опстанал само осумнаесет месеци, бидејќи не можел да ја издржи конкуренцијата, па наместо да потонат во долгови и да мораат да ја распуштат театарската трупа, Молиер и неговите седум пријатели решиле да си ја пробаат среќата низ провинциите на Фрација и изведувале претстави во различни градови со цел финансиски да се издржуваат. Решителноста и карактерот на Молиер одиграле важна улога за време на турнејата, а тринаесетте години скитање и патување биле сурова школа, но токму тие му помогнале на Молиер да го открие својот дар како комичен актер и драматург.

Како доказ за неговата неверојатна проникливост, често се раскажува анегдотата за тоа како тој успевал и своето лошо здравје да го претвори во уметност. Во поголемиот дел од животот, Молиер страдал од здравствена состојба што му предизвикувала неконтролирани и ненадејни напади на кашлање. Кога тоа ќе му се случело среде претстава, тој ја користел ситуацијата за дополнително да ја нагласи и да ја претвори во комичен момент што ја забавувал публиката. Ова е само еден пример за тоа како Молиер знаел совршено да претвори сериозна или непријатна ситуација во хумористична сцена.

Едно од најголемите влијанија врз Молиер била Комедија дел арте, италијанската театарска традиција од XVII век. Тој неколку години делел сцена со италијанска театарска група, каде што имал можност одблиску да ги набљудува и изучува италијанските актерски техники. Молиер бил инспириран и фасциниран од драматичните и претерани карактеристики на италијанскиот театар, кои подоцна ги усвоил и внел во своите драми и актерска игра. Покрај Комедија дел арте, Молиер бил инспириран и од античките театарски традиции на Грците и Римјаните. Тој верувал дека античките традиции се темелот на театарот и дека задачата на драматургот е да ја почитува нивната вредност и да ги приспособи на современото време. На почетокот тој само ги преработувал италијанските фарси, приспособувајќи ги за француската публика. Подоцна постепено се оддалечил од италијанските модели, внесувајќи сè повеќе оригинални елементи, а на крајот целосно ги напуштил за да создава сопствени дела. Фарсите ѝ донеле на трупата слава како најдобар театар во провинциите.

Подемот и падот на Молиер

Откако стекнале искуство и финансиски средства, Молиер и неговите пријатели решиле да се вратат во Париз во 1658 година и тој се вратил во Париз како нов човек со свежи идеи и перспективи за светот. Тој најпрво го обезбедил покровителството на Арман Бурбон де Конти и добил дозвола да настапи пред кралот во Лувр, па така патот на Молиер кон славата навистина започнал на 24 октомври 1685 година, кога тој и некои од неговите колеги ја изведувале драмата „Никомед“ од Пјер Корнеј на импровизирана сцена пред Луј XIV и неговиот брат Филип, војводата од Орлеан. Филип бил воодушевен од нивната изведба и од тој момент редовно ги поканувал Молиер и неговата трупа да настапуваат пред важна публика. Луј XIV на почетокот бил скептичен кон адаптациите и самопромоцијата на Молиер и го назначил Жан-Батист Лили, кој подоцна станал еден од најблиските пријатели на Молиер, како надзорник задолжен да ги прегледува сите продукции на Молиер. Со текот на времето, сепак, Молиер ја стекнал довербата на кралот и дваесетгодишниот Луј XIV бил воодушевен од фарсите на Молиер и му дозволил на театарот да го носи името Трупата на Монсињор, според неформалната титула на принцот де Конти. Нивната блиска врска предизвикала голема завист кај другите театарски трупи и кај членовите на кралскиот двор, бидејќи многумина сметале дека Луј XIV го фаворизира Молиер. Сепак, Молиер имал силен карактер и цврсто верувал во својата работа, па зависта на другите луѓе само го мотивирала да работи уште понапорно.

Иако Молиер и неговата трупа станале чести гости во кралските дворци, сепак не ја заборавиле ни париската публика. Првите драми напишани од Молиер ѝ ја донеле на трупата искрената љубов на метрополската публика. Драмите на Молиер доживеале невиден успех, но и скандалите околу нив биле подеднакво гласни. Злонамерници тврделе дека тој се потпира на расипаниот вкус на публиката која заборавила да ја цени трагедијата, дека краде заплети, па дури и дека не ја почитува религијата. Но најголемите обвинувања се однесувале на неговиот приватен живот. Четириесетгодишниот Молиер се оженил со Арманда Бежар, помладата сестра на неговата стара пријателка Мадлен Бежар. Младата сопруга била дваесет години помлада, што предизвикало разни гласини. Еден актер од театарската трупа Хотел де Бургон, трупа која се натпреварувала со трупата на Молиер, испратил жалба до кралот, тврдејќи дека Молиер се оженил со сопствената ќерка. За да го заштити својот омилен актер, кралот се согласил да биде кум на првото дете на Молиер и Арманда, а непријателите морале да замолчат.

Почетокот на зрелото творештво на Молиер бил одбележан со драмата „Училиштето за мажи“ (1661). Односот кон жената станува главна тема во ова дело и во т.н. „прв круг“ од неговите комедии. Во 1662 година, на кралот му ја претставил драмата „Училиште за жени“. Претставата зборува за маж кој избира дете за своја идна сопруга и подоцна ја воспитува да остане целосно неупатена во светот. Непријателите на Молиер, претежно од кралскиот двор, тврделе дека драмата не само што е неморална, туку и дека е украдена од друг драматург. Наместо веднаш да ја повлече драмата за дополнително да не си ја наруши репутацијата, Молиер напишал нова драма наречена „Критика на Училиштето за жени“, која на комичен начин ги прикажувала апсурдните расправии околу неговото оригинално дело. Токму ваквите реакции го издвоиле Молиер од другите драматурзи во тоа време и го направиле значаен автор што и денес е многу почитуван.

