„Тринаесеттиот“ е најновиот роман на македонската писателка Лидија Димковска, кој неодамна беше објавен во издание на издавачкиот центар „ТРИ“. Во најавата за настанот се потенцира дека „Лидија Димковска веќе ги освои домашните читатели и многумина се огласија за значењето на овој роман. Билјана Црвенковска го означи како „роман што ќе ве изненади во секој поглед“, а Анита Бошкова Доковска го нарече „роман што раѓа романи“.“

Со цел македонската публика подобро да се запознае со романот, во понеделник (2 март), со почеток од 19 часот, „Јуроп хаус“ во Скопје, ќе се одржи промоција на романот.
Како што се наведува во официјалната најава, на настанот „Скопје ќе се претвори во висококатница во која живеат месеците. Се запознаваме со „Тринаесеттиот“, новиот роман на Лидија Димковска што носи книжевна магија за деца и млади, а не се изоставени ни возрасните. Наменет за сите што сакаат да се насмеат, да се замислат, а на крај да откријат дека светот може да го смени една приказна.“
На промоцијата ќе учествува и Весна Мојсова-Чепишевска која ќе даде осврт на романот, а присутните ќе имаат можност и да поразговараат со авторката Димковска. Во најавата е наведено дека на промоцијата ќе има и изненадувања, „но најголемото од нив се случува кога ќе стигнете до последната точка“.
