Дали уметноста го имитира животот или животот ја имитира уметноста? Во случајот на Шекспир, често важи првото. Љубовници со трагична судбина, сенатори кои меѓусебно си забодуваат нож во грб и интригантни владетели не се само плод на умот на Бардот. Некои од неговите најпознати ликови биле инспирирани од вистински легенди од нивното време. Иако ликовите како Отело и Просперо се измислени, а нивните магични или трагични постапки уште повеќе, Шекспир често позајмувал од реалниот свет, па неколку негови водечки машки и женски ликови го одразуваат тоа. Како што самиот Шекспир напишал: „Целиот свет е сцена, а сите мажи и жени се само актери“, и во овој случај, реалниот живот го обезбедил сценариото. Во продолжение прочитајте за пет ликови инспирирани од кралеви, кралици и генерали кои добиле втор живот на сцената на Шекспир, во текст пренесен од електронскиот портал Mental Floss.

(сцена од „Хамлет“, слика на Eugène Delacroix, 1839 година/извор: Википедија)
Хамлет
Пред да размислува околу тоа „да се биде или не“, Хамлет веќе имал свои корени во историјата. Создавањето на Принцот од Данска е инспирирано од фигура чиј живот бил речиси толку драматичен колку и самата театарска претстава. Станува збор за Амлет, викиншки принц од средновековна Данска. Според легендата, чичкото на Амлет го убил неговиот татко за да ја преземе круната, принудувајќи го младиот принц да се прави луд додека ја планира својата одмазда. Неговата приказна е полна со лукави трикови, опасни ситуации и смртоносни семејни интриги – токму оној хаос што подоцна ќе ја дефинира трагедијата на Шекспир „Хамлет, принцот од Данска“.
Повеќето од она што се знае за Амлет доаѓа од „Дела на Данците“ на Саксо Граматикус, хроника од 13 век за данската историја и легенди. Приказната на Саксо вклучува убиство, лукави планови и лажната лудост на Амлет и тоа го обликувало моделот за Хамлет на Шекспир. Варијации на приказната се среќаваат и во митови од многу различни култури, покажувајќи дека приказните за лукави принцови и смртоносни семејни интриги ги фасцинирале луѓето со векови. Додека историчарите дебатираат околу тоа колку од приказната е факт, а колку легенда, семето на трагичниот херој на Шекспир очигледно веќе било засадено во викиншките преданија.
Шекспир се инспирирал од Амлет на Саксо и го претворил во сложена, филозофска фигура која размислува за животот, смртта и моралот. Многу други ликови во Хамлет, исто така, ја одразуваат историската архетипизација: кралот Клавдиј како интригантски владетел, кралицата Гертруда како кралска личност вплеткана во политички мрежи и Полониј како вмешан советник на дворот. Што се однесува до крајот на приказната, смртта на вистинскиот Амлет била малку помалку театрална. Додека Хамлет на Шекспир го завршува животот со отровен меч, легендарниот викиншки принц, според приказните, преживеал доволно долго за да го одмазди татка си и да ја преземе круната. На историјата, изгледа, не ѝ е потребен меч и драматичен дуел за да биде фасцинантна.
Макбет
Главниот лик од трагедијата на Шекспир „Макбет“ исто така е заснован на вистинска личност: кралот Макбет, кој владеел со Шкотска од 1040 до 1057 година. Далеку од убиствениот тиран на сцената, тој изгледа дека бил фер и способен владетел, одржувајќи го редот во државата и поттикнувајќи го христијанството. Кралот на Шкотите водел успешни кампањи во Англија и дури патувал во Рим за папската јубилејна прослава. Шекспировиот Макбет е човек воден од пророштво и амбиција, но историскиот крал имал сосема поинаков пат до круната. Во драмата, амбицијата на Макбет е поттикната од пророштвото на вештерките дека ќе стане крал. На вистинскиот Макбет не му било потребно никакво натприродно поттикнување: тој веќе имал легитимно право на круната преку својата крвна линија, а бракот со Груоч, внука на поранешен крал, дополнително ја зацврстило неговата власт.
И додека убиството на кралот Данкан во претставата е драматизирано како тајна и испланирана акција изведена од Макбет и леди Макбет во неговиот кревет, историскиот крал го завршил животот на бојното поле. Во август 1040 година, Макбет го убил кралот Данкан во битка близу Елгин, обезбедувајќи ја круната истата година, што било помалку театрално од верзијата на Шекспир, но не и помалку значајно.
Ричард Трети
Ричард Трети на Шекспир можеби е еден од најголемите негативци во книжевноста, но реалниот човек бил многу повеќе од згрбавен сплеткар. Како последниот крал на Англија од династијата Јорк, тој владеел од 1483 година сѐ до својата смрт во Битката кај Босворт во 1485 година, со што завршила Војната на розите и започнало владеењето на Тјудорите.
Во претставата „Ричард III“, Шекспир го прикажува како згрбавен, манипулативен сплеткар подготвен да убие секого за да ја освои круната. Во реалноста, Ричард бил способен политичар и воен лидер. Тој ја презел власта по смртта на својот брат Едвард IV и мистериозното исчезнување на неговите внуци, кои денес се познати како „Принцовите во Кулата“, иако историчарите дебатираат за неговата вмешаност во нивната смрт. Дополнително, тој спровел правни реформи и се обидел да ја стабилизира државата уништена од граѓанска војна.
Шекспировото нагласувањето на лошотијата и физичката деформација на Ричард повеќе се должи на пропагандата на Тјудорите отколку на факти – единствената негова вистинска аномалија била сколиозата, поради која едното рамо му било малку повисоко поставено од другото. Шекспир ја засилил негативната страна на Ричард не само за драматичен ефект, туку и за забавување на публиката и за зацврстување на легитимитетот на Тјудорите, претворајќи еден способен, но амбициозен, крал во еден од најпознатите историски сценски негативци.
Јованка Орлеанка
Жана ла Пусел, позната како Јована Орлеанка, била селанка чиј живот станал легенда. Родена во Домреми, Франција, на почетокот на 15 век, таа тврдела дека слуша божествени гласови кои ја повикуваат да ги предводи француските сили против Англичаните во Стогодишната војна. Со храброст и остроумни стратешки инстинкти, таа ги инспирирала трупите, ги кренала опсадите и помогнала во освојување клучни победи за Франција. Нашето знаење за Јованка доаѓа главно од записи од судењата и современи хроники, вклучувајќи сведоштва од поддржувачи и противници. Овие извори го документираат нејзиното видение, кампањите, како и заробувањето и погубувањето кога имала само 19 години. Иако некои чудесни наводи сѐ уште се дебатираат, нема ни грам сомнеж за нејзиното извонредно влијание за толку краток период.
Нејзиниот лик бил инспирација за Шекспир, па така во „Хенри VI“, ликот Жана ла Пусел е всушност Јована Орлеанка, прикажувајќи ја како огнена, речиси натприродна фигура. Во претставата, Јованка првично се појавува како вешта и почитувана воинка, но на крајот завршува како карикатура на англиските навредливи стереотипи: вештерка која повикува демони и лик чиј контрадикторен говор ја поткопува нејзината веродостојност. Овие избори повеќе ја одразуваат англиската пристрасност отколку историската реалност. Во реалноста, Јованка не ја добила војната самостојно, но нејзината цврстина и инспиративно лидерство биле клучни за мобилизирање на француските сили и за обликување на текот на историјата.