Сепак, односите на Молиер со властите, свештенството и аристократијата постепено се усложнувале. Неговите драми станувале сè поостри и понемилосрдни. Тие повеќе не само што забавувале, туку предизвикувале сурова и горчлива смеа. Ова особено се гледа во комедиите од „третиот круг“. Како резултат, „Тартиф“ бил забранет пет години, „Дон Жуан“ исчезнал од репертоарот по петнаесеттата изведба, а „Мизантроп“ добила прилично студен прием. Во последните години од животот, Молиер имал повеќе од доволно проблеми, особено кога станува збор за интригите на ривалите и непредвидливоста на публиката. Конечно, кралот значително се оладил кон него, престанал да му исплаќа пензија и дури не сакал ни да ја гледа неговата последна драма „Вообразениот болен“.

И покрај сите случувања, тој никогаш не престанал да глуми и режира. На 17 февруари 1673 година, „Вообразениот болен“ бил изведен во Пале Ројал. Молиер ја играл улогата на Арган. За време на претставата почнал да добива грчеви, но сепак успеал да ја одигра претставата до краја а еден час подоцна починал. Свештениците од блиската црква одбиле да дојдат кај комичарот и тој не добил опростување ниту се откажал од актерската професија. Само по интервенција на кралот било дозволено Молиер да биде погребан. Ноќе, под светлина на факли, „за да се избегне јавен скандал“, неговото тело било однесено на гробиштата Сен-Жозеф и закопано на место каде што обично се погребувале самоубијци и некрстени деца. А во регистарот на црквата Сен-Есташ свештеникот запишал дека на 21 февруари 1673 година бил погребан тапацерот и кралски слуга Жан-Батист Поклен.

Уметничкото наследство и влијание на Молиер

Молиер бил свесен за своето влијание во театарскиот свет и сакал да биде запаметен од идните генерации. Кон крајот на својот живот, Молиер подготвил издание со своите најпознати драми, за неговото творештво да остане запаметено по неговата смрт. Ова издание станало достапно дури десет години по неговата смрт и останало едно од најважните историски театарски записи. И други уметници, особено ликовните уметници од тоа време, ја разбирале неговата важност. Уметници како Жан-Батист Мозес и Шарл Ле Брен сликале портрети на Молиер во традиционални, но и екстравагантни пози и театарски костими, за да го одбележат неговото наследство, па затоа денес го помниме и славиме преку ликовната уметност, но и преку современиот театар. Не е случајно што францускиот јазик се нарекува „јазикот на Молиер“. Неговите драми поставиле преседан во француската култура и театар и влијаеле и на генерациите веднаш по него, па сè до современата театарска сцена.

Неговите драми се еден вид портрет на сите општествени слоеви на Франција од XVII век и се одликуваат со духовита и интелигентна исмејувачка критика на човечките пороци, суети и слабости. Во театарскиот период на раниот барок, доминиран од формалните неокласични трагедии на Жан Мере, Жан Ротру, Пјер д’У Рије, Пјер Корнеј, Тома Корнеј и Жан Расин, Молиер ја потврдил моќта на комедијата како сериозна и флексибилна уметничка форма. Тој напишал и бројни пасторали и други сценски забави, наменети за изведба во затворен и на отворен простор, како и популарните комедии-балети, кои зависеле од сложена сценска механика (претежно увезена од Италија), способна да создава брзи и впечатливи сценски ефекти.

Театарот во Франција пред Молиер бил посериозен и потрадиционален, а комедијата и сатирата морале суптилно да се изведуваат за да бидат прифатени од публиката. Молиер целосно го игнорирал тоа и го револуционизирал театарот, претворајќи го во простор каде што реализмот се прикажува преку комедија, танц и музика. Да не била храброста на Молиер, можеби современиот театар и денес би бил толку сериозен како некогаш. Историски личности како Молиер нè потсетуваат дека човек мора да биде храбар и решителен за да ги менува традициите и обичаите, како и да биде уверен дека творештвото што го создава ќе остане запаметено во историјата.

Најпознати дела

Главните кратки драми на Молиер (во еден или два чина) се: „Љубоморниот сопруг“ (1645?), „Летечкиот доктор“ (1648?), „Сганарел“ (1660), „Пробата во Версај“ (1663) и „Присилниот брак“ (1664);

Подолгите драми (во три или пет чина) ги вклучуваат „Училиштето за мажи“ (1661), „Училиштето за жени“ (1662), „Тартиф“ (1664), „Дон Жуан“ (1665), „Мизантроп“ (1666), „Амфитрион“ (1668), „Скржавецот“ (1668), „Жорж Данден“ (1668), „Граѓанинот-благородник“ (1670), „Скапин“ (1671), „Учените дами“ (1672) и „Вообразениот болен“ (1673).

Дополнители извори

Во продолжение погледнете и едно кусо документарно видео на France 24, во кое се прикажани главните места од животот на Молиер и во кое експерти зборуваат за неговото уметничко наследство:

Извори и референци:

Извор 1.
Извор 2.
Извор 3.

Leave a comment