Џон Стајнбек е еден од најпопуларните автори на 20 век, познат по своите вешти општествени коментари и по разбирањето на животот на обичниот човек. Роден на 27 февруари 1902 година, оваа книжевна фигура е запаметена по романите како „За глувците и луѓето“ (1937) и „Плодовите на гневот“ (1939), како и по избрани нефикциски дела и сценарија. Еве 12 факти за животот и кариерата на Стајнбек. пренесени преку забавниот портал „Mental Floss“.

(извор: Mental Floss)
Калифорниската долина Салинас силно влијаела врз творештвото на Џон Стајнбек
Стајнбек е роден во Салинас, Калифорнија, и го користел регионот како место на дејство за многу од своите книги, вклучувајќи ја и збирката раскази „Долгата долина“. Салинас има уште поголема улога во „Источно од рајот“ (1952), која Стајнбек ја нарекол „речиси автобиографија на Долината“.
Имaл среќно детство
Според веб-страницата на Куќата на Стајнбек, Стајнбек пораснал во семејство со „скромни можности“ и бил трето од четири деца (имал две постари и една помлада сестра). Неговиот татко, Џон Ернст Стајнбек, работел различни работи во текот на животот, a меѓу останатото едно време бил и сопственик на продавница за сточна храна, како и управител на фабрика за брашно, а неговата мајка, Олив Хамилтон Стајнбек, била домаќинка и поранешна учителка. Стајнбек, кој решил да стане писател уште на 14 години, бил сериозно болен неколкупати во младоста – најпрво на 16 години заболел од плеврална пневмонија, а следната година му било отстрането слепото црево.
По завршувањето на средното училиште во 1919 година, Стајнбек студирал на Универзитетот Стенфорд (каде неуспешно се обидел да се запише на курс по дисекција на човечкото тело), повремено посетувајќи настава сè додека конечно не се отпишал во 1925 година. Според „Индепендент”, неговиот татко, кој тогаш работел како благајник на округот Монтереј, во 20. години на 20 век му давал месечен додаток од 50 долари. Куќата во која пораснал и во која семејството Стајнбек се вселило во 1900 година, во 1974 година била прилагодена и станала ресторан исполнет со сувенири поврзани со Стајнбек.
Стајнбек најверојатно го напишал својот прв роман додека работел како чувар на имот кај езерото Тахо
По напуштањето на Универзитетот Стенфорд, Стајнбек работел како чувар на луксузниот имот „Каскејд Истејтс“ на калифорниската страна од езерото Тахо, во близина на планината Талак. Додека работел и живеел на имотот, нашол време да ја заврши својата прва книга, „Чашата од злато“, која била објавена во 1929 година. Историскиот роман е лабаво заснован на нападот на пиратот Хенри Морган врз Панама Сити во 17 век.
Стајнбек напишал (но никогаш не завршил) книга заснована на кралот Артур
Како дете, Стајнбек бил воодушевен од артуријанските приказни за витештво, авантура и чест, и кога почнал да создава сопствени дела, како „Рамна тортиља“ (1935), позајмувал многу од заплетите и темите што го дефинирале делото „Смртта на Артур“ (Le Morte d’Arthur) од Томас Малори. Во 1958 година, Стајнбек дури започнал да ги прераскажува приказните на Малори во „Делата на кралот Артур и неговите благородни витези“, кои биле наменети за современа публика. Но, до 1959 година, авторот го напуштил проектот и никогаш не го завршил. Во 1976 година, недовршениот ракопис бил објавен постхумно и може да се најде и денес.
Кучето на Стајнбек го изело оригиналниот ракопис на „За глувците и луѓето“
„Кучето ми ја изеде домашната задача“ е веројатно најстарото оправдување на светот, но кај Стајнбек тоа било вистина. Една вечер, откако било оставено без надзор, неговото сакано ирско сетарче, Тоби, решило да ја изгризе првата половина од ракописот за „За глувците и луѓето“. За среќа, Стајнбек многу ги сакал кучињата, па мирно го прифатил настанот и следните два месеца ги поминал преработувајќи го делото. „Бев прилично лут, но кутрото малечко можеби постапило критички,“ напишал Стајнбек за настанот.
Стајнбек патувал во Мексико со морски биолог, што резултирало со делото „Морето Кортес“
Во 1940 година, Стајнбек тргнал да го истражува Калифорнискиот Залив, познат и како Морето Кортес, заедно со својот добар пријател и морски биолог Ед Рикетс. За време на шестнеделното патување, двајцата воделе детални белешки за своите откритија, вклучувајќи го и пронаоѓањето на повеќе од 50 нови морски видови. Двајцата го објавиле патеписот во делото „Морето Кортес“ кратко по враќањето, со наративен дел од Стајнбек и список на видови од Рикетс. По смртта на Рикетс во 1948 година, Стајнбек повторно го објавил делото како „Дневникот од Морето Кортес“ кое го содржело само наративниот дел, со дополнителен омаж на Рикетс на крајот.
