Три книги од македонски авторки што треба да ги прочитате!

Македонската книжевност e релативно млада, но е навистина разновидна, интересна и квалитетна. Покрај авторите и авторките што ја изградија современата македонска книжевност, во последниве две децении се појави нова и свежа крв која нуди алтернативни приказни, интересни размислувања и нуди и забава за читател(к)ите, но истовремено ги поттикнува да размислуваат за животот, за односите со себеси и другите луѓе, за општествените околности и неправди и сето она што го формира и дефинира нашето човечко постоење во ова време во кое живееме. Токму затоа и треба почесто да промовираме книги од наши автори и да го поддржуваме автентичното македонско творештво. Денес на блогот можете да прочитате препораки за три книги од македонски авторки, отстапувајќи малку повеќе простор и на писателките кои создаваат одлични дела. Сите три книги се во издание на „Или-Или“.

Каде леташ, Јулија?“ – Хана Корнети

Хана Корнети е дел од новата генерација автори и авторки во Македонија кои цврсто но сигурно го пронаоѓаат својот глас и зборуваат на јазикот на новата генерација истражувајќи ги темите кои истовремено се универзални и човечки, но сепак специфични за генерациите кои сега стапуваат во оној „возрасен свет“ кој им беше ветуван дека ќе биде прекрасен, но кога влегуваат во него, им треба време да се прилагодат и сфатат дека „возраснувањето“ и не е баш толку гламурозно колку што изгледа. „Каде леташ, Јулија?“ е нејзината втора збирка раскази по одличната дебитантска збирка „Млечни заби“ и во неа јасно се гледа прогресот и созревањето.

„Каде леташ, Јулија?“ е многу шармантна и интересна збирка која дополнително го потврдува нејзиниот развој како авторка, но и внесува разноликост во темите што ги обработува. Дополнително голем дел од расказите навлегуваат и во еден вид на магичен реализам и надреалност, кои ве пренесуваат во друг свет, но се суштински втемелени во реалноста. Но, преку одредени надреални и апсурдни и несекојдневно поставено ситуации се откриваат секојдневни маки, размислувања, копнежи. Расказите се интелектуално разиграни и кога ќе навлезете речиси можете да чуете и едно егзистенцијално ехо кое ве предизвикува да размислите на односите со вашите родители, со себеси, со досадните телефонски промоции, со фризерите, другите луѓе. Надреалноста е една алатка за критика на реалноста, а апсурдноста само ги истакнува секојдневните банални небаналности со кои се соочуваме. Покрај тоа, она што многу ми се допаѓа во оваа збирка и генерално во стилот на Хана Корнети е природниот дијалог меѓу ликовите, толку секојдневен, топол, остроумен и полн со хумор.

Светот што го избрав“ – Калина Малеска

Романот што беше прогласен за „Роман на годината“ за 2024 година е книга што може да се прочита во едно седнување. Тоа е приказна за една жена која со единствената своја заштеда купува запуштен подрум од една куќа, откако одлучува да го напушти сопругот и да започне нов живот. Иако навидум тивка, мирна и дури пасивна, таа сепак собира храброст да сврти сосема нов лист. Но, тоа не може да биде лесно, бидејќи таа нема ништо – ниту пари, ниту работа, а нема ни којзнае каква поддршка од околината. Таа е сосема оставена на себе. Во меѓувреме прифаќа хонорарна работа во комисија за проценка на учебници – задача што на почетокот изгледа како „завршена работа“. Но ситуацијата се усложнува кога членовите на комисијата решаваат да го стават сопствениот интегритет пред притисоците и очекувањата.

Дополнително, ние ги доживуваме сите тие околности преку внатрешниот монолог и нејзините мисли. Се запознаваме со членовите на комисијата во кои секој ќе препознае одреден архетип на луѓе во одреден колектив, како и динамиката помеѓу тие ликови. Тоа е поставено наспроти дел од ликовите што се појавуваат поврзани со подрумот каде што живее. Истовремено гледаме како полека таа излегува од својот оклоп, го пронаоѓа својот глас и место во овој нов свет. Романот има една тивка и меланхолична атмосфера, но го држи вниманието од почетокот до крај и го наведува читателот на една сопствена интроспекција. Ова е одлична приказна за тоа дека сме многу повеќе од нашите околности и дека понекогаш токму тивката храброст и цврстиот карактер се она што ни помага да се избориме и да изградиме и создадеме сопствен свет.

Фобос“ – Соња Станковска

„Фобос“ е дебитантска книга на Соња Станковска која ве зграпчува уште од првата страница и нема да ве држи место додека не ја прочитате и последната страница. Се работи за еден многу иновативен роман што низ низа меѓусебно поврзани раскази го истражува стравот како суштинска човечка состојба. Иако многумина можеби ќе помислат дека се работи за збирка-раскази, сепак секој расказ е едно делче од мозаикот и сите тие заедно формираат една целина, олицетворена преку сеприсутниот ФОБОС. Фобос е насекаде, се јавува во различни форми, често и човечки – но тој е нишката што ги поврзува сите овие ликови кои не се познаваат меѓу себе. Оваа книга многу вешто го истакнува фактот дека стравот е чувство, но истовремено е и владетел и мачител, оној кој понекогаш ги носи одлуките наместо нас.

Ликовите се соочуваат со различни облици на страв – од технолошки и цивилизациски, преку интимни и психолошки, до егзистенцијални. Современото општество, со своите пронајдоци и постојани преобразби, станува простор во кој човекот истовремено создава и се плаши од сопствените творби, но и она што особено ми остана како слика беше навраќањето назад во времето гледајќи како стравот од новите пронајдоци е секогаш присутен, а аргументите речиси и не се менувале со времето – дури и денес се користат слични аргументи како што се користеле пред неколку векови. Со суптилен, но продорен стил, Станковска покажува дека стравот не е секогаш парализирачки, понекогаш тој е огледало во кое човекот најјасно се гледа себеси, надвор од маските што секојдневно ги носиме и улогите што ги играме. Дополнително она што исто ми остави голем впечаток е тоа што многу јасно нѐ потсетува дека стравот не е само паника, вриштење, пискање и губење глава – понекогаш тој е толку тивок што едноставно нѐ јаде одвнатре, нѐ гризе, нѐ мачи, а понекогаш не сме ни свесни за тоа.

Leave a comment