Доколку сте писател(к)а со замислен концепт и напишан (неиздаден) роман, имате можност да се пријавите на осмиот конкурс за наградата „Пегаз“ за најдобар необјавен роман во 2026 година! Рокот на испраќање на ракописите е до 1 јуни 2026 година, а добитникот на наградата, востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“ во соработка со Фондацијата за унапредување и промоција на културните вредности „Славко Јаневски“, ќе биде објавен на 2 септември оваа година.
Како што е наведено во соопштението, целта на наградата „Пегаз“ е откривање нови писателски гласови што ќе придонесат за поддржување на македонската книжевна продукција, особено романот како таков. Наградата е востановена во 2019 година и е замислена како продолжение на етаблираната награда „Роман на годината“, што ја доделува Фондацијата „Славко Јаневски“ за најдобар објавен роман на годината.

Во поглед на критериумите и оценување, конкурсот е отворен за сите необјавени романи (ракописи) за возрасни, напишани на македонски јазик и кирилично писмо, а автор(к)ите на ракописите треба да ги достават на електронската пошта pegaz@arslamina.com, во Word или PDF формат. Ракописите ќе ги оценува тричлена жири-комисија составена од двајца реномирани културни работници и еден претставник од издавачката куќа, чијшто состав ќе биде објавен дополнително.
Досегашни добитници на наградата „Пегаз“ се романите: „Насон прочитана книга“ од Соња Манџук (2019), „Мртвите знаат најдобро“ од Владо Јаневски и „Лазарка“ од Љупчо Петрески (2020), „Хотел меѓу две војни“ од Александар Русјаков (2021), „Зелениот дворец“ од Сибо (2022), „Риба во(н) мрежа“ од Јована Матевска Атанасова (2023) и „Ехото на акробатите“ од Владимир Јанковски (2024) и „Кривата Дијана“ од Фросина Пармаковска (2025).
Во соопштението „Арс Ламина“ се наведува и дека годинешното издание на наградата „Пегаз“ е поддржано од Министерството за култура, а наградата „Пегаз“ е откупна и се состои од паричен износ од 90.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција.