Работел како воен дописник за време на Втората светска војна
Во јуни 1943 година, Стајнбек бил ангажиран од „Њујорк Хералд Трибјун“ да помине неколку месеци известувајќи за војната во Европа. Но, наместо да опишува битки и воена логистика, Стајнбек пишувал за човечките приказни на војниците зад војната. Некои од нив вклучуваат човек кој се плашел дека сопругата повеќе нема да го сака поради повредената рака („Морам да ја оспособам таа рака. Таа не би сакала инвалид со рака што не работи,“ наводно му рекол војникот на Стајнбек) и американски трупи кои саделе домашен зеленчук во Англија за да ја ублажат носталгијата.
Стајнбек напишал текст за списанието „Esquire“ во одбрана на Артур Милер за време на истрагата на Комитетот за неамерикански активности
Откако драматургот Артур Милер одбил да открие имиња на осомничени комунисти за време на истрагата на Комитетот за неамерикански активности на Претставничкиот дом (HUAC) во 1956 година, бил изведен пред суд и во мај 1957 година бил прогласен за виновен за непочитување на Конгресот. Откако дознал за казната на Милер, Стајнбек напишал текст со наслов „Судењето на Артур Милер“ за изданието на „Esquire“ од 1 јуни 1957 година. Во есејот, Стајнбек го изразил своето незадоволство од наметливата и шпекулативна природа на HUAC, нарекувајќи го судењето „една од најчудните и најзастрашувачките дилеми со кои некогаш се соочиле еден народ и една влада“. Тој бил една од ретките јавни личности што тогаш застанале во одбрана на Милер.
Стајнбек имал длабока љубов кон моливите
Иако машината за пишување постои уште од 70. години на 19 век, Стајнбек претпочитал да ги пишува своите приказни со молив и секогаш имал голем сет од наострени моливи додека работел. Бил и многу пребирлив околу својот омилен инструмент за пишување: наводно ги мразел жолтите моливи и работел само со долги, округли и црни моливи со цел да избегне одвлекување на вниманието. Според неговиот син Томас, тој секој ден пред пишување острел 24 моливи и наводно знаел да употребува и до сто моливи во тек на еден ден.
Стајнбек бил номиниран за три Оскари
Со опус како оној на Стајнбек, не е изненадување што ја добил Пулицеровата награда во 1940 година за „Плодовите на гневот“ и Нобеловата награда за книжевност во 1962 година. Но, во текот на кариерата бил номиниран и за три Оскари. Во 1944 и 1945 година бил номиниран за најдобро оригинално сценарио за неговата работа на филмовите „Чамец за спасување“ на Алфред Хичкок и „Медал за Бени“ на Ирвинг Пикел. Во 1952 година бил номиниран за сценариото за „Да живее Запата!“.
Сосема е веројатно дека „Патувањата со Чарли“ во најголем дел биле измислени
Стајнбек ја објавил книгата „Патувањата со Чарли: Во потрага по Америка“ во 1962 година, по патување низ САД со својата пудлица Чарли. Книгата постигнала голем успех и набрзо се нашла на листата на бестселери на „Њујорк Тајмс“ за нефикција. Сепак, во 2011 година, новинарот од Питсбург, Бил Штајгервалд, напишал текст за списанието „Ризон“ во кој тврдел дека ја повторил рутата на Стајнбек и открил бројни недоследности во книгата, вклучувајќи и тоа дека Стајнбек би можел да помине делови од патувањето само ако можел „да го турне својот кампер „Роцинанте“ до суперсонични брзини“. Подоцна, синот на Стајнбек, Џон, се согласил, велејќи: „Тој само седеше во својот кампер и го пишуваше сето тоа.“
Џ. Едгар Хувер често сакал да го контролира Стајнбек
Џ. Едгар Хувер ја започнал својата кариера во спроведувањето на законот со пронаоѓање и депортирање комунисти како помошник на јавниот обвинител на САД во почетокот на 20 век. Подоцна, како директор на ФБИ, Хувер ја продолжил својата антикомунистичка кампања, а Стајнбек бил меѓу оние за кои се сомневал дека имаат симпатии кон „црвената закана“. Но, според синот на Стајнбек, Хувер не можел да најде докази за да го изведе авторот пред суд, па наместо тоа ја користел својата моќ за да ѝ нареди на Даночната служба секоја година да ги проверува даноците на Стајнбек „само за да го нервира политички“.
