Кога ќе се спомне името на Виктор Иго, најчесто помислуваме на легендарниот автор на „Клетници“ и на борецот за социјална правда, член на француското Национално собрание, застапник на бесплатно образование, застапник за искоренување на сиромаштијата и смртната казна. Но, како што потсетува Маријана Хант во текст за „Гардијан“, зад генијот стоел далеку покомплексен, ексцентричен, па дури и скандалозен човек.

(извор: Liphart, Ernst Friedrich von/Manche Tourism)
Монумент на зачнувањето
На француската планина Мон Донон и денес постои камен-блок што го означува местото каде што бил зачнат Иго. Во мај 1801 година, неговите родители, мајорот Иго и сопругата, престојувале таму. Во 60. години на 2о век, еден музејски кустос решил да го обележи токму тоа место. Секако, самиот Иго не можел без митологија: планината ја претворил во романтична легенда – келтското светилиште станало „римски храм на љубовта“, а Мон Донон, според неговото раскажување, се преобразил во далеку погламурозниот Мон Блан. Дури тврдел дека мајка му била полу-дивa Амазонка (иако всушност била родена во Нант).
Опсесија со сексот
Според текстот на „Гардијан“, Иго веројатно бил „најплодниот сексуален зависник на XIX век“. Тој самиот се фалел дека првата брачна ноќ со Адел Фуше имале односи девет пати. Таа, според наводите, подоцна изгубила интерес за интимноста, но Париз од XIX век имал доволно бордели за Иго да не остане „без инспирација“. Интересно е што, кога починал, легендата вели дека париските бордели наводно во негова чест ги затвориле своите врати во тек на еден ден, за сексуалните работнички да му оддадат почит на „верниот клиент“. Критичарот Едмон де Гонкур запишал дека дури имало и приказни за црни креп-ленти како знак на жалост. Парадоксално, во виетнамската религија Као Дај, Иго е почитуван како светец.
Човекот што сакал да биде во центарот на случувањата
Иго сакал забави – наводно речиси секоја вечер приредувал вечери за околу 30 гости. Тој дури имал и негов популарен трик што го извадувал на забави. Тој најпрво ставал цел портокал во уста, потоа додавал коцки шеќер, сè мешал, испивал две чаши кирш и голтал. Но уште повеќе од забавите, сакал слава. Во староста живеел на улица што била преименувана во авенија „Виктор Иго“, па писмата му пристигнувале адресирани до „Господин Виктор, во својата авенија, Париз“. Петнаесет години живеел на островот Гернзи, каде што го напишал најголемиот дел од „Клетници“. Толку бил обожаван што обожаватели собирале камчиња на кои тој стапнал. На своите вечери објаснувал зошто е супериорен во однос на Балзак, Расин и сите други француски писатели. Во 1881 година, по повод неговиот 80. роденден, 26 февруари бил прогласен за национален празник; биле укинати училишните казни, а 600.000 луѓе продефилирале пред неговата куќа.
Борецот за сиромашните – но никогаш сиромашен
При преговорите со издавачот за „Клетници“, Иго изјавил дека сака да биде платен повеќе од кој било писател дотогаш. Според биографот Давид Белос, тој добил 300.000 франци – сума што денес би изнесувала околу 3 милиони фунти, и која сè уште се смета за една од највисоките исплати за книжевно дело. Романот бил толку очекуван што работници ределе колички пред книжарниците, купувале примероци и ги препродавале за профит – ироничен пресврт во однос на социјалната порака на делото.
Пишувал гол за да не дозволи развлекување при пишувањето
Позната е анегдотата дека додека пишувал, Иго се затворал во својата работна соба со пенкало и хартија – и без облека. Според повеќе извори, им ги предавал алиштата на слугите со наредба да не му ги враќаат додека не заврши поглавје. Неговата сопруга запишала дека додека го пишувал романот „Богородичната црква во Париз“, купил огромен сив шал во кој се замотувал од глава до пети, ги заклучувал свечените алишта за да не биде искушуван да излезе и „влегол во романот како во затвор“. Бил многу тажен – но дисциплиниран.
