Деновиве сме сведоци на многу дискусии околку филмот „Оркански височини“ од режисерката Емералд Фенел кој е заснован на еден од најпознатите романи на сите времиња. Филмот ги полни кино салите ширум светот, но и предизвикува жестоки дискусии и критики од обожавател(к)ите на филмот, како и филмските критичар(к)и и академици. Но, се чини дека тоа го поттикна и интересот за самиот роман (што секогаш е добро, без оглед на тоа што мислите за филмот!) на Емили Бронте, но и за книгите на нејзините сестри – Шарлот и Ен Бронте, како и желбата да се направат повеќе екранизации на основа на нивните романи.
Според популарното списание „Варајети“, британската актерка Ејми Лу Вуд ќе ја толкува главната улога во нова телевизиска екранизација на романот „Џејн Ер“ од Шарлот Бронте, во продукција на британската компанија „Working Title“. Како што пренесува списанието, по успехот на филмската верзија на „Оркански височини“ во режија на Емералд Фенел, интересот за делата на сестрите Бронте повторно е во подем. Новата серија ќе биде заснована на класичниот роман од 1847 година, кој во своето време се сметал за револуционерен поради нарацијата во прво лице и начинот на кој ги обработува темите на класните разлики, сексуалноста и женската независност.

(извор: Deadline)
Сценариото го пишува Миријам Бати, позната по работата на серијата „Следоред“ („Succession“), а во тек се напредни разговори со британски телевизиски радиодифузер за приклучување кон проектот.
„Џејн Ер“ ја следи животната приказна на истоимената хероина, нејзиното созревање и љубовта кон мистериозниот и повлечен господин Рочестер. Последната позначајна екранизација наменета за малите екрани беше објавена во 2006 година со Рут Вилсон во главната улога, додека во филмската верзија од 2011 година, во режија на Кери Џоџи Фукунага, Миа Васиковска и Мајкл Фасбендер ги толкуваа главните улоги.
Ејми Лу Вуд стана позната со улогата во серијата „Сексуално образование“ на Нетфликс, а дополнително привлече внимание со нејзината глума во последната сезона на „Белиот лотос“, каде глумеше покрај Волтон Гогинс. Таа улога ѝ донесе признанија од критиката и публика, како и номинации за наградите Еми, Златен глобус и САГ.
„Working Title“ во моментов работи и на филмската екранизација на „Разум и чувствителност“ од Џејн Остин, со Дејзи Едгар-Џонс во главната улога. Компанијата стои зад низа успешни романтични комедии како „Љубовта, всушност е...“, серијалот за Бриџит Џонс, „За времето“, обожаваната екранизација на „Гордост и предрасуди“ од 2005 година со Кира Најтли и екранизацијата на „Ема“ од Џејн Остин со Ања Тејлор-Џој. Нивната последна телевизиска продукција беше серијата „Премногу“ на Нетфликс, создадена од Лена Данам.
Веста за екранизацијата и изборот на Вуд првично ја објави „Дедлајн“.
