Марио де Андраде (1893-1945) е бразилски писател и многумина го сметаат за основоположник на модерната бразилска поезија. Како централна фигура на авангардата, имал огромно влијание врз градењето на современата бразилската уметност. Во чест на авторот на дела како „Разбеснетата Паулисеја“ (1922), „Да се љуби, непреоден глагол“ (1927) и „Макунаима“ (1928), списанието „Галилеу“ преку текстот на Лариса Лопес се потсетува на неколку интересни факти за неговиот живот.

(извор: Carta Capital)
Бил еден од авангардистите на бразилскиот модернизам
Инспириран од европскиот модернизам, Марио де Андраде, заедно со Анита Малфати, Тарсила до Амарал, Освалд де Андраде и Меноти дел Пикија ја организирале Неделата на модерната уметност во 1922 година. Заедно станале познати како „Петмината“. Андраде го поддржувал и антропофагиското движење, особено откако во неговиот дом, Освалд де Андраде првпат го прочитал „Антропофагискиот манифест“, кој ја критикувал културната зависност на Бразил.
Се посветил на музиката…
Покрај неговиот признат талент за книжевност, Марио бил и голем познавач на музиката. Во 1911 година се запишал на Драмскиот и музички конзерваториум во Сао Паоло, каде подоцна и предавал. Првично сакал да стане пијанист, но по смртта на неговиот брат Ренато, кој имал 14 години, почнале да му треперат рацете, па се насочил кон книжевноста. Сепак, продолжил да студира музичка теорија и пеење и во 1928 година го објавил делото „Есеј за бразилската музика“, кое инспирирало некои од најголемите композитори на современата бразилска музика, како Хеитор Вила-Лобос и Камарго Гуарниери.
…и на фотографијата
Помеѓу 1923 и 1931 година, Марио се занимавал и со фотографија. Со својот фотоапарат „Кодак“ ја доловувал суштината на историските градови во Минас Жераис и пејзажите на Сао Паоло, сето тоа низ модернистичка перспектива.
Работел во државна служба и создавање јавни политики
Помеѓу 1935 и 1938 година, Марио бил раководител на Одделот за култура на општината Сао Паоло, каде бил одговорен за проекти поврзани со Општинската библиотека (денес наречена Библиотека „Марио де Андраде“), Јавната фонотека и градските паркови. Во овој период ја создал и иницијативата што подоцна довела до основање на Националната служба за историско и уметничко наследство, која подоцна станала автономен Институт за заштита на културното наследство при Министерството за култура. Во 1938 година станал директор на Институтот за уметности на денешниот Државен универзитет во Рио де Жанеиро.
Целиот живот ја потиснувал својата сексуалност
Во 2015 година, преку барање поднесено од новинарот Марсело Бортолоти, кој тогаш работел за списанието „Época“, врз основа на Законот за пристап до информации, Генералниот контролен орган на Унијата одлучил да објави едно писмо од Марио де Андраде до Мануел Бандеира. Од 1995 година, Фондацијата „Куќата на Руи Барбоса“ одбивала да го објави писмото, бидејќи во него Марио му ја признава својата хомосексуалност на пријателот. Писателката Рашел де Кеирос ја спомнала хомосексуалноста на колегата во својата автобиографија, каде ги потврдила предрасудите со кои се соочувал Марио. Новинарот Џејсон Терсио, кој напишал биографија за Марио, смета дека поетот всушност бил бисексуален, бидејќи бил платонски заљубен во Тарсила до Амарал.
Се појавил на банкноти
Во 1993 година, Марио де Андраде се појавил на банкнотите од 500 илјади крузеира, непосредно пред валутата да биде укината. Ова признание содржело повеќе референци на неговото творештво, вклучувајќи ја фотографијата „Мојата сенка“ и последниот стих од поемата „Јас сум триста“.
Неговото творештво е во јавниот домен
Од 1 јануари 2016 година, целокупното творештво на Марио де Андраде е во јавниот домен. Тоа значи дека може слободно да се објавува, копира, адаптира и репродуцира. Во Бразил, едно дело влегува во јавниот домен откако ќе се навршат 70 години од смртта на авторот.
